Мила Атковска: Градината ми возвраќа само со добро

Точка

24/07/2017

11:38

7.894

Големина на фонт

а а а

Во хаотичната градска атмосфера, оваа фотографка создала свој зелен рај, каде одгледува разновидни растенија, билки, овошје и зеленчук... Мала градина во скопската населба Кисела Вода, што ја начнала садејќи семки, сега е бујна и богата со разновидни плодови. Нејзино дело се и разновидните „направи сам“ практични креации и декорации, како што се удобните "фотелји" од автомобилски гуми и алпинистички јажиња, саксиите украсени со декупаж техника и играчките за миленичињата мачиња

Таму Мила Атковска (36) го минува поголемиот дел од времето во топлите месеци од годината заедно со сопругот Дарко и неколкуте мачиња. Ја "подигнала" сама, од уредувањето се до садењето и одгледувањето на многуте растенија. Стапнувањето во 40 метри квадратната бавча дава чувство како да се влегува во чудесен свет, каде сте прегрнати од високите доматни стебла, јаболките, капините, јаготките, праските, сончогледите, зачинските билки и цветните насади... Таму владее спокој наспроти градската бучава. Како голема гурманка, одлучила сама да ја произведува и да ја поготвува храната на интересни начини, кои ги апсолвирала од европските кујни нза време на патувањата низ континентот. Токму храната, намирниците се и нејзиниот омилен субјект за фотографирање.



Вашето парче рај во скопската бучава го создававте подолг период. Вредеше да се биде упорен и доследен на замислата?

Секако. Градината дојде по многу-годишни балконски експерименти, кои започнаа заради потребата од свежи билки за салата, кои не можев да ги најдам на пазар или по нашите маркети. Тогаш се уште никој немаше слушнато за рукола, а камоли да ја одгледува или продава. Единствена опција ми беше да најдам семе и да го засадам. Првите неколку години одгледував само билки кои не бараат многу простор (бев ограничена на саксии и две мали тераси) и на билки кои можам да ги јадам. Но, како поминуваше времето научив дека огромен број цвеќиња се дел од менито низ светот, па репертоарот на растенијата полека почна да се шири. Иако балконите ми се преполни со растенија, минатата година одлучив дека мора да си направам повеќе простор за градинарење. Одлучив да го искористам дворот од нашата станбена зграда и планирав да уредам градина од 40 метри квадрати (првобитно џунгла) со помалку од 100 евра. Ем заради перпетуалниот банкрот, ем заради револтот кон преценетите реквизити во нашите продавници. Одлучив се да биде направено од стари предмети, кои може да се рециклираат и да им се најде нова намена или со други зборови, нечие ѓубре да биде пренаменето во саксии, мебел и декорации. Еден тон инспирација најдов на интернет, смислив како сакам да изгледа градината и почнав со работа. Но, ќе излажам ако кажам дека таа е само мој труд, зашто голема помош и поддршка добив од многу луѓе, на различни начини: соседите донираа стари гуми од возила за саксиите и табуретките, церада за стреа, метална врата, ми помогнаа да ја исечеме старата цреша која зафаќаше 70 отсто од просторот. Прекрасна голема макара за кабли, која денес служи како "трпезариската маса" во градината ми подари чичко ми, и секако, многу физичка помош добив од сопругот Дарко и мајка ми.



Што се одгледувате?

Ќе ги набројам само работите што во моментов се во сезона, живи и здрави: малини, капини, рибизли, шумски јагоди, јагоди месечарки, дрвце праска, дрвце „Грени Смит“ јаболко, лешници, декоративни тиквички, две лимончиња, пет различни видови домати, два вида лути пиперчиња, два вида босилек, темјан, слаткарчиња, лаванда, алоја, лантана, петунии, винки, настуртиум, медарчиња, 2-3 вида сукуленти, пркоси, рузмарин, власец, сончогледи, пузавици, џунџулиња, вампир (розово цвеќе кое цвета кога нема сонце), ѓумбир...

Дефинитивно монопол "држат" доматите и шумските јагоди, зафаќајќи околу 70 отсто од градината.



На што сте особено горда?

