„13 Reasons Why” – Серијата која направи вистински „бум“ на интернет

Точка

19/05/2017

20:33

2.623

Големина на фонт

а а а

На почетокот од оваа година на листата на нови проекти на Netflix се појави и насловот „13 Reasons Why“. Со популарната пејачка, актерка и најголема Инстаграм ѕвезда Селена Гомез во улогата на продуцент, серијата и пред своето излегување на крајот од март разбуди огромен интерес кај публиката.

Снимена по истоимениот роман првенец на Џеј Ашер, „13 Reasons Why“ е тинејџерска серија која, поискрено од сличните серии кои и` претходеа, зборува за средношколските денови и растењето и ги открива тајните скриени зад затворените врати на тинејџерските соби, испишани на маргините на тетратките и преживеани во училишните ходници и училници.


Иако серијата „13 Reasons Why“ можела да ја следи испробаната формула на успешни тинејџерски серии со големи забави и драматични романси и да стане клише привлечно за многумина, таа во целост ја изненади публиката и критиката и сосема неочекувано, благодарение на промените кои ги внесе во жанрот на американска тинејџерска серија, се истакна како една од сериите кои ќе ја одбележат 2017 година.


Дејството на серијата е сместено во мало градче во Америка и започнува со трагичното самоубиство на Хана Бејкер (Кетрин Ленгфорд). Тринаесетте епизоди од серијата го следат Клеј Џенсен (Дилан Минет) кој на својот трем наоѓа кутија во која има седум двострани аудио касети со тринаесет приказни – тринаесет причини зошто Хана Бејкер си го одзела животот пред две недели. Секоја приказна е посветена на една личност и една причина, а секоја од личностите мора да ги преслуша сите касети и потоа да ги проследи на следната личност во низата. Во спротивно, копиите од снимките и причините за нејзиното самоубиство ќе станат јавни.

Откако серијата излезе на крајот од март, интересната и интригантна приказна привлече голема публика, а првиот бран на реакции донел исклучително позитивни критики и коментари. После неколку дена, колку што им беа потребни на повеќето гледачи за да ги изгледаат епизодите, серијата стана вирален хит, пишува Journal.hr.

Сепак, времето донесе и негативни коментари, што и не беше неочекувано со оглед на исклучително чувствителните теми за кои се зборува во серијата многу искрено и транспарентно.


Од самоубиство и депресија до малтретирање од врсниците и разочарувања кои во средношколските денови ги носат првите симпатии и пукања на пријателства, серијата во рамките на тринаесетте епизоди ни понуди суров поглед на тинејџерскиот живот за кој не се зборува и кој не е секогаш едноставен за гледање.


Со негативните критики како оние за глорификација на самоубиството, многумина ја окарактеризираа серијата како тригер за будење на негативните емоции кај тинејџерите и наместо возрасната граница од +15, препорачано е гледање на оваа серија за сите кои имаат над 18 години.

Иако серијата несомнено многу отворено зборува за мрачната страна на тинејџерскиот живот и во центарот ги става негативните ситуации и емоции, таа низ секоја епизода истовремено носи и многу поучен и искрен пристап, лишен од прекумерна драматизација и претерување.




Спонозорирани линкови

Маркетинг