Спасовски: Заврши времето на луксузни ручеци и вечери

Макфакс

12/09/2017

12:53

2.071

Големина на фонт

а а а

„Заврши времето на луксузни ручеци и вечери“, објави денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција.

Според него намалени се средствата за репрезентација и место тоа ќе се купи нова облека за полицијата, бидејќи една деценија наназад не добиле нови униформи и кондури. Министерот додаде дека досегашните луксузирања во МВР ќе го чекаат изборот на новиот јавен обвинител за да не биде затворен предметот.

Тој најави нови 500 вработувања во МВР што ќе бидат финализирани по изборите, за да не биде злоупотребен конкурсот. Воедно Спасовски објави дека досега МВР примило 189 преставки против свои припадници и дека десет од нив биле суспендирани од работното место, а за пет се покренати кривични пријави за несовесно однесување и за злоупотреба на службената должност. Тој најави и формирање посебно ново одделение во МВР за гонење на организираниот криминал и корупција.

Околу барањето на поранешниот премиер Никола Груевски да му се даде дополнително обезбедување од 20 луѓе Спасовски одговори дека се направени анализи и проценки и, со оглед на тоа дека неговото актуелно обезбедување од шест луѓе не пријавило досега никакви закани кон него и неговото семејство, оцениле дека тоа барање не треба да се прифати.

Министерот соопшти исто така дека кога дошол во оваа институција биле во минус од 39 милиони денари за исплата на плати оваа година.

МВР побарало повлекување на Тони Јакимовски од СЕЛЕК

МВР побарало повлекување на Тони Јакимовски, обвинетиот од СЈО, од меѓународната организација СЕЛЕК.

„Подобро е да немаме директор во СЕЛЕК отколку да имаме со криминално досие и да ни се смее цела Европа“, рече министерот Оливер Спасовски на прес конференција денес.

Според него функцијата на Јакимовски во СЕЛЕК е лоша репутација за Македонија, па дури имајќи го во предвид и тоа дека треба да се почитува пресумцијата на невиност.

„Никој никого не обвинува, но во организација што се бори против организиран криминал и корупција да имаме ваков човек е недозволиво. Најмалку што се очекува е да се повлече самиот“, рече министерот додавајќи дека сепак за лице обвинето со дела за кои е обвинет тој не може да се очекува такво нешто.

Спасовски потврди дека во МВР постојат двојни идентитети за работи на службата, но овој случај со Горан Грујевски се уште се испитува и засега нема да открие детали. Објаснувајќи ја претходната состојба во МВР Спасовски спомена и тоа дека на началнички места досега имало и дипломирани стоматолози.



Спонзорирани линкови

Маркетинг