Иван Татарчев Дургутовски: Додека сум тука, сакам да се изнапијам од "изворот"

Точка

22/08/2017

17:47

13.722

Големина на фонт

а а а

Веќе три месеци овој исклучително интересен и инспиративен графички дизајнер, фотограф и визуелен уметник, живее далеку од матичната Македонија. Одлучил да замине на Истокот, кој отсекогаш му бил привлечен, мистичен и егзотичени (и блискиот и далечниот), а првата желба најверојатно се родила одамна, уште како дете, додека се „занимавал” со омиленото хоби - читање енциклопедии, атласи и учење на знамињата на државите

За привремено престојувалиште, каде црпи разновидни животни искуства Иван Татарчев Дургутовски (29) ја избрал Камбоџа, земја од која е фасциниран и која го провоцира да создава, да има поинаква перцепција на нештата, светот, животот и луѓето. Оттаму ги пропатува и Малезија, Шри Ланка и Јапонија... и за сето ова раскажува за Tocka.com.mk


Зошто го избравте токму тој дел од земјината топка? Што ве испровоцира да заминете таму?  

Патувањата и искуствата ми ги полнат батериите и креативната енергија и ми помагаат да се соочам со себе си. Лесно се провоцирам и во најголем број од случаите одговарам на провокациите. На источните култури секогаш гледав како на нешто кое треба да се доживее, а не да се прочита во книга. Истото мислење го имам и за сите останати места кои допрва ќе ги видам. Ама најмногу сакам кога ја пијам кокосовата вода од плодот, а не флаширана.

Во секој случај, не ги избирам местата, тие ме избираат мене.


Како започна патувањето? Каде прво пристигнавте? Какви беа првичните впечатоци, искуство...?

Стигнав во Камбоџа, во главниот град Пном Пен и истата вечер завршив на локален погреб, за кој првично мислев дека е свадба. Таму останав до утрото. Посилен впечаток и искуство од тоа мислам дека не можеше да се случи. Јадев локална храна, пиев локално пиво, го анализирав начинот на комуникација. Живеам за нови искуства, а најдобар начин да се запознае една нова култура е во комуникација со луѓето кои живеат таму.


Каде продолживте потоа? 

Од Камбоџа продолжив во Јапонија, Малезија и Шри Ланка. Шлаканици од сите страни! 😊

Ве промени ли ова патување? 

Работите во нас и околу нас имаат тенденција да не менуваат на дневно ниво. Промената на локации е здрава за секој поединец, кој е подготвен да излезе од својата комфорна зона и да истражува. Патувањето е витално значење за креативните луѓе. Како ќе создаваме ако не запознаваме и спознаваме? Како ќе се отвориме кон светот, ако не се отвориме кон себе си? Културните разлики и вредности не се учат преку спомениците и знаменитостите, туку преку локалците и нивните навики и начин на функционирање. Луѓето се живи споменици на општествата кои ги вајаат како мека глина, а некои и ги клесаат во камен.


Да, се пикнав и во локални домови, во лудилото од декорации, милиони закачени фотографии по ѕидовите, драматични „шпански серии”, во случајов тајландски или индиски… Слушнав многу приказни и искуства, запознав и млади луѓе кои се’ повеќе ги прифаќаат глобалните трендови наметнати од западниот свет… Но, да се преживее е најважно! Тука, секој дом е истовремено и занаетчиска работилница или продавница. Дневната соба во текот на денот се претвора во активен простор и токму ова е жив пример за динамична пренамена на простор, на дневна база. Да, точно е и дека голем дел преживуваат или живеат „од денес за утре”, ама според временски зони сме 5 часа понапред од таму, а тоа автоматски значи дека тука цело време е „утре”.


Кои нешта од деновите поминати таму ви ги издвоиле како особено фасцинантни? 

Малите големи нешта. Љубопитната природа на човекот и стремежот да биде тоа што не е. Да, полиците се преполни со средства за избелување на кожата, контактни леќи со светли бои, долги трепки, уште мажите не почнале да пресадуваат влакна на градите 😊

На крајот, сите сакаме да бидеме или во најмала рака да пробаме да бидеме тоа што не сме. Луѓето тука се поеднакво фасцинирани од западниот свет како што сме и ние од истокот, а снегот им е особено „егзотичен”.

Храната. Храната - Чао.

Сообраќајот. По ова што го преживувам тука, кај нас слободно ќе се шетам со заврзани очи. Секој си вози каде сака, а светлата од семафорите се најчесто само светлосен ефект во целиот метеж. Ама, сепак, си има некој ред во сиот тој хаос, само не „ред” по наши стандарди.


Фасцинацијата на јапонците со камиони. Значи никаде досега не сум видел посредени и почисти камиони. Можеби немаат многу моторџии ама затоа врие од камионџии

-Од каде си? -Од Македонија. - Oooo, имате одличен фудбал! - Kaко?!  

Спиење. Спиење? Да, секаде, во секое време.  

Јавен превоз, ресторани, кафетерии, јавни простори, школи, универзитети… Секаде е дозволено и никој ама никој не го забележува тоа. Се’ што треба да направиш е да си најдеш погодна позиција и грчи си… Дури налетав на ситуација во ресторан каде што на кружна маса, едно локално семејство славеше по повод некоја пригода, а еден од гостите го преспа ручекот. Да, го разбудија на одење.

- Омиленото кафуле „Тајни“ (Малечко). Токму такво е, мало, а полно со локални списанија и поезија

***

Дел од ознаките за внимание, претпазливост и опасност во Јапонија се пишувани во форма на хаику!

Констрастот „ден - ноќ”. Тука не постои работен ден и викенд, „недела” е само седмиот ден. Хаосот од улични продавачи, бучавата и сообраќајниот метеж на улиците кои владеат преку денот, навечер се потполно отсутни. Како никогаш да не постоеле. Тоа трае само до наредното утро. Градовите дефинитивно имаат биполарна природа.


Додека престојувате и професионално сте ангажирани... Што работите сега?  

Во текот на мојот престој, имав своја самостојна изложба на фотографии, а веќе собирам материјал и работам на втора, директно инспирирана од истокот. Бидејќи тука престојувам веќе три месеци, сакам да прикажам една поинкава страна од југо-источна азија, онаа која е под силно влијание на глобализацијата, страната која директно се коси си моралните вредности и начинот на живот кои ги налага традицијата. На повидок се и некои соработки ама за тоа е се уште рано да се зборува. Важно е дека максимално го користам секој момент, па, додека сум тука, да се изнапијам од изворот!


Откријте нешто за Вашите досегашни уметнички изрази, ангажмани, проекти, концепти...? Што најмногу Ве провоцира да создавате?

Кога е во прашање мојата работа и она што создавам, нема што да откријам, сè е откриено! Најмногу ме провоцира кога ќе си го видам одразот во огледало и си викам „Кој си ти? Кој си ти денес?”.  

Не случајно често користам рефлектирачки површини во она што го правам, зашто верувам дека сите сме рефлексии на некој или нешто, настан, емоција, личност. Во таа „приказна” ние сме само медиум. Некои ќе се претвориме во штетникот на Кафка, некои ќе бидеме малиот принц, некои нешто кое допрва ќе го дознаеме.


Генерално ме провоцира сè, секоја ситница крие приказна, треба само да се препознае потенцијалот и да се разработи.

Исто така ме провоцира и кога гледам Собраниски Канал. 

Како го доживувате општеството денес, особено сега откако имавте можност да го запознаете истокот поблизу и да го споредите со западот? Каде сме ние како современи луѓе?  

А кои сме ние и што е современо? Моментно, општеството го доживувам како појдовна точка за бегство. Но, не зборувам за бегање од она што не’ опкружува, туку само бегање од еден општествен модел во друг, за полесно и пообјективно да ги согледам карактеристиките на она од кое бегам. Денешното „современо” повеќе се базира на глобални трендови со краток рок на траење, кои за жал се сè повеќе присутни и на исток. Што се однесува до релацијата исток - запад, да - се работи за потполно различна перцепција на „индивиуалниот дух” и „колективната свест”.


Имавте ли можеби размисли да го продожите живеењето и творењето таму?  

Немам размисли, имам планови! Благодарение на мојата номадска природа, лесно се адаптирам и претопувам, без големи културни шокови, а мојот немирен дух секогаш ме зближува со локалното население. Не знам дали би продолжил да живеам баш тука, бидејќи „тука” е за некои „таму” за некои „ваму”, а јас не знам во кои спаѓам моментно.


Фотографијата е еден од медиумите преку кој се изразувате... Што таа нуди наспроти останатите? 

Повисока плата, сигурно не. Фотографиите се како светулки. Го фаќаш моментот на замрзнат здив и светлина која трае вечно. Едно трпнување со очите може да не’ одвои од „совршениот” момент. Најискрено, тргнувајќи од себе, фотографијата е одличен медиум за хиперпродуктивни луѓе. Ги изострува сетилата, мозокот работи 24 часа, окото непрекинато трага, а бе, поезии, како да ти кажам…


Пишува: Софија Успенска

Фото: Иван Татарчев Дургутовски




Спонозорирани линкови

Маркетинг