Сашо Мијалков: Невин сум

Макфакс

17/07/2017

16:06

6.467

Големина на фонт

а а а

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, дојде денеска во Апелацискиот суд на расправа по жалбата на СЈО околу одбивањето да му се изрече мерка притвор и неговата жалба на одлуката да му се одземе пасошот.

Мијалков е еден од десеттемина обвинети за предметите „Таргет“ и „Тврдина“, при што се товари за три дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластувања и за примање награда за противзаконско влијание.

Во расправата обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, на судот му достави анкетни листови на Мијалков до Државната комисија за спречување корупција и извод од централниот регистар во Чешка, од кои се гледа дека таму има стан и фирма како сугестија дека таму може да избега од судењето. На тоа реагираше одбраната, при што неговиот адвокат Љупчо Шврговски посочи дека Мијалков има имот во Чешка од 1993 година и, да сакал, немало да се врати во земјава. Мијалков покрај Шврговски го бранат уште двајца адвокати, Миле Петровски и Петар Василев.

Мијалков, како и другите обвинети, се бранеше дека не само што не се обидува да избега туку и менувал авионски билети само за да дојде во СЈО. Тој вети дека ќе се јавува во судот и во СЈО, но обвинителот на Специјалното обвинителство, Трајче Пеливанов, се пожали дека Мијалков селективно ги прима поканите и контактот со него е отежнат. На тоа Шврговски реплицираше дека „не треба секој криминалец да знае каде е Мијалков“, илустрирајќи ја потребата од негова безбедност со фактот дека има шест телохранители во моментов. Тоа што СЈО бара притвор за обвинетиот, за Шврговски е политичка пресметка.

Мијалков бранејќи се тврдеше дека кога бил во СЈО се договорил со Катица Јанева дека ќе се јавува за исказ и дека СЈО сега сака да го изманипулира судот.

„Верувам во овој суд и во професионалноста на судиите“, рече тој додавајќи на крајот дека е невин по сите обвиненија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг