Владата ќе го враќа статусот на борците во Македонија

Макфакс

13/09/2017

21:37

137

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска се сретна со претставници на Сојузот на борците, Вера Бунтевска, в.д. претседателка на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија, Евзи Мемети, потпретседател на Главниот одбор, и Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОБ.

„Вашите заложби, верба и оптимизам даваат сила и водат напред. Веруваме во вас, ве поддржуваме и ве охрабруваме да продолжите со мудрите политики со кои се грижите за сите граѓани и на Македонија ѝ го враќате достоинството, како и на луѓето и на државата на регионален и меѓународен план“, порачаа претставниците од Сојузот на борците.

Тие им се заблагодарија на премиерот Заев и на Владата што уште во ребалансот на буџетот за оваа година се предвидени средства за Сојузот на борците на Република Македонија и за политиките на разбирање што ги покажува новата Влада за значењето на борците за Македонија и за НОБ, еден од најзначајните периоди во историјата на земјата.

Премиерот Заев соопшти дека Сојузот на борците на Република Македонија, како што прилега, ќе биде застапен со соодветни финансиски средства во буџетот и за 2018 година за да може да ги реализира програмите и активностите со кои се негува традицијата и се афирмираат придобивките од НОБ преку современиот патриотизам за татковината.

„Тоа е значајно во историска смисла, но и за вредностите значајни за сегашните и идните генерации, за трезвеноста, определеноста кон слободата, кон љубовта и заштитата на државата што ги застапува Сојузот на борците на Македонија, чиј член сум и јас, како поддржувач на организацијата“, соопшти премиерот Заев.

На средбата е договорено Владата да му помогне на Сојузот на борците на Република Македонија со соодветен простор за функционирање со оглед дека им е одземен нивниот имот за кој организацијата планира низ правни процедури да дојде до правдата. Исто така, претставници на организацијата ќе бидат вклучени во одбележувања значајни датуми за Македонија и во сите други државни настани, со што ќе се врати значајното место на борците во општествениот живот во Република Македонија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг