Емотивната поддршка од најблиските е факторот кој ни помогна успешно да го исполниме нашиот сон

Точка

19/07/2017

15:22

3.478

Големина на фонт

а а а

Пред 4 години двајца млади тргнаа на пат околу светот со својот Yamaha мотор, без строг план и правец, но со авантуристички дух и ентузијазм што можат да се мерат во тони. Ивана и Ману, по четиригодишно патување со мотор од едниот до другиот крај на светот, својата авантура пролетоска ја завршија во Скопје.

Откако светот слушна за нив и илјадници фанови ги следат на социјалните мрежи, сите се во исчекување на нивните нови рути обележани на мапата. А Ивана и Ману не пропуштаат дa споделат возбудлива фотографија на нивната Instagram страница. Токму нивната авантура беше инспирација за Македонски Телеком да ги вклучи во својата нова роаминг кампања и најновиот телевизиски спот кој е составен од кадри од нивните патувања и доживувања. Тие со радост прифатија да бидат дел од најдобрата мрежа и во роаминг да останат поврзани, каде и да се. Инспиративната приказна на Ману и Ивана и плановите за нови авантури побуди голем број на прашања а нивната несекојдневна отвореност и искреност ни овозможија да направиме интервју кое нема да ве остави рамнодушни.


1. Поголемиот дел од јавноста ве знаат како Ману и Ивана кои поминаа 55 земји, 6 различни континенти и 147.000 извозени километри за четири години. Имаме безброј прашања во врска со патувањата кои сакаме да ви ги поставиме, но за почеток би тргнала скромно со прашањето како се запознавте?

*(всушност поминавме 65 земји и 160.000 километри ;) )

Секоја различна приказна обично има различен почеток. Па така, ние не се запознавме во бар, ниту пак на вообичаена забава со пријатели ниту пак на Tinder. Ние се сретнавме на плажите на еден познат грчки остров каде и двајцата им продававме на туристите ракотворби што сами ги изработувавме. Еден ден Ивана немаше како да стигне до плажата на другата страна од островот и праша еден тип од Шпанија, кој исто така работеше на плажата, дали ќе може да ја пренесе до другата плажа на неговиот мал и речиси расипан скутер. Тоа беше кратко патување, но доволно за да се поврзат две слободни души. Тогаш ние ниту знаевме нешто ниту пак можевме да си замислиме што ќе се случи, но судбината не сакаше тоа возење на моторот да заврши на другата страна од островот.  


2. Кој од вас е главниот виновник за да се случат овие Ваши патешествија? Дали беше заедничка одлука или пак едниот од вас страста за моторот и патувањата ја пренесе на другиот?

Кога се запознав со Ману, тој живееше во една напуштена куќа во Миконос, за време на летото работеше на островот, а остатокот од годината патуваше низ светот на еден прилично посебен и атрактивен начин и не ми требаше многу време да одлучам да му се придружам на неговиот начин на живот. Можам да кажам дека заедно патуваме откако се сретнавме, пред 8 години, затоа што иако имаме многу различни карактери и двајцата го имаме тој инстинкт кој нѐ тера да тргнеме во потрага по авантура кон другата страна на хоризонтот.

Потоа, на едно од патувањата на југот од Индија, за прв пат зборувавме да патуваме околу светот на мотор и тоа за нас беше нормално прашање, како на пример кога треба да одлучиш дали викендот ќе го поминеш на плажа или на планина. Ние мислевме дека тоа е еден интересен начин да се патува низ светот. Искрено, не се сеќаваме кој прв ја предложи таа идеја, можеби тоа беше нешто што и двајцата го сакавме. Не се сеќаваме кога за прв пат го предложивме овој проект кој се претвори во нешто што денес е „Around Gaia“, не планиравме ништо, не истражувавме ниту пак се подготвувавме. Од самиот почеток оставивме да се случи она што треба да се случи.


