И Русите заглавија во проект без крај: Што се случува со гордоста на руската авијација?

Точка

17/03/2017

21:03

6611

Големина на фонт

а а а

Сериското производство на ловецот од петтата генерација на Сухој требаше да започне во 2016-та година, меѓутоа гордоста на руската авијација нема да се вивне во облаците ниту оваа година. Што се случува со најважниот проект на воздушно-вселенските сили на Русија?

Млазниот ловец од петтата генерација е најсовремениот ловец на светот кој што располага со најнапредните технологии на 21 век. Оваа групација на ловци, како и останатите, одредена е по класификацијата на технолошки развиените земји.


Многумина ги дефинираат најразлично, но кога станува збор за петтата генерација, основата е авионот да располага со врвна стелт технологија. Авионите од петтата генерација мора да исполнат услови за значајно намалена видливост, па дури и оружјето мора да биде сокриено, односно стелт.

Авионите од петтата генерација располагаат со оружје на наведување, високи перформанси при лет, напредни функции, висока интеграција на опрема и компјутерски системи и способност за вмрежување со другите учесници со цел да се постигне што поголема предност на бојното поле.


Моментално има само еден авион од петтата генерација во употреба на светот - тоа е американскиот F-22 Raptor. Освен САД кои што работат и на F-35 Lightning II, развој на авиони од петтата генерација започнаа и Кина, Иран и Индија, но Русија се чини дека е најблиску до финален производ.

Во развојот на ловецот од петтата генерација, Москва најтесно соработува со Индија, а од неодамна е планирана и соработка со Обединетите Арапски Емирати. Но, до каде стигна развојот на рускиот авион од петтата генерација и што се случува со честото одложување на тест летањата?

Сухој Т-50

Сухој ПАК ФА со ознака Т-50, засега е главната руска програма за развој на ловец од петтата генерација. Неговата основна намена е ловец-пресретнувач. Според проценките на експертите, неговата стелт технологија, можноста за летање со надзвучна брзина во режим на работа на моторот без дополнително согорување, односно суперкрстарење, создава голема предност за рускиот авион. Се смета дека ќе биде во состојба да им се спротистави на американските F-22 Raptor и F-35.

Програмата Сујој ПАК ФА се одвива во рамките на меѓународната соработка помеѓу Русија, Индија и Бразил. Во развојот, како и во идното производство, учествуваат и повеќе компании на чело со компанијата Сухој.


Иако тестирањето на авионот Т-50 со подобрен мотор од втората фаза на развојот беше планирано за оваа година, тестирањата се одложени за 2018-та година, поради што многумина се запрашаа што се случува со долгоочекуваниот руски ловец, чие што сериско производство беше најавено да започне уште минатата година.

Компанијата „Сатурн“ која што е задолжена за развој на моторот, настојува дополнително да ја зголеми неговата моќ со цел ПАК ФА да може да се носи со американскиот F-22 Raptor.

Моторот ќе развива брзина од околу 2 илјади километри на час, а според тоа, авионот ќе може да крстари со надзвучна брзина. Покрај тоа, авионот ќе биде тешко да биде детектиран на радарите благодарение на композитните материјали од кои што ќе биде изработен моторот.

Новиот ПАК ФА ќе биде вооружен со топот 9-A1-4071K кој што спаѓа во најлесните од својата класа. Топот е предвиден за онеспособување на оклопни возила или блиндирани непријателски објекти. Во еден лет, пилотот може да испали 150 проектили со калибар од 30 милиметри.

Но, додека руското вооружување, радарските системи, инфрацрвените сензори и системите за електронска војна делуваат неверојатно напредно, главното прашање во развојот на новиот ПАК ФА е авиониката, односно интегрираниот и софистициран интерфејс кој што на пилотот му овозможува лесна контрола на авионот, а токму тоа го прави американскиот F-22 Raptor најубиственото оружје.

Американските F-22 Raptor и F-35 Lightning II авиони

„Тој авион ќе биде помоќен од американскиот ловец од петтата генерација F-22 Raptor, кој што ни е главна конкуренција. Ќе биде подобар од него по маневарските можности, по вооружувањето и по радиусот на летот“, изјави Владимир Путин и порача дека „Т-50 ќе биде тројно поевтин од странските слични модели на авиони“.

Има ли Русија пари за таков луксуз?

Сепак, се чини дека рускиот претседател зборуваше малку преамбициозно. Со оглед на искуството на САД, деценискиот развој и вложените милијарди долари за развој на овие системи, прашање е дали Русите, кога ќе ги надминат сите пречки, ќе имаат пари за да го произведат новиот авион. Замислете, од друга страна, Американците немаат проблем да потрошат вртоглави 400 илјади долари само на кацигата за пилотите на F-35 Lightning II авионот.

Решението на Русија можеби лежи во соработката, па минатиот месец Русите потпишаа договор за соработка во развивањето на авионот од петтата генерација со Обединетите Арапски Емирати. Заедничкиот план е на почетокот, но факт е дека УАЕ ќе мора да го добие авионот.


Истовремено, Индија која што соработува од почетокот на развојот на ПАК ФА, ги услови руските власти дека ќе останат во проектот, единствено доколку добијат пристап до сите технологии, што значи дека Индијците ќе ги добијат и строго доверливите технологии кои што ги развиваат руските инжинери.

Несигурноста која што и натаму се чувствува во ваквите заеднички проекти може и понатаму да го одложи денот кога Русија гордо ќе го претстави својот најнов авион од петтата генерација.

Авионите кои што ќе бидат подготвени за борба, руската армија ќе ги добие дури после две-три години откако ќе завршат тестирањата, а тоа значи дека со најновите рокови, руските воздушно-вселенки сили нема да го добијат авионот пред 2021-ва година. До каде ќе стигнат Американците за најмалку 4 години?


Спонозорирани линкови

Маркетинг