Сергеј Лавров: Ризикот од судир меѓу САД и Северна Кореја расте, една страна треба да направи чекор наназад пред да биде подоцна

Точка

12/08/2017

18:03

3.292

Големина на фонт

а а а

Шефот на руската дипломатија се огласи во врска со тензиите на Корејскиот полуостров и порача дека една од сите страни мора да попушти, во спротивно сето тоа може да прерасне во голема војна.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека ризикот од судир помеѓу Соединетите Американски Држави и Северна Кореја станува се поголем. Лавров ги повтори зборовите на американскиот министер за одбрана кој што предупреди дека во еден таков судир, би имало голем број на жртви.

„Ризикот е многу висок, посебно кога станува збор за реториката. Слушаме како се упатуваат закани за употреба на сила. Истовремено, американскиот министер за одбрана Матис порача дека „тоа ќе вклучувало голем број на жртви“. Сепак, и покрај тоа, и натаму се зборува за превентивен напад на Северна Кореја, а Пјонгјанг споменува напад на Гуам каде што има неколку американски воени бази“, изјави Лавров.


„Секако, ние сме многу загрижени поради ова“, истакна рускиот министер и порача дека за да биде избегнат конфликт од големи размери, еден чекор наназад ќе треба да направи „попаметната страна“.

„За жал, реториката станува се поекстремна, како од страна на Вашингтон, така и од страна на Пјонгјанг. И покрај тоа, се надеваме дека здравиот разум ќе превладее“, изјави Сергеј Лавров.



Спонозорирани линкови

Маркетинг