Анализа на New York Times: Европа ја очекуваат 4 клучни предизвици - ќе може ли да ги преживее?

Точка

14/03/2017

19:22

6.173

Големина на фонт

а а а

Освен стравувањата од победата на радикалната десница на изборите ширум Унијата, Европа оваа година ќе биде потресена од уште неколку кризни ситуации.

Американски New York Times направи анализа во која што се претставени четирите клучни предизвици кои што се исправени пред Европа и се поставува прашањето - ќе може ли Европа да ги преживее?

Јакнење на екстремната десница во Холандија

Во Холандија во среда се одржуват парламентарни избори на кои што се очекува екстремните десничари да поминат доста добро. Моментално имаат 15 од 150 пратенички места во парламентот, а според проценките, на новите избори би можеле да добијат нови 15 пратенички места и да станат најмоќна или втора најмоќна партија во земјата.


Партијата ја предводи Герт Вилдерс, популист со анти-исламски ставови. Сепак, тешко е да се замисли дека Вилдерс и неговата партија би ја превзеле власта во Холандија затоа што за формирање на парламентарно мнозинство се потребни 76 места што значи дека останатите партии и без него би можеле да формираат пратеничко мнозинство.

Како и да е, овие избори се еден вид на тест за Европа во пресрет на изборите во Франција и Германија каде што исто така десничарите зедоа голем залет. Десничарските партии иако не можат да дојдат на власт, јасно е дека можат да извршат голем притисок во насока на создавање на популистички политики, првенствено поврзани со мигрантската политика и затворањето на европските интеграции.

Хаосот помеѓу Европа и Турција

Турските министри и функционери се на турнеја во Европа каде што ја убедуваат дијаспората да гласаат на референдумот во корист на претседателот Реџеп Таип Ердоган, односно за тоа Уставот да биде променет и да бидат зголемени овластувањата за претседателот.

Германија ги блокираше собирите, а Холанѓаните дури и не му дозволија на турскиот шеф на дипломатијата да слета во земјата. Ердоган одговори така што ги обвини Холанѓаните и Германците за нацизам.


Оваа ситуација ќе се обидат да ја искористат и турските и холандските политичари, во главно за активирање на националистите, но прашање е што ќе се случи после холандските избори и турскиот референдум. Дури тогаш ќе биде познато во која насока ќе продолжи да се движи оваа дипломатска криза.

Ердоган може да одговори така што ќе им дозволи на бегалците повторно да се движат кон Европа и така да доведе до дестабилизација на Западот, но и на Ердоган му е потребна Европа. Значи, двете страни се зависни меѓусебно, но политичкиот притисок во еден момент може да стане преголем.

Активација на членот 50

Британскиот парламент ѝ одобри на премиерката Тереза Меј да го активира членот 50 од лисабонскиот договор со кој што и официјално ќе започне процесот за напуштање на Велика Британија на Европската унија. Брегзит е тема во дипломатските разговори веќе 9 месеци, но и натаму не се знае епилогот и како тоа ќе резултира на ЕУ, но и кои ќе бидат последиците за Британците.


Кога членот 50 ќе биде активиран, Британците ќе имаат две години да ги завршат преговорите за напуштањето. Ако договорите не бидат завршени во тој период, Велика Британија ќе биде исфрлена од ЕУ без никаков договор. Но, никој не знае што тоа точно значи. Британците сакаат тоа да помине лесно, но Брисел максимално ќе им отежнува со цел да ги сопре другите членки да го сторат истото.

Најголемото прашање е - Дали граѓаните на ЕУ во Велика Британија ќе ги задржат правата кои што ги имаат и по напуштањето на Европската унија? Едно е сигурно - Брегзит сигурно ќе ѝ наштети на Британската економија, но и на европското единство.

Прашањето за Шкотска и Северна Ирска

Премиерката на Шкотска најави нов референдум за независноста на земјата која што има намера да остане во Европската унија. Премиерката најави дека референдумот треба да биде одржан кога ќе се дознаат сите импликации на Брегзит.


Последниот референдум на оваа тема резултираше со 55% од гласовите во корист на останувањето во рамките на Обединетото Кралство, но Брегзит би можел значително да влијае на одлуката на новиот референдум. Познато е дека Шкотска и Северна Ирска не ја делат истата визија за Обединетото Кралство со Лондон и попрво би останале во ЕУ.

Обединетото Кралство какво што го познаваме денес лесно би можело да се распадне, но прерано е да се каже дали навистина тоа може да се случи.


Спонозорирани линкови

Маркетинг