Драгана Костадиновска и Висар Вишка: „На терапија“ ќе биде нешто најдобро што македонската публика го видела досега

Точка

16/09/2017

10:40

2.874

Големина на фонт

а а а

Талентираните македонски актери Драгана Костадиновска и Висар Вишка во серијата „На терапија“, чие емитување со нетрпение го очекуваме овој понеделник, 18-ти септември во 22:20 часот на „ТВ Сител“, се појавуваат во улоги на две личности кои чинат една заедница. Драгана ја толкува младата и успешна Зана, а Висар ликот на бизнисменот Гент. Заедно, Зана и Гент се пар чиј брак е во длабока криза поради низа меѓусебни провокации, обвинувања и нерешени проблеми од минатото.

Совршено надополнувајќи се, Драгана и Висар емотивно и убедливо ја пренесуваат комплексната приказна на овој пар, кој во обид да го спаси бракот, оди на советување кај психотерапевтот Д-р Терзиев, лик толкуван од врвниот Никола Ристановски.

Додека го чекаме почетокот на нивната емотивна приказна и развојот на нивното брачно советување, зборувавме со нив за процесот на снимањето на оваа серија, за сличностите и разликите меѓу нив и нивните карактери и за тоа зошто македонската публика не смее да ја пропушти оваа серија.

Кои се сличностите меѓу тебе и твојот карактер, и што најмногу ти пречи кај ликот кој го толкуваш?

Драгана: Нема сличности меѓу мене и Зана. Јас и ликот што го играм во „На терапја“ сме сосема различни жени, различни и во начинот на постапување и во начинот на реагирање кон луѓето и ситуациите. Тоа пак од друга страна многу ми се допадна како процес, простор за креација и можност сосема да се протнам во светот на Зана. Не би можела исто така ниту да одредам што ми смета во нејзиниот лик заради тоа што во процесот на нејзино совладување неизбежно беше исто така да ги разберам нејзините постапки и да сочувствувам со нив без разлика колку и да не се согласувам со истите.

Висар: Има многу сличности меѓу мене и Гент. Сегашни и минати. Најтешко е да се одиграат тие што се најслични, затоа што тогаш си по самокритичен и знаеш кога делуваш искрено, а кога не. И секогаш постои тој страв да не се откриеш цел. Сепак, ние сме духовни стриптизети.

Омилена реплика?

Драгана: Омилена ми е репликата којашто најверојатно и најпрецизно би можела да ја опише Зана: „Ќе се случи неизбежното. Кога веќе сум почнала да размислувам на нешто, друго сѐ е прашање на време. Никој и ништо не може да ме спречи“.

Висар: „Да бебе, не бебе!“

Најдобар момент во текот на снимањето?

Драгана: Секој пат кога ќе заврши еден снимачки ден со особено задоволство и чувство на добро завршена работа.

Висар: Многу убави моменти. Многу интересни случки. Сѐ уште немам дистанца доволна да видам што ми оставил подолготраен впечаток. Прекрасно е да работиш со луѓе кои си ја сакаат работата. Од чуварот па сѐ до директните партнери Никола и Драгана. Да не уживавме, ќе полудевме.

Како мислиш дека ќе биде прифатена серијата од македонската публика?

Драгана: Пред сè мислам дека публиката ќе биде задоволна од квалитетот и нивото на производот, а друго сметам дека приказните на ликовите се толку лични, деликатни и емотивни што секако ќе предизвикаат особено внимание.

Висар: Како нешто најдобро што виделе досега. Во тоа не се сомневам.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки за тебе?

Драгана: Брзината со која снимавме една епизода ми беше најголем предизвик. Се сеќавам на тоа колку затекната бев на првиот ден на снимање, за потоа понатаму да бидам спремна на темпото со кое се работеше. Во таа смисла морам да кажам дека од големо значење ми беше односот и работата на Вардан Тозија на кој одлучив комплетно да му верувам и да се потпрам на неговите решенија и индикации дури и кога не бев јас лично сосема уверена во истите.

Висар: Да се издржи на 40 плус степени без воздух, од изгрејсонце до зајдисонце.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?

Драгана: Заклучокот од работата на серијата, како и тоа што мислам дека ќе се добие од нејзиното гледање е дека многу често позади некои несоодветни, чудни и погрешни постапки на луѓето, стојат неразрешени емотивни болки и премрежја и дека тоа треба да го имаме в предвид пред било како да изреагираме на истите. Да, секако, секогаш мислам дека е добро да се поразговара со некој што вистински може да ве разбере.

Висар: Искрено не научив нешто ново, затоа што како актер, а и пред да станам тоа, јас си патувам кон сопствените длабочини. Си ги познавам сите мои демони. Веќе сум на Ти со нив. Тоа што беше убаво, условно кажано, е дека ми се случи тоа што често ми се случува со улогите. Да имаат многу заеднички и исти проблеми. Како некоја виша сила да ми дава можност да ги искажам чувствата што ме мачат во тој период преку карактер, преку лик. Се разбира, не се тотално исти проблемите, но во моменти многу лични.




Спонозорирани линкови

Маркетинг