Крај на "Калифатот" но не и на исламската држава: Колку е одговорен Западот за популарноста на џихадистите?

Точка

27/02/2017

16:20

1.198

Големина на фонт

а а а

Исламската држава се соочува со воен дебакл. Сепак, терористичката организација се уште ја ужива поддршката на еден од десет жители од арапскиот свет. Зошто е така тоа? И како идеологијата на Исламистите може конечно да се уништи?

Терористичката организација на Исламската држава (ИД) наскоро би можела да биде поразена и во Мосул, последното големо упориште во Ирак. Ирачката армија со поддршка на меѓународните сили од воздух веќе го ослободија источниот дел од градот и окупираа стратешки важен аеродром од каде што се води офанзива на западните делови.

Тука, преку реката Тигар, според проценки - под владеењето на Исламистичката терористичка организација живеат околу 700.000 цивили. Западен Мосул е потежок терен за борба поради пренатрупаните тесни улички и густата населеност. Сепак, се проценува дека тука има најмногу 2.000 џихадисти. Нивниот пораз, како што велат експертите, е само прашање на денови.


Повлекување на интернет

Како ќе изгледа иднината на Исламистичката терористичка организација по губење на најзначајниот бастион во Ирак? Дали Исламистите имаат иднина, несомнено покажува анкетата спроведена од страна на Арапскиот центар за истражување и политика со центар во Доха. Авторите на истражувањето спровеле анкета во девет од најзначајните арапски земји, вклучувајќи ги и Тунис, Египет и Саудиска Арабија. Најголем број од испитаниците (59%) ги поздравиле воените акции против исламистите кои ги спроведува меѓународната коалиција преводена од САД. 37% пак биле против. Речиси три-четвртини (72%) имаат негативен впечаток за Исламската држава, но сепак 11% имаат позитивен дури и многу позитивен.

Тие 11% поддршка, што исламската држава ги ужива во Блискиот Исток и во Северна Африка би можела да обезбеди опстанок на терористичката организација на долг рок. Од една страна се оние кои чувствуваат емпатија кон борците на исламската држава, подготвени се да им обезбедат поддршка, но над се тука се и тие кои сакаат да им се придружат.

Тоа што Исламистите и покрај сите порази се уште имаат некаква иднина го укажува и студијата спроведена од страна на Кралскиот колеџ во Лондон. Прерано е да се планира светот без исламистите, предупредуваат авторите на оваа студија. Доколку дојде до потреба од тоа, исламистите би можеле да се повлечат од реалниот свет во виртуелниот и да ја водат битката од таму - се наведува во оваа студија.


Интернет светот во иднина би можел да стане уште позначаен за регрутирање на радикални исламисти. Таму агитатори од исламистичката организација даваат идеализирана слика на овие паравојски и "калифати" кои ги претставуваат како рај на земјата. Стратезите од исламистичката организација знаат многу добро дека ваквата тактика раѓа плод: "Медиумското оружје може да биде појако од атомското" - напишале во еден стратешки документ.

Вина на Западот

Зошто делови од арапскиот свет им се толку приврзани на бруталните терористи? Арапскиот центар за истражување и политика од Доха ги наведува главните причини. Една од нив е дека голем број на Арапи живеат во тешки економски и социјални услови. Недостаток на можноста да се биде дел од политичкиот живот, слабата и лоша јавна администрација и недостатокот од политичка слобода поттикнува наклонетост кон фундаментализам.


Исто така, Западот со своите активности им оди во корист на џихадистите. Да се потсетиме на 1991-ва година кога Западот го премолчи соборувањето на Исламскиот ослободителен фронт од власт во Алжир, иако оваа струја на исламската политика на власт дојде по пат на избори.

Ова Западот го чинеше многу во арапското јавно мислење. Нешто слично се случи и во 2013-та година кога со воен удар на власта во Египет беше "исчистено" Муслиманското братство - иако чесно победи на првите демократски избори во историјата на оваа земја. Западот брзо се навикна на новиот владетел, поранешниот генерал Ал Сиси.

На штета на Западот беше и деструктивната интервенција во Ирак, заснована на лаги дека поранешниот диктатор Садам Хусеин поседува нуклеарно оружје.

Други причини за големата поддршка на исламистите се крие и во догмата, културата и идеологијата. Како што се наведува во студијата, радикалните исламисти успешно "манипулираат" со светите книги, а на ова поле веќе имаат публика подготвена да ги слушне. Го користат фактот дека голем број муслимани се израснати со оваа религија па со тоа се и склони да ги прифатат оние, кои наводно се борат за неа, па дури и на екстремно изопачен начин.

Презир кон модерното

Како дополнителен фактор за успехот на фундаменталистичката слика на светот, студијата го наведува и посебниот однос на широките слоеви на населението во арапскиот свет кон модерноста. Радикализмот на Блискиот Исток и во северна Африка се храни со тензиите помеѓу традиционалното и се побрзиот модерен свет во кој има простор за традиционалното се помалку и помалку. "Па така радикализмот ја зајакнува сликата за светот, која најверојатно се темели на погрешни претпоставки, но сепак ги опфаќа сите области од животот: политика, воспитување, улогата на религијата во општеството и можеби најмногу - модерното."


Сите овие околности, како што пишува либанскиот историчар Жорж Корм, доведоа до "самоуништувачка динамика" во арапскиот свет. Поради ова популарноста на исламистите не може да се потисне само воено, смета политикологот Рам Кури. Напротив, напишал тој за Ал Џезира, "веројатноста е голема дека бројот на поддржувачи и симпатизери на на исламистите дополнително ќе се зголемува дури и ако се потисне терористичката организација, но доколку не се преземе ништо да се подобрат условите во кои милиони очајни Арапи ги доведуваат до тоа да се свртат кон исламистите како последна надеж."


Спонозорирани линкови

Маркетинг