Дора Попова и Бојана Стојменовиќ: Анксиозноста не е твојот лимит!

Точка

06/03/2017

11:00

8.246

Големина на фонт

а а а

На 11-ти март со почеток од 17 часот, во Public Room ќе се одржи работилница на тема: Анксиозноста не е твој лимит – горчливата тема на 21. век. На оваа тема поразговаравме со Дора Попова – психолог, социотерапевт и основач на Центарот за применета психологија “Дора“, и Бојана Стојменовиќ – психолог, семеен и системски советник и автор на блогот Мој психолог.

Ние решивме да им поставиме неколку прашања, а тие срдечно и расположено нѝ одговорија. Во продолжение Ви пренесуваме мал дел од разговорот со нив:

За почеток, да ги запознаеме читателите на Точка – кои се Дора и Бојана?

Дора: Сакам кога велам за себе дека сум занесеник во животот со големи соништа, но кои – сепак е рано да ги откријам. Вљубена сум во психологијата од рана возраст и тоа што го правам ми причинува големо задоволство. Најсреќна сум кога луѓето стануваат свесни за себе и за своите блокади со кои се попречуваат да го живеат животот во полн ек, бидејќи тоа е првиот чекор кон запловувањето во водите на љубовта, а љубовта е симбол на животот. Посебно се радувам кога го гледам подобрувањето и напредокот на клиентите, посебно кај оние кои се упорни и издржливи во процесот на работата на себе бидејќи и тој процес има подеми и падови, прогрес и регрес.

Бојана: Секогаш ми е тешко кога треба да се опишам себеси. Ако треба да се претставам, за себе би кажала дека сум психолог, семеен и системски советник, а за кратко и магистер по развојна психологија. Ако треба да се опишам, за себе би рекла дека сум непоправлив перфекционист, оптимист и вљубеник во психологијата и филозофијата. Верувам во добрата суштина на човекот и среќна сум кога гледам како луѓето околу мене ги исполнуваат своите добри потенцијали.

Што е тоа работилница и како овој концепт е применлив во Вашиот случај за она што го подготвувате?Дора:

Работилница е форма на едукативен настан, на кој се обработува одредена тема, при што активноста се зема како клучен елемент кај учесниците. Токму тоа ја прави да биде поразлична од останатите форми на едукативни настани каде што повеќе има класични предавања, а учесниците се пасивни. Ваквиот тип на едукативен настан е предвиден за помала група на луѓе со цел да се развие поголема интеракција.

Во нашиот случај, целта со овој концепт и темата која ја одбравме е да ги доближиме луѓето поблиску до својата природа, да разберат дека не се слаби и ранливи и, пред сè да му погледнат во очи на стравот од кој се плашат и да разберат дека плодната почва за развој се наоѓа токму зад тие стравови.

Колку е актуелна темата за анксиозност?Дора:

Темата за анксиозноста е актуелна многу повеќе од тоа што се мисли. Вистина е дека сè повеќе јавно се зборува за неа, но голем дел од луѓето кои го чувствуваат овој пекол на својата кожа, сè уште молчат и дефинитиво им недостасува храброст јавно да се искажат, поради стравот и срамот дека ќе бидат етикетирани. Лично сметам дека димензиите за присутноста на овој проблем сè двојно поголеми од тоа што реално е прикажано.

Бојана: Анксиозноста отсекогаш била актуелна и провокативна тема во психолошките кругови, а и за пошироката јавност. Јас сметам дека во последниве години сè почесто се говори јавно на оваа тема, а тоа е директно поврзано со луѓето кои се охрабрени јавно да истапуваат и да споделуваат свое лично искуство. Дефинитивно кај нас, сè уште постои страв и срам од етикетирање и верувам дека анксиозноста е заеднички проблем, па затоа сметам дека работилниците од ваков психоедукативен и практичен тип се навистна добредојдени.

Од каде идејата за овој настан?

Бојана: Идејата за ваков настан не е ниту нова ниту пак револуционерна. Изминативе неколку години кај нас сè почесто се практикуваат и организираат работилници од овој тип. Широкиот спектар на психолошки теми кои што можеме да ги опфатиме и да ги прикажеме на практичен начин навистина е голем и неисцрпен.

Одлучивме нашата прва работилница да биде за анксиозноста и сакаме преку истата учесниците да стекнат подобро разбирање за тоа што претставува оваа состојба, да искусат практични вежби, да го слушнат личното искуство на Коста Петров и секако – да понесат со себе мотив да работат и понатаму на надминување на овој проблем.

Колку луѓето страдаат од овој симптом? Што вели Вашето практично искуство?Дора:

За жал, но сепак за волја на вистината мораме да признаеме дека луѓето денес сè повеќе страдаат од овој симптом. Во моето практично искуство се покажало дека повеќе од една третина од луѓето кои се одлучуваат да побараат стручна психолошка помош, страдаат од симптомот на анксиозност и се јавуваат токму поради тоа.

Бојана: Моето практично искуство покажува дека голем број од луѓето со кои што јас работам се соочуваат со оваа состојба. Исто така, голем број од овие луѓе не се секогаш свесни дека го носат облакот на анксиозноста над своите глави. Многу често се случува брзото темпо на живот и стресогените агенси едноставно да го “замрзнат” или подобро кажано, да го “забетонираат” човекот. Така тој се чувствува стегнато, безизлезно и на крај безпомошно. Сè почесто работам со луѓе кои што со години се чувствуваат вака и кои што со години ја носат тежината на облакот на анксиозноста.

Што можат да очекуваат учесниците од вашата работилница?

Дора: Би рекла дека учесниците кои одлучиле да присуствуваат на оваа работилница може слободно да имаат високи очекувања кои сигурно ќе ги исполниме. Низ сликовити прикази и примери, преку куси практични вежби и техники за самопомош со кои ќе можат полесно да се справат со анксиозноста кога се сами, ќе постигнат поголема свесност за причините и појавата на овој симптом, а пред сè ќе се намали стравот од неговата присутност.

Не велам дека анксиозноста магично ќе исчезне кај луѓето кои страдаат од неа по оваа работилница, но за почеток тие ќе имаат поинаков пристап и доживување кон оваа состојба, како и поголема храброст да го живеат животот со чувство на слобода.

Бојана:

Се трудиме нашата работилница да ја направиме интересна и инспиративна за учесниците и затоа верувам дека навистина ќе им ги исполниме нивните очекувања.

Со практичните вежби и техники кои ги подготвивме ќе стекнат подобро разбирање за оваа состојба и можеби некои поинакви алтернативи во однос на начините со кои може да се надмине истата. Секако, нашата цел е со оваа работилница учесниците да бидат охрабрени, мотивирани и да веруваат дека анксиозноста не е нивниот лимит.

Дознајте повеќе за настанот 'Работилница на тема: Анксиозноста не е твојот лимит!'




Спонозорирани линкови

Маркетинг