Бранко Тамше: Кога би ја водел ракометната репрезентација на Македонија би играле брз и модерен ракомет!

Дерби

10/03/2017

14:46

1.820

Големина на фонт

а а а

Ракометниот тим на Целје синоќа со гостувањето кај Загреб го заврши учеството во Лигата на шампионите, бидејќи во директниот дуел загубија со 23:21 и не успеаја да се пласираат во осминафиналето.

Тренерот на Целје, Бранко Тамше, во интервјуто за „Дерби“ изјави дека сепак е задоволен од сезоната во која што неговиот тим имаше и шест репрезентативци на Словенија кои играа на Мондијалот во Франција, а самиот тој беше во комбинациите да биде и селектор на репрезентацијата на оваа земја пред да биде ангажиран Веселин Вујовиќ.

ДЕРБИ: Која е Вашата оценка за настапите на Целје во Лигата на шампионите?

– Дојдовме во ситуација да одлучува последната средба во Загреб иако претходно имавме уште 13 други натпревари. На крајот игравме како што сакаме, брз, модерен и убав ракомет. Така успеавме да ги добиеме и натпреварите со Рајн Некар и Кил, иако имавме тежок почеток во втората фаза бидејќи шест играчи настапуваа за репрезентацијата на Светското првенство во Франција. Освоивме 9 поена, исто колку и Загреб, но за жал тоа не беше доволно и одлучуваше гол-разликата. Сепак, мислам дека се презентиравме добро, лансиравме нови имиња, подигнавме нови играчи кои станаа репрезентативци и тоа е она што ни дава утеха. Морам да ги пофалам и навивачите кои беа секаде со нас, беа и вчера во Загреб, иако беа десет пати помалку сепак се слушнаа силно. Тоа е она што не држи и не мотивира, особено пред продолжението на натпреварите од домашното првенство и националниот куп.

ДЕРБИ: Не ја спомнувате СЕХА лигата, таму сте во игра за место во последните четири, но се зависи од гостувањето на Мешков Брест во Загреб?

– Искрено, во СЕХА лигата играме прв пат, на почетокот не знаевме што е и како е, но се запознавме. Ние ги завршивме натпреварите пред 20 дена, а другите уште играат. На почетокот имавме неколку гостувања по ред и тоа не истошти. Ако останеме во СЕХА следната година, тоа нема да биде така. Имавме добри противници, полни сали, овие натпревари беа одлично искуство за младите. Сепак долги патувања, густ ритам, немаше доволно време за ништо, а на младите играчи им недостигаше тренинг. За последниот натпревар не сакам да зборувам многу, после вчерашното искуство во Загреб, во моментов најмногу би сакал да победи Мешков и да бидеме елиминирани. Немам нерви уште еднаш да минувам низ истото.

ДЕРБИ: Веројатно знаете дека постојат преговори меѓу Лино Червар и Хрватска, тоа значи дека би можело да има слободни позиции на кормилото на македонската репрезентација и во Металург. Дали Бранко Тамше чувствува предизвик за некоја од овие позиции, бидејќи звучи логично тренерот на една од најдобрите екипи во СЕХА лигата да биде кандидат за високи позиции на овие простори, особено што ако ги исклучиме Мешков и Веспрем, изборот за врвен регионален тренер би бил уште потесен?

– Благодарам на прашањето, навистина е интересно. За мене е комплимент што мислите така. Јас во Скопје се чувствувам одлично, имам многу пријатели, како од ракометниот свет, така и надвор од него, ми се допаѓа тамошниот живот. Немам проблеми да бидам селектор на Македонија, нема апсолутно никакви пречки по тоа прашање, имам желба, предизвик за такво нешто, а ракометната репрезентација на Македонија ми се допаѓа и има играчи со кои може да се постигне успех. Дали би го менувал концептот на игра? Па секако дека секој тренер има свој начин на работа, свој концепт, а јас верувам дека ракометот треба да биде гледлив, а публиката сака голови. Кога би имал шанса да работам со новите генерации на македонски ракометари секако би се залагал за играње брз и модерен ракомет!


Спонозорирани линкови

Маркетинг