3. Од една страна сигурно е огромно богатство и благодет да ја имате можноста да видите и запознаете толку многу земји и култури, искуствата се непроценливи и верувам го менуваат ДНК кодот на човека, но од друга страна ова е и голем предизвик кој бара многу откажувања, издржливост и жртви....па повеќе ме интересира овој вториот дел. Со какви препреки и предизвици се соочувате кога патувате толку долго време на мотор?

Откако патувавме низ светот на мотор, многу луѓе можеа да ги видат нашите слики од прекрасните места, луѓе и искуства коишто ги споделувавме, а сето тоа е затоа што ние сакавме да ги поканиме сите коишто нѐ следат да тргнат и да го видат светот. Но, кога патувате 4 години низ светот на мотор, се соочувате со многу тешкотии и пожртвуваност, зборовите „удобност“ или „безбедност“ за нас добиваат сосема ново значење, а се разбира тука е и ризикот како дел од овој вид на живот. На секоја планина, во секоја пустина или џунгла низ кои поминуваме, свесни сме дека во било кое време може да ни се случи нешто што би можело да му стави крај на овој сон (екстремни климатски услови или тешкотии со кои се сретнуваме на патот коишто може да предизвикаат несреќа како онаа во која Ивана ги скрши нозете во чилеанската Патагонија). Диви животни, на нив мора многу да внимаваме кога кампуваме (се случувало мечки, змии отровници, горили, па дури и лавови да ни прават друштво додека кампуваме). Потоа, имаше земји коишто не се баш безбедни, со високи стапки на насилство поради сиромаштијата која владее таму, областите каде се тргува со наркотици или воени зони коишто не можеме да ги избегнеме по пат, а во такви случаи психологијата и емпатијата беа асови во нашите ракави коишто ни помогнаа да поминеме без проблеми. Не треба да ги заборавиме ниту невидливите болести, како маларијата, тропската треска или Чикунгуња грозницата на кои бевме изложени во тропските места на нашава планета, или недостатокот на кислород на високите места, финансиските проблеми, големата корупција во некои земји и како што поминува времето и носталгијата. Многу пати плачев за време на ова патување, но секој пат кога поминував низ стрес или опасна ситуација станував сè посилен. На крајот на краиштата, секогаш би избрал краток живот исполнет со разни искуства, отколку долг и празен живот.


4. Бидејќи поминаа 4 години откако го јавнавте моторот и отпатувавте, дали можете да си ја замислите вашата врска во кој правец ќе се одвиваше да не беше ова искуство. Колку авантуристичкото патување и моторот ве споија, а колку ве разделија?

Ние сме постојано заедно и тоа толку долго време, што ако тоа го споредите со времето што вообичаен пар го поминува заедно, се чини како да сме биле во брак 100 години. Честопати тоа е навистина тешко, особено кога луѓето се толку различни како што сме ние еден со друг. Караниците и напнатите ситуации се дел од нашите животи, во кои секојдневно доаѓаат во судир балканската со латинската крв, а понекогаш тоа се случува на многу „живописен“ и „изразен“ начин. Но на крајот на краиштата, интересно е како од таквата расправа завршуваме со интересна одлука за тоа како да продолжиме заедно. Тоа што постојано сме на пат беше најдоброто нешто што направи нашата врска да трае. Нашата рутина е тоа што секој ден се соочуваме со различни ситуации, поминуваме низ различни места и се среќаваме со нови луѓе, а на крајот единственото нешто што ни останува сме ние двајцата. Довербата којашто произлезе од нашите патувања, особено во тешките моменти, е многу цврста врска којашто е тешко да се раскине... иако дефинитивно ни е потребен одмор, можеби кратко патување на крајот од летото?


5. Што сѐ вклучуваат вашите подготовки за пат? На кое место од приоритетната листа ви се, на пример, мобилните телефони, полначите, роамингот, интернетот...?

