ВМРО-ДПМНЕ побара предлог-законот за јазици да се тргне од собраниска седница

Макфакс

13/09/2017

13:12

172

Големина на фонт

а а а

Мнозинството пратеници го отфрли предлогот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предлог-законот за употреба на јазиците да биде симнат од дневниот ред на денешната 15. собраниска седница. Пратеникот Илија Димовски побара да се тргне од дневен ред образложувајќи дека овој закон не е во согласност со процедурите и ги повика пратениците да го усвојат неговиот предлог.

„Повикувам на одговорност и на совесност кај пратениците, да гласаме да се повлече ова законско решение кое нема да донесе добро ниту на албанската, ниту на македонската заедница.Да отвориме широка дебата, да се изјасни стручната јавснот и да се изготви заедники прифатлив предлог. Од друга страна, со предлог-законот требаше да се расправа на Комисија за политички систем, да се тргне европското знаме затоа што не се усогласува со европско законодавство и да се запазат собраниските процедури“, рече Димовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека претседателот веќе утврдил на кое работно тело ќе се расправа по предлог-законот и дека сега е веќе депласирано да се расправа по тоа прашање. По ова, предлогот на Димовски беше ставен на гласање и не беше прифатен од мнозинството пратеници.

На дискусијата на Димовски се надоврза и пратеникот Антонио Милошоски, кој читаше делови од деловникот кои, според него, укажуваат дека предлог-законот е надвор од процедурата. На негов предлог, седницата е прекината со едночасовна пауза.

На 15-тата седница на Собранието, покрај предлог-законот за употреба на јазиците е и одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државната изборна комисија, како и пакет законите што ги предложи СДСМ , а се однесуваат на зголемување на минималната плата од 12.000 денари, материјална отштет за стечајните работници и укинување на радиодифузната такса.



Спонозорирани линкови

Маркетинг