Израелците со закана до Сирија: Следниот пат кога ќе го направите тоа, ќе ве срамниме со земја!

Точка

20/03/2017

11:37

4.757

Големина на фонт

а а а

Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман се закани и упати јасна порака до режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Либерман се закани дека Израел ќе ја срамни со земја целата против-воздушна одбрана на Сирија, откако претходно Сиријците лансирале ракета земја-воздух на израелски борбени авиони кои што изведувале воени операции на позиции во Сирија.


„Следниот пат кога Сиријците ќе ја користат својата против-воздушна одбрана против нашите воени авиони, ние ќе ги уништиме без воопшто да размислуваме“, порача израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман, пренесува новинската агенција "AFP".


Израелските авиони извршувале воени операции во Сирија во петокот, а израелскиот министер тврди дека на мета на израелските авиони биле конвои со оружје кои што требало да ги добие организацијата Хезболах во Либан.

Од друга страна, се огласија од сириската војска од каде што тврдат дека израелските авиони бомбардирале позиции во близина на Палмира (град кој што сириската армија и Русите го ослободија од Исламската држава минатиот месец) и притоа еден израелски авион бил соборен, а друг бил оштетен.

Израелците ги демантираа тие информации и тврдат дека „биле лансирани неколку против-воздушни проектили кон нивните авиони, но ниту еден од нив не ја погодил целта“, а еден од проектилите бил пресретнат од израелската против-ракетна одбрана.


Станува збор за најголемиот конфликт помеѓу Израел и Сирија во последните шест години откако започна граѓанската војна во Сирија. Пред една година, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху за прв пат јавно призна дека израелската армија нападнала конвои кои што пренесувале оружје за Хезболах.

Инаку, Израел и Сирија формално и натаму се во војна уште од 1967-ма година за време на „Шестдневната војна“ кога Израелците воспоставија контрола над сириска територија, односно на познатата Голанска висорамнина.


Спонозорирани линкови

Маркетинг