Forbes: Време е да се нацртаат нови граници на Балканот, Србите заслужуваат правда

Точка

06/03/2017

18:17

11.776

Големина на фонт

а а а

Угледното списание "Forbes" неодамна објавило надворешнополитичка анализа во која истакнува дека на Балканот е потребно ново цртање на границите, за да се исправи "неправдата кон Србите кои се заробени зад непријателските линии".

Даг Бандоу, надворешно политички коментатор на Forbes, во текстот истакнува дека политиката на официјален Вашингтон кон Србија никогаш немала смисла.

"САД сакаа некои нации да зачуваат, а некои да ги уништат. Во еден случај го нагласувале и осудувале етничкото чистење, а во друг вртеле глава на страна и ги негирале злосторствата. Единствена заедничка работа која е константна последица на американската политика, е дека Србите секогаш губат. Од Приштина и Белград доаѓаат непријателски тонови и закани, и токму поради тоа време е САД и ЕУ повторно да ги вмешаат прстите и овој пат да ја направат вистинската работа", наведува авторот, пренесува Huffington Post.

Во текстот се истакнува дека Југославија била вештачка творба на Версајскиот договор, и дека во наредните децении преживеала благодарение на "диктатурата на Јосип Броз Тито и стравот од советска инвазија". Меѓутоа, смртта на Тито го уништило "единството" кое држело заедно неколку нации.

"Потоа бил создаден политички вакум кој го искористиле националистите, и Балканот експлодирал. Прво администрацијата на Буш го признавала суверенитетот на Југославија, но кога Германците ја поддржале независноста на Словенија, тогаш започнало сериското распаѓање. САД и Европа го поддржале создавањето на БиХ и Хрватска. Меѓутоа, откако го поддржале распадот на СФРЈ, американско-европските сојузници одненадеж почнале да се противат на поделбата на етничките Хрвати и Срби од Босна, но и Србите од Хрватска", нагласува Forbes, пренесува српски Blic.


Бандоу ги истакнал тогашните двојни стандарди на големите сили:

"Додека злосторствата кои ги правеле Србите биле разгласувани на сите ѕвона, муслиманските и хрватските се премолчувани. Вашингтон и Брисел очекувале српското малцинство да молчи и пристојно да пати и да ја трпи репресијата на останатите мнозински групи, дури и тогаш кога се соочени со етничко чистење. На пример, Хрватите, силно помогнати од САД, вршеле етничко чистење и протерување на стотина илјади Срби од нивните домови во Краина. Кога неколку години по таа акција го посетив тој регион, видов урнати и запалени православни цркви, напуштени имоти и фасади "украсени" со дупки од куршуми. И покрај сето тоа, Вашингтон одби да ги признае тие злосторства, и се огради од критиките за етничкото чистење", напишал авторот.

Forbes пишува дека таквата политика на Вашингтон е на сила и денес, и дека нема некои промени, бидејќи "САД остануваат докажан непријател во очите на српскиот народ".

"Најновата балканска криза е Косово. Земјата историски повеќе од 1.000 години е поврзувана со српската историја и култура, последните децении е масовно населувана со етнички Албанци, што влијаело на промената на мнозинското население во тој регион. Кон крајот на 90-тите се појавуваат вооружени албански групи, кои Вашингтон првобитно ги нарекува терористички организации. Меѓутоа, набрзо ситуацијата се менува, а Албанците ја добиваат сета поддршка и љубов и од светските медиуми. Мене лично Ибрахим Ругова ми кажа дека на Албанците очајнички им е потребна помош од американската војска и од CNN. Кога НАТО силите успеале да ја протераат српската војска, Албанците почнале да прават најстрашни злосторства и етничко чистење над Србите, протерувајќи најмалку четвртина милион Срби, Роми и друго неалбанско население. Американските и европските војници, и покрај тоа што ја окупираа територијата, направија малку за тоа да се спречи", нагласува авторот.


Бандоу додал дека Приштина станала град со кој раководат мафијаши и воени злосторници, а цело Косово полигон на кој Саудиска Арабија регрутира и радикализира инаку секуларни муслимани. Истражувањето кое го спровел "Freedom House", за 2016-тата година, истакнува дека "злосторствата над неалбанското население на Косово не се процесираат", дека не постои слобода на медиумите, и дека политичарите и судовите се вклопиле во криминалот и корупцијата, како и во трговијата со органи.

САД и Европа во 2008-та година конечно ја фрлиле маската на лажната дипломатија и го признале Косово како независна држава. Сакале таа држава да ја вметнат во ОН, но се спротивставила Русија и го блокирала тоа барање. Иако администрацијата на Џорџ Буш упорно повторувала дека "Србите имаат пријател во Америка", тој не сфатил дека направил нешто сосема спротивно, наведува авторот и го изнесува својот заклучок:

"Луѓето од северот на Косово сакаат да бидат дел од Србија. Ако Албанците од југот на Косово си овозможиле независност, тогаш на Србите од северот тоа не смее да им биде оневозможено. Да се разбереме, никој не очекува нова војна на Балканот, но систематската неправда кон Србите од Косово создава нови можности за конфликт. Нови преговори се неопходни, но такви каде САД и ЕУ нема да бидат на страната на Албанците, туку на страната на Србите. Единствено решение е на Србија да и се врати барем дел од територијата", се заклучува во статијата.



Спонозорирани линкови

Маркетинг