Ердоган им порачал на Турците во Европа да имаат по пет деца: „Тоа е одговор на непријателството!“

Точка

17/03/2017

20:00

2799

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги повикал Турците кои живеат во Европа наместо по три, да имаат по пет деца, порачувајќи ѝ на милионската дијаспора дека е „иднината на Европа“, пренесува АФП.

Агенцијата наведува дека Турција и Европа се во кавга откако Германија и Холандија не им дозволиле на турските министри да одржат митинзи за поддршка на проширувањето на претседателските овластувања на Ердоган во тие земји, за кои државјаните на Турција ќе се изјаснат на референдум следниот месец.

„Оттука можам да им кажам на моите граѓани, на моите браќа и сестри во Европа... Школувајте ги децата во подобри училишта, осигурајте се семејствата да ви живеат во подобар крај, возете подобри автомобили, живејте во подобри куќи. Имајте по пет деца, не по три. Вие сте иднината на Европа. Тоа е најдобриот одговор на непристојноста која ја покажуваат кон вас, на непријателството, на неправдата“, рекол турскиот претседател.


АФП потсетува дека во Европа се населени околу 2.5 милиони државјани на Турција кои можат да гласаат на референдумот, а освен нив, милиони луѓе кои живеат во ЕУ имаат турски корени.

Ердоган, кој има четири деца, претходно ги повикал жените во Турција да раѓаат најмалку по три деца за да се зголеми популацијата.

Заканата на Чавушоглу: Во Европа ќе почнат свети војни

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, коментирајќи ги резултатите од парламентарните избори во Холандија, вчера изјавил дека Европа оди во амбис и верски војни.

„Погледнете ги социјалдемократите и фашистот Вилдерс, нема разлика, тие го имаат истиот менталитет“, изјавил Чавушоглу, пренесува „Анадолија“.

Изјавата на Чавушоглу следувала после објавувањето на резултатите од парламентарните избори одржани во Холандија, на кои победи Народната партија за слобода и демократија (VVD) на премиерот Марк Руте, пренесува АФП.

Меѓутоа, Чавушоглу не запрел тука, туку најавил „света војна“ во Европа.


„Сите тие имаат ист менталитет. Каде одите? Каде ја водите Европа? Го започнавте колапсот на Европа. Ја влечете Европа во бездна. Наскоро ќе започнат свети војни во Европа“, рекол тој.

Дипломатските тензии помеѓу Холандија и Турција не престануваат, туку стануваат сè поголеми.

За потсетување, откако холандската влада го откажала собирот во Ротердам на кој требало да зборува Чавушоглу и ја повлекла дозволата за слетување на неговиот авион во земјата, започнале нивните политички несогласувања.


Спонозорирани линкови

Маркетинг