Владимир Петровиќ: Приказната за “Фамилијата Марковски” е без влакна на јазикот и токму затоа со сигурност нема да ве остави рамнодушни

Точка

27/09/2017

22:54

7.354

Големина на фонт

а а а

Тв серијата “Фамилијата Марковски” ни носи една скопска урбана приказна којашто со сигурност нема да ве остави рамнодушни. А освен социјалните, приказната ни ги пренесува и политичките турбуленции коишто владеат во нашето општество веќе повеќе години наназад. Во некој од ликовите веројатно ќе се препознае и голем дел од публиката која ќе ги лоцира проблемите на нашето општество. Овојпат поразговаравме со Владимир Петровиќ, за нас добро познат како Мали од “Наше Маало”, а кој во приказната за “Фамилијата Марковски” ќе ни го претстави ликот на 24-годишниот Виктор Марковски.

Tочка: После се’ што имавме прилика да гледаме на нашите телевизии, тв серијата “Фамилијата Марковски” е токму од оние коишто ни ветуваат реална и доволно провокативна приказна за будно да не' задржат пред тв екраните, нетрпеливо исчекувајќи ја секоја следна епизода. Колку Вие се пронајдовте во ликот на Виктор и неговиот дел од приказната во оваа тв серија?

Интересен предизвик беше да се одигра лик како Виктор Марковски, поради самата негова природа и специфичност. Не можам да кажам дека целосно се пронаоѓам во овој лик, но веднаш ја препознав неговата летаргија и апатија соочен со македонската реалност и бесперспективноста која таа му ја нуди на еден млад образован човек.


Tочка: Владимир Петровиќ од Мали во добро познатата тв серија “Наше Маало” порасна во Виктор Марковски, којшто со само 24 години веќе е магистер, но сепак и понатаму не може да пронајде стабилно работно место. Сепак, ликот на Виктор споделува една приказна којашто е добро позната во нашата држава. Дали имаше моменти од ликот на Виктор, коишто ви беа тешки за да ги “совладате” и воедно пренесете на публиката во најреално можно светло?

Се разбира дека нема да ги откријам деталите околу приказната на мојот лик во интерес на серијата, но она што можам да го кажам е дека немав тешкотии при изградбата на ликот, можеби вистинскиот збор би бил - одговорност, прво пред самиот себеси па потоа кон ликот и неговата приказна.


Tочка: Виктор, освен што се соочува со проблеми околу пронаоѓањето на стабилно работно место, вешто се труди да ја сочува и својата огромна тајна токму од своите најблиски. Точно е дека сите ние имаме тајни коишто се трудиме да ги зачуваме само за себе, но дали тајната на Виктор е сепак нешто што нема да може да го предвидиме, а можеби и ќе не’ шокира?

Не знам дали може да се предвиди што всушност ќе биде моментот на пресврт кај Виктор, но она што сум сигурен е дека тоа нема да помине незабележано. Не би сакал повеќе да откривам, но во секој случај ќе биде интересно.


Tочка: Со оглед на тоа дека се работи за една животна сторија во којашто веројатно многумина ќе се препознаат, очекувате ли добар одѕив кај публиката, и воопшто, какви се Вашите очекувања за тоа како публиката ќе ја прифати оваа серија?

Оваа серија се бави со реалните проблеми на едно просечно македонско семејство, без пардон и без влакна на јазикот. Затоа мислам дека публиката ќе ја прифати серијава затоа што во неа гласно се зборува за проблемите во нашето секојдневие изминативе години.

Tочка: Постојат ли моменти од ликот на Виктор коишто посакувавте да ги промените?

Не. не размислував така додека траеше снимањето, а не размислувам така ни сега. едноставно чувствував дека треба убаво да ја анализирам комплексноста на ликот, да се обидам да го разберам и на крај да го одиграм Викор онаков каков што е.


Tочка: Каква беше Вашата сорабтка со Јана и Бојан, во улогите на повозрасна сестра и помал брат од една страна, и со Иван и Лиле од друга страна како Ваши родители во оваа приказна?

Имав чест и задоволство да соработувам со прекрасни луѓе и одлични актери,соработката беше фантастична, уште од првиот ден “кликнавме” и мислам дека убаво функционираме како семејство пред камерите. Немам замерки екипата беше прекрасна, многу научив од овој проект.

Tочка: Имаше ли делови од снимањата коишто едноставно беа тешки за да се доловат па потрошија и поголем дел од предвиденото време за нивно снимање?

Се разбира како и на секое снимање ќе се најде некоја сцена која ќе им направи проблем на актерите или на техничкиот дел од екипата, но овде немаше многу такви моменти. На снимањето имаше една позитивна опуштена атмосфера и немаше никој да го расипува расположението и духот кој сите ние се трудевме да го држиме на високо ниво.


Tочка: Со оглед на фактот дека сите ние во слободното време сакаме едноставно да одмориме од многу нешта коишто не’ оптеретуваат, помеѓу кои несомнено е и политиката, а којашто е буквално застапена насекаде околу нас, а пак “Фамилијата Марковски” освен социјалните, ни ги пренесува и политичките турбуленции во едно општество какво што е нашето, очекувате ли можеби и негативни реакции од страна на публиката?

Се разбира дека серијата нема да им се допадне на сите, многумина ќе се почуствуваат засегнати и директно ќе се пронајдат во некои од сцените. Не се плашам од лошите критики и коментари, се додека извлекуваме реакции е добро било да се позитивни или негативни. Рамнодушноста е најстрашна.


Tочка: Во реалноста пак, Владимир Петровиќ “порасна” во дипломиран актер. Со кои се’ останати успешни проекти може да ни се пофалите?

Јас сум 26 годишен дипломиран актер, имам неколку краткометражни филмови позади себе како и неколку успешни престави како ‘’Солун град на духови’’ и ‘’Лерин полиња жито ридишта крв’’. Освен во серијата Фамилијата Марковски имам епизодни појавувања во новата сезона на серијата Преспав и во серијата Инсајдер, а за понатаму ќе видиме. Ја поканувам публиката на 30ти септември да ја погледне претставата ‘’Лерин полиња жито ридишта крв’’ која ќе се игра во младинскиот културен центар во рамки на фестивалот МОТ.


Tочка: Кој би бил Вашиот заклучок во однос на овој тв проект и со што би ја заинтригирале публиката со цел да го задржите нејзиното нетрпение до почетокот на прикажувањето на овој тв серијал?

Серијата Фамилијата Марковски е скопска урбана приказна која верувам дека публиката во секој случај нема да ја остави рамнодушна. Многумина ќе се препознаат во ликовите во оваа серија и ќе ги лоцираат проблемите на нашето општество кои ние се потрудивме да ги прикажеме. Можеби е преамбициозно да зборуваме за менување на менталитет или животни навики, но сакам да верувам дека оваа серија ќе допре до гледачите и ако ништо друго, барем ќе ги поттикне на размислување.



Спонозорирани линкови

Маркетинг