Ние практично живееме на пат, па затоа нашите торби се секогаш спремни. Во било кое време може да ги смениме плановите или да тргнеме на пат и затоа не мора да трошиме време на подготвки. Она што го научивме по сите овие години е да живееме со многу малку работи, само со оние коишто ги собира во неколку торби. Затоа, сето она што го поседуваме е она што навистина ни е неопходно. Она за кое луѓето прво размислуваат кога треба да се пакуваат е облека и работи за во тоалет, но во наш случај тие се работите за кои најмалку се грижиме. За нас, опремата за кампување, предмети од кујна, резервни делови и алатки се првите работи за кои размислуваме. И се разбира, нашата техничка опрема за да ги документираме патувањата, како што е камера, телефони, компјутер... и секогаш батериите мора да се полни до крај. За нас, кога тргнуваме на пат, поважно е телефонот да има полна батерија, отколку да имаме нешто за јадење.

Тоа е така затоа што поголемиот дел од времето додека патуваме низ мали рурални гратчиња, надвор од патиштата во континенти како што е Африка, Азија или Јужна Америка, Интернетот и роамингот е нешто до кое немаме пристап, но овој пат, во турата што ќе ја направиме со Македонски Телеком низ Јадранот сѐ ќе биде поинаку. Ние цело време ќе бидеме поврзани и ова за нас претставува еден отворен и потполно нов свет.


6. Дали за време на патувањата сте постојано сами или можеби понекогаш ви се приклучуваат и некои ваши пријатели?

Секогаш сме сами кога патуваме. Секој сака да патува на поинаков начин, некои луѓе сакаат да патуваат брзо, некои бавно, некои се заинтересирани за дестинацијата, некои пак за маршутата... Ние патуваме бавно, застануваме на многу места и секогаш кога нешто ќе ни го привлече вниманието, застануваме за да фотографираме и да зборуваме со луѓето коишто живеат во местата што ги посетуваме и токму затоа потребно ни е да имаме слобода да бидеме сами и да се движиме онака како што сакаме, па дури и кога тоа значи на не толку безбеден начин, особено во далечните и проблематични места. Како и да е, кога ќе дојде тој ден да се симнеме од моторот и да завршиме со нашето патување, се разбира дека ќе бараме луѓе со кои ќе патуваме.  


7. Oстанувате ли поврзани со вашите семејства и пријатели кога заминувате во нови авантури или претпочитате да се исклучите од сѐ?

Мајка ми е од Македонија и се разбира дека мора постојано да бидам во контакт со неа. Затоа, секогаш кога имам безжична конекција прво ѝ пишувам порака, нешто како „добро сум, денес е супер, уште сум жива и среќна!“ (без разлика низ што поминувам). Нормално, ѝ пишувам секој ден, барем една реченица, освен кога поминуваме низ одредени места како на пример низ пустина. Тогаш не можам да стапам во контакт со неа неколку денови и можам да го почувствувам нејзиниот стрес и загриженост дури до другата страна на планетата. Да бидеш поврзан е многу важно, мојата прва внука се роди токму кога започнавме со „Around Gaia“ во 2013 година и 4 години ја гледам како расте и формирам силна врска со неа преку екранот на мојот телефон, гледам свадби на многу мои пријатели преку видео и ја чувствувам поддршката на многумина коишто нѐ следат, а кои никогаш порано не сум ги видела, кои многу ми помагаат со нивните пораки да продолжам и да не се откажувам во тешките моменти од ова патување. Можеби Ману повеќе го сака романтизмот на системите коишто обезбедуваат слаба комуникација од пред 100 години, но во мојот случај навистина уживам во малиот прозорец кон Македонија кој секогаш го носам во мојот телефон.

Како и да е, многу е полесно кога имаш вклучено роаминг. Сите луѓе коишто сакаш да ги слушнеш се поблиску, сите материјали полесно се споделуваат, „симнуваат“ и „качуваат“ и каде и да си чувството на сигурност е идентично силно, зашто, едноставно, си ем слободен ем поврзан.


