Нова опасна закана на Турција: Можеме само да кажеме - готово е...

Точка

16/03/2017

09:31

6.502

Големина на фонт

а а а

Турција преку својот министер за надворешни работи се закани дека еднострано ќе го раскине постигнатиот договор со Европската унија со кој што беше овозможено да биде сопрен бегалскиот бран.

„Можеме еднострано да го раскинеме тој договор. Се уште ги немаме известено нашите европски соговорници за тоа, но сепак, се е во нашите раце“, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу во разговор за мрежата „ТВ 24“ додека односите помеѓу Анкара и западните земји секојдневно се влошуваат.


„Од сега можеме само да кажеме „повеќе нема да го применуваме договорот и готово“. На нам не ни е потребна дозвола од никого“, порача турскиот шеф на дипломатијата и внесе нов бран на немир кај лидерите на западноевропските земји.

Тој порача дека Европската Унија не вовела визна либерализација за турските државјани, иако тоа било дел од договорот кој што беше потпишан помеѓу Брисел и Анкара во текот на минатата година.


„Визната либерализација е нешто без што не се може“, оцени министерот, додека пак од Брисел велат дека турските анти-терористички закони ја повредуваат слободата на говорот и мора да бидат укинати доколку Турците сакаат да патуаат на Запад без визи.

Договорот за мигрантите, Европската унија и Турција го потпишаа во Брисел пред една година со цел да биде сопрена големата бегалска криза, односно да биде сопрен бранот на бегалци кои што преку Турција пристигнуваа во Грција, а потоа преку Балканската рута ги преплавија западните земји.


Покрај тоа што во договорот беше вметната и визната либерализација за турските државјани, Анкара доби дури 3 милијарди евра помош за справување со кризата, со можност за добивање на нови парични средства кога истите ќе бидат потрошени.

Односите помеѓу Турција и Европската унија се влошија откако Германија и Холандија минатата седмица не им дозволија на турските министри да одржат говор на нивна територија на собирите за поддршка на референдумот во Турција за кој што Турците ќе гласаат за зголемувањето на овластувањата на претседателот Ердоган.


Спонозорирани линкови

Маркетинг