CNN Money: Во овој македонски град е разработен бизнис кој може да го сврти светот наопаку

Точка

14/09/2017

11:25

8.270

Големина на фонт

а а а

Некогаш Велес бил место каде се произведувал порцелан за цела Југославија. Денес тоа е град во кој се произведуваат лажни вести. Овој заспан град во Македонија е дом на десетина оператори кои произведуваат лажни вести, осмислени така што ќе им го привлекуваат вниманието на Американците. Секој клик додава пари на нивната сметка, пишува "CNN Money".

Како што наведува сајтот, во Велес во текот на последните неколку недели од претседателската кампања во САД, лоцирани биле повеќе од 100 сајтови кои произведувале лажни вести, во кои најчесто се фаворизирал републиканскиот кандидат Доналд Трамп. 

Еден од пионирите во таа индустрија е 24-годишниот Михаил. CNN наведува дека тоа не му е вистинско име, но дека не сакал да го открие поради страв дека неговите профили би можеле да бидат изгасени. На интернет се претставува како "Џесика" и под тоа име води неколку страници на Фејсбук и неколку сајтови преку кои во главно им се обраќа на конзервативните читатели ширум САД. Статиите кои ги објавува се во главно политички и често неточни кога станува збор за факти. Меѓутоа, тоа не го загрижува. 

"Не ме интересира што читаат луѓето. На 22 години заработував повеќе од тоа што некој во Македонија заработува за цел живот", рекол тој. 

Според неговите зборови, од огласување на сајтот заработувал 2.500 долари во земја во која просечна плата е 426 долари. Профитот примарно доаѓа од сервиси како "Google AdSense", кои поставуваат реклами ширум интернет. Со секој клик заработувал се повеќе. Парите кои ги заработил ги искористил да си купи куќа и да го плати образованието на својата сестра. 


Овој поранешен студент по правни науки вели дека во некој момент имал 15 вработени, вклучувајќи и двајца од САД. Неговиот последен сајт имал 1,5 милиони фанови на Фејсбук, а блокиран бил неколку месеци откако "Google" и "Facebook" почнале да ги следат лажните вести. Михаил сега се подготвува повторно да започне бизнис, пишува CNN Money.

"Моја примарна цел е да направам сајт кој ќе биде подготвен за американските избори во 2020. година", вели тој. 

Мирко Чешелкоски има повеќе од една деценија искуство во водење сајтови кои таргетираат американски читатели. Почнал со сајтови кои се специјализирани за сомнителни совети за здравје, потоа автомобили и трачеви за познатите. Денес ги подучува Македонците, вклучувајќи ги и младите од Велес, за основите на индустријата на лажните вести. Чешелкоски тврди дека неговите студенти заработуваат најмалку 1.000 евра дневно. 

"Тука има многу млади луѓе кои немаат што друго да работат. Се шири како пожар", вели тој. 


Според неговата проценка, околу 100 негови студенти водат политички сајтови во САД. Тој им помага да направат сајтови кои изгледаат професионално, имитирајќи легитимни сајтови, кои имаат дури и "breaking news" ознаки. Неговите ученици користеле страни како "usaelectionnews.com", "everydaynews.us" и "trumpvision365.com", а тој ги подучува како да изберат приказна која ќе биде вирална, односно ќе привлече внимание на интернет. Трикот, вели Чешелкоски, е да се најде приказна која веќе е во тренд во САД, а потоа да се направи уште посензационална. 

"Насловот е најважниот дел", рекол тој. 

Чешелкоски се пофалил дека најмалку четири негови ученици се милионери, а многумина купиле и скапи германски автомобили, додека други купиле недвижнини. 

За разлика од своите претходници, новата влада во Македонија, избрана во мај, е многу критична кон новата индустрија во Велес, пишува CNN Money

"Ќе преземеме иницијатива за започнување на глобални напори да се соочиме со лажните вести, и ќе го поттикнеме нашето цивилно друштво да помогне во спречувањето на ова појава", рекол портпаролот на владата, Миле Бошњаковски. 

Но, креаторите на лажни вести ќе ја уживаат поддршката барем на еден службеник - градоначалникот на Велес - Славчо Чадиев. 


"Тоа е наш начин да произведеме пари брзо. Ние дури и не се обидуваме да го сопреме", вели Чадиев. 

Јасно е зошто овој бизнис е толку привлечен. Речиси половина од младите Македонци се невработени, а напуштени фабрики доминираат во хоризонтот на Велес. Чадиев вели дека еднаш му понудил работа на еден од младите произведувачи на лажни вести, но дека месечната плата која можел да му ја понуди е половина од тоа што тој го заработува во текот на денот. Сепак, тој е горд што сега Велес е на картата на светот. 

"Најважната работа во оваа ситуација е тоа што законот во оваа земја не е прекршен. Ништо не е незаконско", вели Чадиев. 

Тој вели дека нема разлика во тоа што го работат произведувачите на лажни вести со тоа што за него го пишуваат вистинските новинари. 

"Не постои морал во политиката", инсистирал тој. 

Тројца произведувачи на лажни вести од Велес рекле дека нивните "Google Add" профили се суспендирани во последните неколку месеци, а нивните страни на Фејсбук блокирани. Сепак, одлучни се да ја заобиколат контролата. Една нова легална тактика е да купуваат легални Фејсбук профили за две евра, по што го менуваат името да звучи американски. 

"Повеќето пораки ќе бидат поврзани со Трамп, Објавував и вести за Хилари, за Берни Сандерс, но не плаќаат доволно за тоа", рекол Михаил.



Спонзорирани линкови

Маркетинг