8. Благодарение на ваквата ваша одлука за невообичаен стил на патување несомнено го привлековте вниманието на јавноста, а Македонски Телеком во вас виде и партнер за својата роаминг кампања која ја поддржува слободата на движењето. За каков тип на соработка станува збор, што од вас беше побарано?

Телеком ни предложи многу интересна летна кампања со „Around Gaia“ поделена на два дела, првиот со класично место каде во неколку секунди се обидуваме да ја пренесеме и да ја инспирираме јавноста за слободата на духот којашто ја претставува нашата приказна. Сакаме да ги поканиме луѓето да патуваат, без разлика дали на блиски или далечни места, и да посетат места кои никогаш ги немаат посетено.

Вториот дел ќе биде поинтересен. Се подготвуваме за тура којашто ќе трае еден месец, за време на која ние ќе ги документираме нашите искуства, но на поразличен начин од оној кој им е познат на оние коишто нѐ следат и сето тоа во рамки на најновата кампања за роаминг. Овие искуства ќе ги споделуваме секој ден на социјалните медиуми преку профилот на Македонски Телеком ( Telekom MK), ќе има игри, подароци и интеракција со јавноста. Тоа ќе биде најповрзаната тура на „Around Gaia“.


9. Значи вие сега, покрај авантуристи, добивте уште една улога...на патувањата вие сте и еден вид на режисери кои ги документираат своите искуства? Како се снајдовте во оваа улога?

Тоа беше дополнителна мотивација да се искористи повеќе од секоја дестинација и од луѓето со кои се сретнуваме додека патуваме. Сега ја прифаќаме одговорноста да ја споделиме убавината што ја пронајдовме во светот, да му дозволиме на секој кој нѐ следи од неговиот телефон или компјутер, да дознае малку повеќе од „Around Gaia“, некоја убава порака, мотивација да го оствари сопствениот сон. Како што поминува времето, гледаме како растеше овој процес на документирање, секојпат треба да се трудиме повеќе и да ги подобруваме нашите приказни и фотографија.

Има многу работа, замислете секој ден откако сте патувале по жешки патишта низ пустина, каде сте паднале неколкупати и треба да го буткате моторот со сета енергија што ја поседувате за да стигнете на дестинацијата што сте ја одредиле за тој ден, да се соочувате со секоја пречка, да се справувате со секоја нова и непозната ситуација која секогаш постои кога тргнувате на пат, да поминете време со новиот домаќин... и кога мислите дека сте завршиле сѐ и само сакате да си легнете и да одморите затоа што знаете дека ве чека уште еден напорен ден, токму тогаш ние го вклучуваме компјутерот, префрлуваме слики, ги уредуваме, пишуваме дневниците, подготвуваме статии за списанија, уредуваме видеа... Навистина има многу работа, тешко е да се објасни, но мотивацијата секогаш беше многу голема, никогаш не забораваме дека она што го правиме е на некој начин изнаоѓање на урамнотеженост на кармата, за она што го добиваме од ова прекрасно искуство низ светот, гостопримливите луѓе што ги среќаваме и наклонетоста на планетата кон нас, ние мора да дадеме нешто за возврат.


10. Завршивте едно големо патување низ неколку европски земји но веќе од следната недела тргнувате во поход на нови искуства...кажете ни нешто повеќе за ова ново патување од каде започнувате и која е маршрутата?

Луѓето можат да си замислат дека во овој момент не можеме да запреме за долго време, па така следниот вторник повторно тргнуваме на пат, но овој пат патувањето ќе биде поразлично и придружено од Македонски Телеком. Турата ќе трае 30 дена околу Јадранот, од Скопје до Венеција и назад, поминувајќи низ 6 земји со пауза на 18 различни места. Ова е летна тура, па затоа ќе посетиме некои од најдобрите летни дестинации на Балканот и ќе направиме неверојатни фотографии користејќи timelapse, 360º камери, подводно фотографирање, интервјуа со луѓето, натпревари, ќе направиме снимки преку кои луѓето ќе се чувствуваат како да патуваат со нас. Ова ќе биде споделување на патувањето на едно повисоко ниво. За прв пат се подготвуваме и истражуваме, а имаме и цел тим од Телеком кој ќе не поддржува и потпомага. Но, луѓето не се само љубопитни за дестинацијата, тие сакаат да знаат повеќе за патувањето, па така на оваа тура околу Јадранот ние ќе споделиме некои од нашите тајни.


