Спасовски: Кривична пријава за разузнавачот кој предизвика инцидент пред Суперкупот

Макфакс

09/08/2017

13:15

16.450

Големина на фонт

а а а

МВР ќе поднесе кривична пријава против 25-годишниот Благојче Ристовски, вработен во Агенцијата за разузнавање, кој беше приведен вчера пред почетокот на Суперкупот во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција информираше дека кривичната пријава ќе биде поднесена против разузнавачот бидејќи се обидел да спречи службено лице при извршување на неговите работни обврски.

- Особено лицата вработени во службите не смеат да си дозволат да спречуваат службени лица во вршење на нивната должност. МВР ќе поднесе кривична пријава, а очекувам дека и неговата институција ќе покрене соодветни мерки, рече Спасовски.

При редовниот преглед на билетите на влезот на Градскиот стадион, Ристовски им пришол на полицајците и започнал да се расправа со нив зошто толку долго траел прегледот и го оттурнал лицето врз кое во тој момент се вршел прегледот, а потоа го турнал и полицаецот што правел проверка. Од полициски извори дознаваме дека кога започнале другите полицајци да интервенират, Ристовски извадил службена легитимација дека е вработен во Агенцијата за разузнавање. Бидејќи Ристовски давал отпор и не можеле да го разубедат да се смири, бил совладан и врзан со лисици. Неофицијално, бил одведен во Полициска станица Кисела Вода, каде што му бил направен алкотест, кој покажал 1,06 промили алкохол во крвта.



Спонозорирани линкови

Маркетинг