„Џедајот" Давитков: Не би прифатил да немам одврзани раце да ја решам ситуацијата!

Дерби

10/03/2017

18:30

1.857

Големина на фонт

а а а

Новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, во првото интервју за „Точка“ по назначувањето на новата функција одби да даде розови ветувања за иднината, но вети дека ќе се зафати со работа за да ја расчисти ситуацијата.

Давитков и претходно беше селектор во периодот 2001 – 2007 година, кога Македонија беше во Б дивизијата, па со враќањето во А дивизијата го трасираше патот кон она што подоцна следеше и влезе во нашата историја со пласман на 4 место во 2011 година.

Точка: Многу се пишуваше во минатото за тоа кој се сакал да диригира со репрезентацијата или да поставува помошници или да се рапортира на спортски директори, па логично е првото прашање да биде дали Давитков бараше „одврзани раце“ при нафаќањето да седне на жешкото столче?

– Да бидам искрен, прв пат кога станав селектор на свои 38 години, не очекував да немам одврзани раце, така што сега 15 години подоцна, верувате не би прифатил да немам одврзани раце да ја решам ситуацијата. Во ниту еден момент такво нешто не сум разговарал со претседателот Наумоски, тој добро ме познава, впрочем и тој беше играч кога јас бев претходно селектор. Минативе два три дена интензивно комунициравме, но никогаш ништо не ми било ниту понудено. Се што ќе одлучам ќе биде онака како што јас сметам дека треба да биде, додека со секој друг можам да разговарам на темата и да ги слушнам нивните мислење, вклучувајќи ги и новинарите. Но повторувам, одлуката ќе биде само моја!

Точка: Едно од горечките прашања во македонската репрезентација е тоа што некои играчи се повлекоа од националниот тим, дали можете да ветите дека ќе ги вратите?

– Јас ќе разговарам со сите, а одлуката е нивна. Нема да има кошаркар со којшто нема да разговарам. Нормално е дека очекувам да добијам поддршка, а ако има некој проблем да се обидам да го решам. Не можам да гарантирам ништо друго освен дека ќе разговарам со сите и дека ќе се вложам комплетно во овој ангажман.

Точка: Имате ли извесна визија, некој потег што веднаш би сакале да го повлечете или барем да го најавите?

– Верувајте немав време да размислувам многу, бидејќи сето ова се случи во два-три дена, толку време помина од моментот кога прв пат ми се јави Наумоски, па се додека веста беше објавена. Со сигурност можам да кажам дека апсолутно не мислам дека главни прашања се кој да ми биде помошник, кој доктор, или дали требало да има ментор. Се смеам на она што го пишуваат во медиумите. За мене е најбитно да знам со кои играчи ќе располагам и прва работа ќе биде да разговарам со сите и да го имам тимот што ќе истрча на паркетот. Евентуално би можел да размислувам за ангажирање на некој странски играч доколку се појави таква потреба, но генерално нема да направам ништо додека не се видам и разговарам со играчите!


Спонозорирани линкови

Маркетинг