11. На кој начин ќе можеме да ја следиме вашата нова авантура?  

Како и секогаш ние ќе ги споделуваме нашите авантури на „Around Gaia“ социјалниот медиум:
www.facebook.com/aroundgaia
www.instagram.com/aroundgaia_travel

Но, овој пат луѓето исто така ќе може да не следат на социјалните медиуми на Telekom MK (facebook, instagram, twiter и youtube).


12. Дали би можеле да ни издвоите некоја случка која била голем предизвик за двајцата за да не се откажете, и на некој начин била тест на карактер да се истрае во замисленото?

Тоа беше во далечната чилеанска Патагонија, на еден осамен и студен пат опкружен со глечери и фјордови каде Ивана скрши 2 коски на нозете. Најблиската болница беше оддалечена 300 километри и ни требаше неколку дена да најдеме соодветен доктор по трауматологија кој ни ги кажа лошите вести. Ногата мораше да се оперира, а потребни беа 6 месеци за да закрепне и докторот ни кажа дека мора да прекинеме со патувањето.

Но, потребни беа само неколку минути за да решиме ваквата ситуација да ни биде предизвик. Ја направивме операцијата и најдовме семејство каде престојувавме месец и пол, сѐ додека Ивана можеше повторно да застане на нозе, а потоа решивме да продолжиме без да ја менуваме нашата дестинација, па дури и да стигнеме до најјужниот град во светот, токму пред Антарктичкиот континент. Не беше лесно да се патуваат 5.000 километри низ импресивната пустина Патагонија во услови во какви беше Ивана: со ортопедска чизма и две патерици, но ние најдовме начин како да го направиме тоа. Додека Ману се обидуваше да вози низ земјата каде имаше најсилни ветрови на светот, Ивана патуваше авто-стоп со неколку камиони коишто поминуваа по тој пат.

На крај, не го послушавме советот на докторите и одлучивме да не го прекинеме патувањето.


13. Дали добивате поддршка од вашите најблиски за ваквиот животен стил?

Од првиот ден па сѐ до сега, имаме огромна поддршка од нашите семејства. Тоа е голем фактор кој ни помогна успешно да го исполниме овој сон. Патувањето, само по себе, честопати беше тешко и напорно и нашите семејства можеа од сликите и видеата да видат како плачам и сакам да се откажам од сѐ. Тоа беа моменти кои сигурно им ги скршиле срцата, но никогаш не ни велеа да престанеме и да се вратиме. Секој пат, дури и кога имав операција на скршената нога или кога имавме бирократски проблеми, тие беа секогаш со нас и ни помагаа и ни даваа емоционална поддршка. Исто како што овој проект ни беше важен нам, тој беше важен и за нашето поблиско семејство. Следејќи нѐ на социјалните медиуми, тие ги гледаа нашите различни искуства, добиваа информации и учеа многу работи од нас. Тоа правеше тие да се чувствуваат исто како да патуваат заедно со нас. Тие беа среќни и горди на нашиот успех. Поддршката од семејството, блиските пријатели и луѓето кои не ги ни познаваме лично, но со кои бевме поврзани секој ден и кои ни пишуваа ни беше многу важно и ни помогна да продолжиме напред дури и во тешките моменти и да направиме нашиот сон да стане реалност.


14. Кога не патувате со што се занимавате?

Размислуваме за нашата следна дестинација, некој нов проект, како да почнеме да учиме нешто ново.



Спонзорирани линкови

Маркетинг