Поранешниот албански премиер Фатос Нано, по нередите во 1998 година, се криел во Македонија

Макфакс

13/09/2017

21:39

508

Големина на фонт

а а а

Поранешниот шеф на албанската тајна служба, Фатос Клоси, изјави дека по распадот на системот и институциите во Албанија во 1998 година и заземањето на зградата на владата во Тирана од страна на демонстрантите, тогашниот премиер Фатос Нано заедно со неговото обезбедување ја напуштил Тирана и заминал преку планините за да се скрие во Македонија.

Клоси во интервју за весникот „Сот“ истакнува дека тој како шеф на тајната албанска служба во тој период овој гест на Нано го оценил како скандалозен бидејќи за бегството на Нано не бил информиран ниту претседателот на државата ниту министрите.

Клоси истакнува дека и покрај тоа што во Албанија има многу сигурни места каде што би се скриле првите луѓе на државата, сепак, Нано одлучил да се упати кон Македонија.

Сепак, Клоси не прецизира каде при бегството на 14 септември се скрил премиерот Нано во Македонија.

Денеска и весникот „Панорама“ пишува за бегството на албанскиот премиер Фатос Нано во 1998 година во Македонија. Имено, овој весник пренесува цитати од книгата на американскиот новинар Фред Абрахамс со наслов „Нова Албанија“, во кои стои дека Нано првин се скрил во одредени објекти во Албанија, во близина со границата со Македонија, но постојат и сомнежи дека тој ја минал границата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг