Жарко Лаушевиќ: Не сакам кога љубовта ме боли

Точка

28/09/2017

17:12

2.732

Големина на фонт

а а а

Скопје ќе ја има честа да биде домаќин на еден од најголемите актери од поранешните југословенски простори Жарко Лаушевиќ чија интригантна животна приказна, во екот на неговата кариера, го оттргна од регионот.

По неколкуте успешни автобиографски романи тој полека, но сигурно се враќа на филмското платно и театарската сцена, а ќе ја имаме и можноста да го видиме лично во Скопје каде ќе биде специјален гостин на фестивалот на дебитантски филмови „Киненова“, кој ќе се оддржи од 6-ти до 11-ти октомври. Како ни откриваат организаторите поводот за неговото гостување е врачувањето на Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност. Ја искористивме можноста да поразговараме со него на сите прашања кои досега сме сакале да му ги поставиме а не сме имале можност...

Точка: Пред сè би сакале да ви посакаме добредојде во Македонија и да ви изразиме огромна чест што сте дел од фестивалот „Киненова“ и наш гостин. Налик на пријатели кои одамна не се виделе би сакала скромно да го започнам разговорот со едно: Како сте вие и вашето семејство?

И мене ми претставува огромна чест што по толку години сум во Македонија и тоа за еден ваков повод како што е фестивалот. Добро сме, благодарам. И моето семејство и јас.

Точка: На едно место прочитав дека после 24 години отсуство на театарската сцена повторно ќе се активирате и ќе станете дел од ансамблот на Југословенско драмско позориште, за време на турнејата низ Америка и Канада со претставата „Хадерсфилд“. Влегувате на местото на вашиот колега Миша Јанкетиќ кој поради здравствени причини нема да биде во можност да патува. Што претставува ова за вас, со каква енергија и возбуда му се враќате на театарот?

Можеби се 24 години ако се вбројува напуштањето на домашната сцена. Последен пат, пред „Хадерсфилд“, играв во Америка во претставата “Имигранти“ на Мрожек во 2000 година. Би сакал да напоменам дека пред Миша Јанкетиќ оваа улога, како во театар така и на филм, ја играше мојот драг Јосиф Татиќ, кој за жал не напушти во 2013 година. Враќањето на сцената се разбира дека е голем предизвик кој го прифатив со голема трема, особено што никогаш не сум сакал вакви замени, што е и најтешко во театарот, бидејќи со тоа прескокнувате еден многу важен процес во созревање на улогата. Вака влетувате во готова претстава и во опасност да се служите со готови решенија на вашите претходници. Но, сметам дека со безрезервна помош на моите колеги успеав да ги пребродам сите предизвици во повторното враќање на сцената и да направам нешто сосема поинаку од моите претходници, големи актери, што не беше воопшто едноставно.

Точка: 24 години е долга дистанца...бевте во екот на вашата слава и кариера кога не напуштивте и заминавте преку океанот, луѓето сакаа да ве гледаат на филмското платно и на театарската сцена...ќе биде ли нескромно да ве прашам што сè се случи во вашиот живот во меѓувреме? Или барем што вам ви се чини значајно да го издвоите и споделите?

Некако надвор од она што го пишувам во моите книги не сакам да зборувам за својот приватен живот. Мислам дека таму имаше доволно копање по себе така што секое прераскажување на мојот живот надвор од она што го пишувам би било многу тешко и излишно. Тешко се согласувам на секое интервју, можеби и затоа почнав да пишувам.

Точка: Како поискусен актерски волк како гледате на вашите помлади колеги, кои во моментов се сметаат за актерски магови на српската сцена, како што е еден Шушлиќ или Глоговац?

Беше навистина големо задоволство да се биде со нив на сцена. Улогата која ја направи Небојша Глоговац во „Хадерсфилд“ е нешто што со сигурност ќе влезе во антологијата на актерскиот израз на овие простори. 

Точка: Се губи ли ритамот на театарската сцена по долгогодишна пауза во актерството или повеќе би се сложиле дека е тоа како возење точак, еднаш кога ќе го научите не се заборава?

Сигурно дека е неопходен тренинг и кондиција како во секоја друга работа, но публиката и колегите навистина ми помогнаа за таа пауза да не се почувствува.

Точка: Бевте еден од најпосакуваните тогашни југословенски актери... не се сомневам дека илјадници девојки сакаа да паднат во вашата прегратка. Како се справувавте тогаш со ваквата популарност и како гледате на тоа од денешна визура?

Можам да цитирам еден јунак од мојата книга: Многу сакам кога некој ме сака, а не сакам кога љубовта ме боли. Ништо не е променето, ниту тогаш ниту денес.

Точка: Книгите кои ги издадовте наидоа на силен оддек и во Македонија...како е да се биде во улога на писател? Дали пишувањето како силен адут и талент го откривте додека пишувавте или и пред тоа имавте афинитети кон перото?

Од кога знам за себе водам дневник. И сè уште ги имам некаде. Дневниците кои се одлучив да ги објавам беа некои мои очајнички обиди низ еден романсиерски облик да му објаснам на светот и себе си што ми се случи и да ја разнишам темната страна на нашиот правосуден систем.

Точка: Каков ви е животот во Америка? И како по толку време гледате на ситуацијата на Балканот... од страна секогаш пообјективно се доловува големата слика...

