„Хотел на судниот ден“: Најтаинствената зграда во Северна Кореја

Точка

27/02/2017

17:50

4.240

Големина на фонт

а а а

Хотелот требало да има три илјади соби, огромно казино, а осум катови би се вртеле за гостите да уживаат во вечерата и постојано да имаат различен поглед.

Со височина од застрашувачки 330 метри и со 105 катови, оваа зграда е завршена само однадвор. Иако се гради речиси 30 години, далеку е од завршена, а ова е приказната за „Хотелот на судниот ден“ во најзатворената земја во светот.


Ширум планетата многу згради останале недовршени. Такви згради може да се најдат и во најразвиените земји во светот. Можеби едноставно проектот се покажал како промашен или инвеститорот останал без пари, и зградата која била со друга намена станува засолниште на духови. Сепак, од сите недовршени и напуштени згради, оваа, со оглед на тоа дека се наоѓа во Северна Кореја, е најтаинствена.


Изградбата на хотелот „Ryugyong“ започнала во далечната 1987 година во Пјонгјанг, кога се` уште постоела „железната завеса“. Хотелот требало да биде гордост на земјата и со својот пирамидален стил да покаже архитектонски исчекор и модернизација, но со падот на комунизмот и распадот на Советскиот Сојуз, почнале проблеми со градбата, кои кулминирале во 1992 година кога во земјата се појавила огромна економска криза, па била запрена изградбата на пирамидалниот хотел.


Секако, идејата за самата зграда ја добил големиот лидер Ким Ил Сунг, кој управувал со изолираната држава цели 46 години. Зградата требала да биде најголема во светот и да ја покаже моќта на Северна Кореја, а Ким се одлучил за нејзина изградба по пропаднатата идеја за организација на Олимписките игри во 1988 година, кога за домаќин бил избран јужнокорејскиот град Сеул.


Во времето на изградбата, многумина ја критикувале идејата, а меѓу нив и познатиот чешки архитект Јан Каплицки, кој за хотелот рекол дека „нема врска со архитектурата, бидејќи модерната архитектура не може да постои без слободни човечки битија кои ќе можат да уживаат во неа.“ Како што сите добро знаеме, оваа земја за жал, и денес е позната по кршењето на човековите права, но и постоењето на концентрациски логори, во кои често завршуваат и цели семејства. Поради таа причина хотелот станал познат и по прекарот „Хотел на судниот ден“, а магазинот Esquire своевремено го прогласил за најлошата зграда во светот.


Но, и покрај критиките, изградбата била продолжена во 2008 година. Имено, египетската телекомуникациска компанија Orascom одлучила тогаш да инвестира 400 милиони долари, а во замена барала воведување на 3G мрежа. Многумина ова го сфатиле како почеток на отварањето на оваа земја, бидејќи конечно му било дозволено влегување на странски капитал на пазарот. Во 2011 година конечно била завршена фасадата, а една година подоцна било планирано големо отварање, во чест на стогодишнината од Ким Ил Сунг. Истата година за прв пат било дозволено и фотографирање на ентериерот, а фотографиите покажале празна и неуредена внатрешност. За хотелот покажал интерес и интернационалниот хотел Кемпински, кој најавил завршување на целата работа за 2013 година.


Секако, и самите можете да заклучите како завршила целата приказна. Кемпински се повлекол од целата работа, официјално објаснувајќи дека во Северна Кореја се` уште не може да се работи. Со оглед на моменталната економска ситуација, а и фактот дека моменталниот лидер Ким Јонг Ун и понатаму ја држи земјата во изолација и дека повеќе го интересираат ракети и бомби, тешко е да се поверува дека овој хотел ќе дочека подобри денови.



Спонзорирани линкови

Маркетинг