СДСМ од Хан очекува да пренесе дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок

Макфакс

20/03/2017

15:22

269

Големина на фонт

а а а

СДСМ од посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, очекува дека ќе ги пренесе пораките кои веќе се дадени од страна на Европската комисија, од страна на Советот на министри на ЕУ, од страна на еврокомесарот Могерини, а тоа е дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок, изјави во понеделникот портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

„Очекуваме дека тоа е пораката која ќе биде пратена и до Иванов и до Груевски. Очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски. Никола Груевски ја создаде оваа криза, Никола Груевски не може да биде дел од оваа криза. Дефакторизираниот Груевски очајно се обидува повторно да стане фактор во политиката во Македонија. Македонија му кажа збогум на Никола Груевски и тој е минато во политиката и од него не можеме да очекуваме ништо што може да и донесе добро на оваа држава“, рече Шилегов.

Во поглед на консултациите кои во вторник ќе се одржат во Собранието околу продолжувањето на конститутивната седница, Шилегов вели дека партијата очекува дека во најбрзо можно време ќе се закаже седницата на Собранието на која ќе се избере Претседател и да може да се движи демократскиот процес.

„Очекувавме дека тоа ќе биде направено уште во текот на минатата недела или за деновите на викендот. Неодговорно е Република Македонија да зависи од тоа што Илија Димовски се сонча на некоја плажа во Грција, затоа што бил на викенд и не можеме да продолжиме со работата на Собранието“, смета Шилегов.

Запрашан за тоа дали може да се очекува претседателот Ѓорге Иванов да го предаде мандатот за состав на влада, Шилегов вели дека „Иванов треба да биде свесен за личната и правна, но и историска одговорност којашто има тој за судбината и иднината на Македонија“.

„Ѓорѓе Иванов треба да биде свесен за сопствената лична и правна, меѓутоа и историска одговорност којашто ја има за судбината и иднината на Република Македонија. Во Република Македонија мораме најпрвин да го вратиме назад Уставниот поредок, затоа што знаете ако ја задржиме сегашната пракса, зошто ни се нови избори, тогаш можеби ќе му текне на Ѓорге Иванов да не го даде мандатот повторно, се доведуваме во еден апсурд. Во Македонија имаше избори, на Македонија не и се потребни избори, граѓаните на Република Македонија кажаа дека сакаат промени, формирано е ново Владино мнозинство во парламентарна демократија каква што е Република Македонија. Ѓорге Иванов нема право да се противи на Уставот на Република Македонија“, додаде Шилегов.


Спонзорирани линкови

Маркетинг