На се што ги преживеа 40-те степени Целзиусови пред околу две недели. За големо достигнување го сметам тоа што бабата од соседството воодушевена ми рече дека никогаш во животот не видела толкави џунџулиња


Таму живеат и неколкуте мачиња, кои се главната декорација и атракција…

Да. Нивните имиња се: Ќофте (бело анти-нинџа маче кои нон стоп урнебесно прави будала од себе), Разбојникот (шармантна црнобела мачка, која прави многу бељи низ двор и тоа со врвна елеганција), Пантерот (црното маче што не сакаше да слезе од терасата каде е родено, а сега спие во саксии и преде како трактор) и Дифтарот (преубаво тигарче и невиден инат, што не се гали "од принцип" и бега ако го погледнеме). Сите се деца на мама Стринче (го доби името зашто како мала ѕиркаше од нејзината тераса како маалска стринка што ги демне сите), мачката на мојата драга соседка.



Ве интересира природата и се што таа создава, но, особена слабост Ви е убавата, рафинирана храна... која особено ја истражувате кога патувате во други земји... споделете неколку искуства? 

Скоро во сите ресторани низ Европа кои сме ги посетиле со сопругот, вработените ни коментираат дека многу јадеме и пиеме, па најчесто се или импресионирани или шокирани 😊 Гурманството го сфаќам сериозно, особено ако сме во ресторан со квалитетна храна. Тогаш пробуваме скоро се од менито и тоа на едно седнување. Мене тоа, освен хедонизам, ми е стекнување бесценето искуство кои подоцна ќе го користам во мојата кујна. Комбинации на зачини кои се невообичаени за македонското поднебје, начини на сервирање, кршење на балканските кулинарски правила - се сеќавам точно што од кој ресторан сум научила. Се случувале многу интересни работи, на пример кога се запознавме со сопствениците на еден ресторан на грчкиот остров Крф, кои ни предложија да ја фотографираме нивната храна, да се дружиме и да им дојдеме следната година на гости кога ќе може да помагаме во реновирање на ресторанот. Се случувало да ни спакуваат тркало Гравиера сирење од нивната фарма на островот Наксос, за да си го носиме дома (часови и часови возење со траект и авион), ни подарувале локални ликери во знак на благодарност на Крит... Како и да е, најсмешно ми беше кога во знак на протест заради дождот во Манарола (најубавото и најфотографирано селце од Чинкве Тере) седнавме во еден ресторан со намера да им ја изедеме целата храна и бевме толку успешни во тоа, по што швајцарскиот пар од соседната маса почна да навива што да нарачаме следно.



Иако сте гурманка се храните по одреден режим... Кето исхраната како што споменавте го промени Вашиот живот. Како?

Цел живот се борев со недостаток на енергија, брутална сезонска депресија и, во поново време, некои мистериозни и необјасниви алергии на храна. Витамински суплементи помагаа само делумно, алерго тестот не ми објасни ништо, менување стил на исхрана и исфрлање на одредени групи на храна и алкохол не правеа разлика. Се додека случајно не налетав на Кето режимот, го испробав, и за шест месеци сите здравствени проблеми ги снема. Иако повеќето луѓе почнуваат со режимот за да ослабат без гладување, најпозитивната придобивка од Кето исхраната за мене е зголемената продуктивност и креативност. Како одеднаш да се крена маглата и мозокот ми проработе со полн капацитет за првпат во животот.


Раскажете ми повеќе за Вас... За страста кон фотографијата, со која се занимавање долги години...

Фотографирањето ми дојде природно и неопходно исто како и дишењето. Беше и остана основна потреба. За мене тоа е константен нагон да се овековечат моментите кои ми значат, без оглед дали некој ќе ги види, или не. За моја среќа, многу од тие моменти се универзално прифатени како убави и можам да профитирам од нив без да си ја продадам душата, работејќи нешто што воопшто не ме исполнува.


Кои се „моментите“ по кои сте препознатлива во изразот?

Тие моменти се во палетата на бои кои ги користам за да доловам мириси, вкусови, чувства кои не се видливи со голо око.


Кои други нешта Ве радуваат и уживате во нив?

Ме радува кога ќе научам нешто ново - направи сам туториjали на Youtube, online курсеви за историја или други култури... Ме радува моето ново хоби што се претвора во професија – декупаж техниката на декорирање шишиња и други предмети. Стекнувањето нови искуства е она што ме одржува во живот. Рутината и стагнацијата ме фрлаат во депресија многу брзо.



Што почитувате кај другите?

Смисла за хумор, особено на своја сметка, приземност, скромност, желба да се работи на себе и да се учат нови работи, отвореност кон нови идеи. Просто е неверојатно колку овие особини се ретки во денешно време.


Споменавте дека малкумина се тие кои се дел од Вашето секојдневие... Тоа значи дека сте внимателни со кого ја споделувате енергијата и времето...?

Апсолутно. Имам вроден нагон да давам, а повеќето луѓе само да земаат. Ако не поставам граница некаде, за мене нема да остане ништо. Немам намера да се менувам за да доминирам во токсични интеракции, иако лесно би можела. Едноставно не мислам дека менталниот данок што тоа ќе го земе, ќе се исплати долгорочно. За жал, многу луѓе го сфаќаат тоа како предизвик да ми ги поместуваат границите, што секогаш завршува погубно за нашата комуникација. Затоа поголемиот дел од времето го минувам со растенија и животни. Правам исклучок за луѓето од кои можам да научам нови работи, кои ми отвараат нови гледишта, со кои можам да се развивам како личност. Тие се, нормално, еден на илјада, што ми остава време да се посветам на други работи, што е рај за интроверти како мене



Како минува еден Ваш ден/секојдневието? Кога творите, а кога се посветувате на себе и на нештата што ве исполнуваат духовно и емотивно?

Кога творам е точно кога се посветувам на себе и нештата што ме исполнуваат. Најмногу енергија имам преку ден (од 6 наутро до 14 часот попладне). Ако работам нешто за клиент, не станувам додека не го завршам, или додека очите не ми откажат, што би се рекло. Доколку немам краен рок за завршување на некоја задача, денот го организирам во зависност од расположението - откако ќе се погрижам за кучињата и растенијата, можам да работам на некој нов Направи сам проект, ново декупаж шише, да собирам идеи за во иднина, да фотографирам нешто ново, да експериментирам во кујната...


Како во сето тоа се вклопува Скопје? Дали го живеете ноќниот живот што градот го нуди или пак сте презаситени имајќи го фактот дека одреден период бевте активна во клубската музичка сцена?

Скопје во најдобар случај го игнорирам, а најчесто само го мразам од дното на душата. Не може да не ме фати депресија кога од било каде се враќам во Скопје... На самиот влез почнува специфичниот смрад, гужвата, лудаците што возат како дозволите да ги имаат стекнато како летоци фрлени од авион, фаците што мислат дека се урбани ако исечат дрво и шутнат куче... Никаде во свет немам сретнато такво фрустрирано и искомплексирано купче луѓе, како ова што сега го сочинува Скопје.

Инаку, десет години клабинг и шест години медиумско покривање на клубската сцена беа повеќе од доволно, ако сега издржам будна до 22 часот вечер, треба да добијам медаља



Несекојдневна е глетката една убава млада урбана жена да се занимава со одгледување градина... Но, Вие го уживате процесот... како би го опишале она што го добивате за возврат од неа/од природата?

Како што спомнав, имам нагон да давам и да се грижам за нешто, а градината е од тие работи што враќаат само со добро. Ме радува кога гледам како растенијата реагираат на грижата, како растат, цветаат, колку пчели се собрале, како зреат плодовите (кои се воедно и највкусните што сум ги пробала!), како мачињата си играат и се радуваат на секоја играчка што сум ја закачила таму за нив... Сето тоа ме полни со енергија, тоа е светот каков што, според мене, треба да биде.



Како се грижите за изгледот? Какви се Вашите размисли за убавината?

За мене убавината и здравјето се неразделни - здравото е убаво, а здравје не можеш да одглумиш. Кога се грижиш за тоа под површината, другото се средува само. И, секако, многу помага кога ја имаш најдобрата фризерка во градот 

Пишува: Софија Успенска

Фото: Ивана Дракулевска 

"Иако се секогаш нахранети и имаат топли и меки кревети дома, преферираат да дивеат низ градината, да ловат се што ќе прелета и да спијат во саксии, по можност врз јагодите"


Куси резови:

- Најчудното јадење што сте го вкусиле...

За некои луѓе скоро се што јадам е чудно - цветови, сирење со мармалад, месо со цимет, пица со ананас, слатки без шеќер со желе од лаванда, полжави (едно време дури и ги одгледував)... Никогаш, што и да ми сервираат, не сум помислила дека е чудно. Ок, еднаш по грешка си ставив сол во кафето, тоа беше чудно

- Филм кој секогаш ви се навраќа во мислите...

"Небо од ванила"

- Танцувате на...

Ништо, никогаш.

- Омилена изрека...

Имам богата палета на пцовки (на повеќе од шест различни јазици, благодарение на 15 годишното играње Unreal Tournament online), што ја користам повеќе отколку било која друга фраза, ама ќе ве поштедам од тоа искуство



Спонзорирани линкови

Маркетинг