Започна спектакуларното судење: Киев против Москва во Хаг

Точка

08/03/2017

13:13

2.224

Големина на фонт

а а а

Украина пред Меѓународниот суд на правдата ја тужи Русија поради „теророт“ во Донбас и дискриминација на малцинствата на Крим. Поранешниот судија во Хаг, Бруно Зима за германски „Дојче Веле“ вели дека процесите против големите сили се многу „комплицирани“.

На 6-ти март започна можеби и еден од најспектакуларите судски процеси во последните неколку години. Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг започнаа прелиминарните сослушувања во процесот кој што Украина го отвори против Русија.

На 45 страници од тужбата, детално се објаснува за наводните кршења на конвенциите на Обединетите нации. Владата од Киев тврди дека Русија со поддршката на сепаратистите во областа на Доњецк и Луганск ја прекршила меѓународната конвенција за сузбивање на финансирањето на тероризмот. Сепаратистите се опишани како „илегални вооружени групи“ кои што делуваат со „одлучна руска поддршка“.

Русите експресно ги отфрлија тврдењата дека на било кој начин ги поддржуваат борците во Донбас, иако јасно е дека веројатноста за тоа е речиси никаква.


Вториот дел од тужбата ја разгледува состојбата во која што се најдоа кримските Татари и етничките Украинци како малцинство на Крим откако полуостровот беше анексиран од Русија во 2014-та година. Стои дека Русија ги прекршува конвенциите за спречување на расна дискриминација и апси и врши репресија на кримските Татари.

Како докази се приложени големите извештаи на Обединетите нации и "OEBS", како и извештајот на меѓународниот тим кој што го истражуваше соборувањето на цивилниот малезиски авион над источна Украина. Се бараат и воени репарации.

Последна надеж?

Тужбата е поднесена во јануари, речиси три години подоцна откако започнаа случувањата од предметот. Експертите ја гледаат причината во тоа што се намалени шансите Киев да ја истера правдата пред некој друг суд - на пример Меѓународниот кривичен суд во Хаг кој е основан за да се занимава со воени злосторства.

Претседателот на Русија, Владимир Путин кон крајот на минатата година изјави дека Русија нема намера да го ратификува Римскиот статут со кој овој суд беше основан. Истиот не беше ратификуван ниту од Украина, но во овој случај му е доделена надлежност на Судот од крајот на 2013-та па наваму. Во тек е предистражна постапка.


Пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Украина веќе поднесе пет тужби против Русија, а се подготвува и шеста. Но, рускиот Уставен суд одлучи дека тој го има последниот збор кога е во прашање казната која што ќе ја изрече европскиот суд. Тоа на крајот се сведува на тоа дека одлуката на судот во Стразбур практично не се применува на Русија.

Меѓународниот суд за правда е друга приказна. Основан е во 1945-та година и Русија го признава без никакви ограничувања. Како постојана земја членка на Советот за безбедност при Обединетите нации, Русија има привилегија за меѓу петнаесетте судии секогаш да има барем еден Русин. Украина за овој процес ќе може да именува еден судија.

Како тоа изгледа во пракса? Минхенскиот професор по меѓународно право, Бруно Зима од 2003-та до 2012-та година беше судија во овој суд. Во тој период Грузија ја тужеше Русија поради војната во Јужна Осетија во 2008-ма година. Баш како и сега Украина, и Грузија тогаш тужеше за прекршување на конвенцијата за забрана на дискриминација.

„Беше многу контраверзно“, вели Зима за „Дојче Веле“. Најпрвин со тесно мнозинство од еден глас, судот до конечната одлука ги повика двете страни да прекинат со прекршувањето на конвенцијата. Следувале низа на приговори на Русија, а во 2011-та година судот се прогласил за ненадлежен во врска со тој проблем.

Кога има сила, нема...

Зима мисли дека слично ќе се случи и во овие процеси. Тој признава дека на Меѓународниот суд секогаш му е тешко да се справи со случаи во кои што големите сили се вмешани воено. Освен тоа, конвенцијата за забрана на расна дискриминација има една маана - предвидува пред Меѓународниот суд, двете страни да водат „сериозни преговори“.


Иако Русија и Украина за конфликтот во Донбас навистина водат преговори по форматот од Минск, кога станува збор за Крим, Русија одбива било какви преговори. Поради тоа, професорот Зима очекува процесот да потрае и до три години.

„Во април можеме да ја очекуваме прелимнарната одлука, една година подоцна ќе се одлучува за надлежноста, а година и пол подоцна се очекува да падне конечната одлука“, вели Зима кој што верува дека и донесувањето на привремена одлука би било успех за Украина.

Од Киев најмногу се надеваат на еден случај од 1986-та година. Тогаш Меѓународниот суд за правда одлучи позитивно по тужбата на Никарагва против САД. Тогаш станувало збор за американска поддршка на бунтовнички сили против тамошната левичарска влада. Бил донесен заклучок дека САД го прекршиле меѓународното право.

„САД не ја плати казната, но тоа беше голем пропаганден успех за малата Никарагва. Исто така, случајот донесе симпатии кон судот и многумина започнаа да веруваат дека навистина станува збор за независна институција на ОН“, истакна Зима.


Спонозорирани линкови

Маркетинг