Екипите се плашат од потрошувачката на гориво

КРУГ.МК

14/03/2017

16:13

835

Големина на фонт

а а а

Формула 1 екипите се исплашени дека полниот резервоар со гориво може да не биде доволен за финиш на трката претстојнава сезона.

Тимовите и возачите може да треба да калкулираат со стратегијата кога “циркусот“ ќе се вози на некоја од патеките кои бараат доста гориво.

Овогодинешните правила дозволуваат 5 килограми повеќе гориво во болидите, односно наместо досегашните 100 килограми што е еквивалент на 135 литри, ќе смеат да носат 105 килограми односно 142 литри. Таа промена беше дозволена затоа што се сметаше дека со толку дополнителни литри ќе може да се “покрие“ дополнителната потрошувачка настаната од поголемиот грип и потисна сила, но тестовите во Барселона покажале дека тие 7 литри нема секогаш да бидат доволни.

Германски Auto Motor und Sport пренесува дека болидите имаат 10% поголем отпор на воздухот поради поголемата потисна сила, а со тоа и 20 кмч побавни на правците, но побрзи во свиоците. Пневматиците кои треба подолго да траат треба да им дозволат на пилотите да бидат агресивни за време на целата трка, а времињата по круг да се намалат за 3-5 секунди.

Но, патеките кои се жедни за гориво, како на пример првите две трки, Мелбурн и Бахреин, може да се покажат кобни и возачите да отпуштаат гас во финишот на трката борејќи се со проблемот наречен недостаток на гориво.

Германското списание пренесува дека инженерите на Мерцедес, Ферари, Рено и Хонда биле изненадени од податоците од Барселона поради тоа што потрошувачката била многу поголема од првично предвидената во текот на периодот на развој. Порад тоа екипите се подготвуваат за трки со штедење гориво, а возачите за усовршување на техниката на “drift and coast“.


Спонозорирани линкови

Маркетинг