Последен поздрав до Вања Лазарова: Македонија со голема тага се опростува со музичката легенда

Точка

13/03/2017

12:27

2.680

Големина на фонт

а а а

По повод смртта на доајенот на македонската изворна музика, Вања Лазарова, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска упати телеграма со сочувство до нејзиното семејство.

Вања Лазарова, добитничка на државната награда "11 Октомври" во областа на културата, почина вчера на осумдесетишест годишна возраст во Скопје.


Канческа-Милевска го изрази своето жалење за загубата на оваа маркантна личност која со своето повеќедецениско дејствување ја промовираше македонската култура и уметност на национално ниво, но и во меѓународни рамки.

"Со голема тага ја примив веста за смртта на македонската музичка легенда Вања Лазарова. Нејзиното заминување претставува непроценлива загуба за македонската култура и за македонската држава воопшто. Сите сме горди на нејзиното обемно творештво, а идните генерации ќе живеат со нејзините песни. Публиката со особено задоволство ќе го памети златниот глас на македонската народна песна, нејзините врвни уметнички изведби на музичките бисери "Со маки сум се родила","Што да правам, што да чинам", "Калеш Дончо" и многу други остварувања во кои покажа дека е уметник со особен вокален капацитет, изведувач со впечатлива креативна енергија која секогаш, со задоволство, беше препознаена на сцената и поздравена од нејзината многубројна публика.


Со виртуозноста во интерпретацијата, со нејзината едноставност, искреност и бескрајна љубов кон македонската песна, Вања Лазарова, како врвен музички амбасадор, континуирано ја презентираше македонската песна на сите меридијани, за што и' должиме длабока почит. Македонската култура никогаш нема да ја заборави. Нека почива во мир, пишува во телеграмата испратена од министерката за култура.

Синоним за македонската изворна песна и икона на македонската музика, Вања престојуваше во домот за згрижување на стари и изнемоштени лица "Милица" во Кисела Вода, Скопје. Кога ова се обелодени за јавноста уште во мај, 2014-та година, луѓето во неверување коментираа како е возможно еден уметник од нејзин калибар да не го ужива статусот кој го заслужува. Па потоа се покрена и онлајн петицијата во која македонскиот народ бараше Лазарова да добие национална пензија од Министерството за култура.

"Не е до парите, туку до честа!" - беа нејзините зборови кога и' беше соопштено дека е покрената акција да добие национална пензија. По што беа објавени нејзини три албуми и Министерството за култура и ја додели наградата "11 Октомври" па по автоматизам се здоби и со национална пензија.

И македонските ѕвезди се простија од Вања Лазарова - со зборови полни со тага и почит Македонија се испрати со легендарната пејачка.

"Не можам да кажам дека ја познавав, сум ја сретнала еднаш или два пати пред многу години, ми останала во сеќавање како тивка, скромна и ненаметлива женичка. Секако, еден од најавтентичните изведувачи на изворна музика што оваа земја некогаш ги имала, а нејзините изведби ќе останат како некои од највредните парчиња музичка историја. Прво што ми паѓа на памет е нејзината прекрасна, сетна изведба на "Со маки сум се родила". Луѓе како неа никогаш не може да бидат заборавени", изјави Каролина.










Спонозорирани линкови

Маркетинг