"Russia Today": Американскиот план за Македонија: "Држете ја Србија мирна, а Русија далеку!"

Точка

09/03/2017

11:37

18.390

Големина на фонт

а а а

Македонија е земја во која одлучноста на Вашингтон да остане доминантна сила на Балканот почнува да излегува на површина, додека стравот од "Голема Албанија" расте, смета Маркус Пападопулос, уредник на весникот "Politics First", кој излегува два пати месечно и се занимава со темите на работа на британскиот парламент.

Во коментарот за сајтот RT, рускиот медиум под контрола на Кремљ, Пападопулос наведува дека САД имала значајна улога во распадот на СФРЈ, како и дека распадот на Југославија бил преседан поставен за идните американски интервенции во Авганистан, Ирак, Либија и Сирија. Додава дека Хрватска, Босна и Косово биле платформа за концепт за хуманитарна интервенција на Западот, за кои наведува дека само претставувале повод за зачувување и унапредување на американската глобална хегемонија. Според неговото мислење, САД и денес има јасно изразени интереси на Балканот.


Колонизација на Балканот

"За Вашингтон, помагањето да се распадне Југославија не помогнало само во тоа да се создадат држави партнери на Америка, туку и во најдобар случај да се држи Русија далеку од Балканот или во најлош случај да се ограничи нејзиното влијание во регионот. Американското присуство на Балканот ќе им овозможи на креаторите на американската политика да го прошират своето влијание и надвор од регионот", пишува Пападопулос и потсетува дека Бондстил е една од најголемите американски прекуокеански бази, која може да прими 7.000 војници.

Понатаму во текстот се наведува дека "Косово, Хрватска и Босна се американски сојузници, но дека процесот на колонизација на Балканот и натаму не е завршен".

"На патот кон целосна доминација на САД во регионот стојат Русија и Србија. Преку својата историја, Србија им одолевала на окупаторите, од Отоманското царство, преку австро-унгарското царство, до Германската империја и Третиот рајх. Меѓутоа, од падот на Слободан Милошевиќ во 2000-тата година, САД почнале да ја колонизираат Србија. Денес, во клучните српски институции постојат НАТО воени канцеларии, од Министерството за одбрана до Министерството за надворешни работи, преку судството до цивилните служби. Тоа е најголемо понижување за Србите, со оглед на тоа дека НАТО седи во истата зграда која делумно ја уништил во бомбардирањето во 1999-тата година", наведува Пападопулос, инаку доктор на науки за руска историја и специјалист за поранешниот Советски сојуз и Југославија.


Авторот наведува дека Америка охрабрувала и признала еднострано прогласување на независност на Косово, како и дека го поттикнувала и надгледувала, како што вели тој, "нечесниот" референдум за независност во Црна Гора во 2006-тата година, за да ја ослаби Србија и да направи да не се спротивставува на американската диктатура".

"Како последица од тие две работи, Белград ја загубил контролата над Косово и Црна Гора, што довело до намалување на Србија во големина и авторитет. Меѓутоа, и покрај се посилното пробивање на Вашингтон во Србија, се повеќе и повеќе одлучни Срби стануваат свесни за штетните ефекти на американското влијание во нивната земја, поради што антизападното расположение во Србија сега е широко распространето", смета Пападопулос.


Голема Албанија настанува под покровителство на САД, Србија да внимава

Пападопулос вели дека Вашингтон има блиски односи со Албанците на Балканот, откако "Америка ја бомбардирала Србија како поддршка за Ослободителната војска на Косово", за која наведува дека станува збор за "етничко албанска терористичка организација со силни врски со организираниот криминал". Токму поддршката за Албанците, за која пишува дека се едни од најжешките приврзаници на САД во светот, Пападопулос ја објаснува американската надмоќ во регионот.

"Под американско покровителство, почнале да се обликуваат темелите за создавање на Голема Албанија. Областите кои влегуваат под Голема Албанија ги вклучуваат Косово, делови од Македонија, како Тетово, Прешевската долина во Србија, како и делови од Црна Гора", наведува авторот, со напомена дека Македонија е независна 26 години, но и дека и натаму е слаба и дека Албанците сочинуваат четвртина од населението.

"Додека Вашингтон игра на албанската карта во Македонија, земјата би можела да исчезне или значително да се намали, со што ќе се ограничи руското присуство таму. Делови од Македонија во кои доминираат Албанците би можеле да се обединат во една целина, и да го направат тоа што го направи Косово: да станат независни и еден ден еднострано да прогласат независност. Тоа, исто така, би можело да послужи како предупредување за Србија. Имено, ако Србите продолжат со своите антизападни чувства, тогаш Голема Албанија би можела да се прошири и на Србија, додека Американците би поддржувале и вооружувале сепаратисти во Прешевската долина", смета авторот.


Трамп нема да ја менува политиката на Балканот

Иако дошло до промена на врвот на САД, Пападопулос не верува дека Вашингтон ќе направи значаен пресврт кога станува збор за американската политика на Балканот, посебно не кон Албанците. Цитирајќи дел од честитките кои Трамп му ги пратил на Хашим Тачи на 17-ти февруари, на денот на прогласувањето на независноста, авторот нагласува дека новиот американски претседател пружил целосна поддршка за Косово.

"Господинот Трамп нема да се откаже од американското влијание на Балканот, бидејќи американската доминација во регионот ќе помогне претседателот на САД да ја оствари целта и да ја обезбеди американската глобална надмоќ, како и да го исполни своето ветување дека ќе го зголеми буџетот за војска. Македонија е земја во која одлучноста на Вашингтон да остане доминантна сила на Балканот почнува да излегува на површина. Американско-албанскиот сојуз е смртоносен за безбедноста и стабилноста во тој историски нестабилен регион. Сепак, за Американците и Албанците, тоа е добитна комбинација. Со помош на Албанците, САД ќе остане водечка сила на Балканот, а со помош на Американците, Албанската цел за остварување на Голема Албанија ќе оди уште еден чекор напред".



Спонозорирани линкови

Маркетинг