Тачи: Србија не е наследник на СФРЈ и нема имот на Косово

Макфакс

16/03/2017

13:47

626

Големина на фонт

а а а

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјавил дека Србија нема имот на Косово и дека одлуката на косовската влада за имотот е праведна, уставна и законска, пренесуваат српските медиуми.

„Србија не е наследник на Југославија. Одлуката на Косово е праведна, уставна и законска. Приватиот имот е свет и во него не смее да се задира“, тврди Тачи, коментирајќи ја одлуката на косовската влада со која сиот недвижен имот регистриран на име на СФРЈ, Србија и Автономната покраина Косово се регистрира на Косово.

Тачи ги повикал претставниците на Србите на Косово да се вратат во централните институции и порачал дека „можеби во интерес на Србија е нив да ги држи надвор, но тоа не е во интерес на Србите на Косово“.

Косовскиот претседател исто така изјавил дека во наредниот период треба да се донесат важни одлуки, а меѓу нив е и формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), за што е потребно присуството на припадниците на српската заедница. „Косовските институции се подготвени“, рекол Тачи.

Запрашан околу неговата иницијатива за трансформација на Безбедносните сили на Косово во војска, тој рекол дека тоа е во согласност со Уставот. „Не можеме да се консултираме со Србија околу нашите проблеми. Косово е ваш дом, заедничка татковина во која сите треба да живееме заедно“, и порачал Тачи на српската заедница, истакнувајќи дека косовската војска ќе биде сочинета од претставници од сите заедници.


Спонозорирани линкови

Маркетинг