Вујовиќ: Не е спорна мојата желба да ја водам Македонија, но Металург…

Дерби

09/03/2017

10:51

3.544

Големина на фонт

а а а

Додека актуелниот тренер на македонската репрезентација, Лино Червар, преговара да ја преземе Хрватска и бара начин да го задржи ангажманот во Скопје, неговиот немезис Веселин Вујовиќ изјавува дека би му било чест да биде на чело на Македонија.

Вујовиќ е име што значи многу и во балканскиот, но и во светскиот ракомет, своевремено и како најдобар играч на светот, а потоа и како тренер кој голем дел од својата кариера ја мина во Вардар. Откако раскрсти со Загреб, тој жнее успеси со репрезентацијата на Словенија, но прифати да одговори на прашањето на „Дерби“ дали еден ден во иднина има шанси повторно да го видиме во Скопје, било во националниот тим, или можеби и во Металург доколку замине Червар.

– Мојата желба никогаш не била спорна, би ми било чест да бидам селектор на Македонија. Во моментов проблем е што имам договор со Словенија. Што се однесува до Металург, не знам што да речам. Тоа би била тешка одлука, - изјави Вујовиќ за „Дерби“ алудирајќи на годините минати во ривалскиот клуб, кои му донесоа и голема популарност меѓу „комитите“.

Вујовиќ во моментов се споменува како можен наследник на Љубомир Врањеш на клупата во Фленсбург, при што во едно неодамнешно интервју за словенечките медиуми потврди дека германскиот клуб се интересирал за него.


Спонозорирани линкови

Маркетинг