Тешко би било тоа да се објасни во еден новинарски одговор, така да се надевам дека на вашето прашање ќе се обидам да дадам одговор во некоја моја следна книга.

Точка: Од време на време ќе дојдеме до некоја информација каде ќе прочитаме за вас и вашето повторно активирање на филм или серија. Во која насока се движи вашата кариера во моментов...и што е она што посакувате да се случи?

Работам многу во последно време. Ќе се појавам дури во три серии годинава, „Сенките над Балкан“ на Бјелогрлиќ, „Пет“ на Балша Џога, и веќе од седми октомври ме очекува големата серија „Корени“ работена по мотиви на Добрица Ќосиќ. Летово работев и еден интересен филмски проект “Воља на синовите“, на младите Страхињ Маџаревиќ и Немања Чераниќ кој би можел да биде пресвртница на овие простори. Филмот во моментов е стопиран бидејќи сè уште бараме средства за негова реализација. А што ќе биде со мојата кариера понатаму? Не знам. Не сакам многу да се осврнувам на деновите кои следуваат. Оставам да ме води љубопитството.

Точка: Кога последен пат сте ја посетиле нашата земја? Што е она на кое последно се сеќавате?

Последен пат бев овде во 1999 година, непосредно по бомбардирањето кога, за жал, со семејството бев приморан да се засолнам надвор од Србија. Она по што отсекогаш со задоволство се сеќавам на Македонија е пријателството и прекрасната соработка со Унковски, Милчин, и со многу други драги колеги, кои некои од нив, за жал, не се повеќе меѓу живите. Но, она што секогаш ќе ми остане во сеќавање е вашето гостопримство и прекрасните моменти поминати овде. Со посебни чувства го паметам снимањето на филмот „Пат на југ“, во југословенска-аргентинска копродукција од 1987 година во селото Горно Количани.

Точка: На свеченото отворање на фестивалот „Киненова“ ќе ви биде врачено Специјално признание за особен придонес во филмската уметност. Што тоа претставува за вас и воопшто со какви очекувања му пристапувате на овој проект?

Многу сум почестен што сум овде и уште од сега жалам поради мојот набиен распоред и нема да можам да останам подолго и подобро да се запознаам со програмата на целиот фестивал, но се надевам дека следен пат ќе имам можност, подолго да останам.

Наградите годат и ме потсеќаат на обврската дека уметноста мора да трае. Инаку јас себе не се доживувам како уметник кој има кариера во Америка, бидејќи таму во последните неколку години откако стекнав право да работам, не го прифаќав она кое ми се нудеше, бидејќи не ги задоволуваше некои од критериумите кои себе си одамна си ги поставив.

Точка: Дали можеби посетата во Македонија ќе ја искористите да се видите и со некои ваши колеги и пријатели?

Најтопло се надевам , бидејќи во Скопје имам толку драги пријатели и роднини со кои инаку почесто се среќавам во Њујорк отколку тука.

Точка: Дали би можеле во блиска иднина да очекуваме нешто ново каде повторно ќе заиграте пред филмската камера или на театарските штици?

Мислам дека веќе ви одговорив на ова прашање. Значи од овде одам директно на снимање на големата серија „Корени“ во режија на Иван Живковиќ, каде ме очекува тримесечна работа на ликот Аќим Катиќ. Многу интригантна историско-политичка семејна драма која уште во 1954 година ја доби наградата на „Нин“, а која денес чинам е поактуелна отколку тогаш. Среќен е секој создавач кој може да се потпре на голема литература.

Точка: Кои се предностите, а кои недостатоците на емотивната и интелектуалната зрелост?

Имате ли вие за крај некое полесно прашање? Актерот никогаш нема да порасне, така што ако мислите на актерска зрелост, таа според мене, барем што се однесува до пристапот на сцената, мора да ја сочува наивноста или незрелоста, така што со чиста глава, речиси како без какво било искуство, чисто ќе ѝ пристапите на секоја нова работа. Со апсолутно незнаење. Но, сепак актерот мора да биде длабоко мисловно битие кое во рамките на постапките кои ќе ги одбере ќе мора да вгради и дел од својот изоден пат. Ако ме прашувате како писател одговорот ќе биде речиси идентичен, со таа разлика што од писателот сепак се очекува сериозна ерудиција, така што со сериозен пристап и со поголема одговорност би ги пренел на публиката своите зборови.

Точка: И за крај би ве прашала после целото животно искуство, предизвици и премрежја на крајот од денот што им велите на вашите деца, како да се справат со светот кој ги опкружува? Кои се вашите параметри и кодекси на воспитување?

Тешко е денес да се биде родител. Покрај толку воспитувачи и предизвици со кои децата секојдневно се судруваат. Што да ги посоветуваме? Ако им кажете „Don’t do what I do, do what I say!” ништо не сте направиле, доколку вие погрешно постапувате, а добро советувате. Значи, поучно би било со вашето однесување да давате добар пример кој можат да го следат. Не е лесно, се разбира. Она на што сум горд на своите деца е дека го сочуваа нашиот јазик и дека се многу упатени во историјата на нашите простори. А колку тие ќе успеат да го пренесат ова на своите деца е прашање на кое засега не умеам да одговорам. 



Спонозорирани линкови

Маркетинг