Што претставуваат хотелските ѕвездички?

Точка

24/02/2017

15:51

5.776

Големина на фонт

а а а

Дали некогаш сте се запрашале какво значење имаат ѕвездичките до имињата на хотелите? Основната разлика сите ја знаеме – колку повеќе ѕвезди, толку повеќе луксуз. Меѓутоа, дали сте знаеле дека позади сите тие ѕвезди се кријат одредени стандарди кои хотелот мора да ги исполнува?

EHU или The European Hotelstar Union, се заснова на германски систем на класификација на хотели, кои имал големо влијание на ваквата класификација во Централна Европа. Со тој систем е направен каталог на криериуми кој опфаќа цели 270 елементи, од кои некои се основни за хотелот да добие ѕвезда. Секој од тие елементи носи одреден број на поени, кои потоа се собираат и на основа на добиената вредност се доделуваат ѕвездичките. Но, кои се тие услови?

Tourist или 1*

Хотелите означени со 1*, во глобала се нарекуваат "буџетски хотели" и се наменети за сите оние кои не очекуваат луксуз. Сите соби мора да го исполнуваат условот на своја бања со туш кабина или када. Секојдневното чистење на собите е задолжително, а во секоја соба мора да има и маса со столчиња, сапун и ТВ во боја со далечински управувач. Да, добро прочитавте - во 21. век, услов за една ѕвезда е телевизор во боја. Рецепцијата на хотелот мора да работи барем осум часа на ден и да поседува факс и телефон за употреба. Исто така, хотелот мора да служи и појадок и да има достапни пијалоци за гостите во текот на целиот ден.

Standard или 2*


Тука влегуваат сите горенаведени критеуми, со тоа што служењето на појадокот мора да биде во вид на шведска маса. Во собите, покрај ТВ во боја, мора да има и светло за читање и ормар за облека. Во бањите, задолжителен е гелот за туширање и крпите за бањање, како и нешто од приборот за лична хигиена. Хотелот мора да овозможува плаќање со кредитни картички.

Comfort или 3*


Сите услови кои важат за хотелите со 1 и 2*, важат и тука, со тоа што рецепцијата кај хотелите со 3* мора да работи 14 часа дневно, а телефонската врска со лице од хотелот мора да биде достапна во текот на 24 часа. Освен тоа, рецепцијата мора да има три гарнитури за седење и просторија за оставање на багажот.

Во поглед на собите, секоја соба треба да има мини-бар, телефон и пристап до Интернет. Бањата мора да поседува грејно тело и фен за коса, а исто така задолжителни се и мини сетот за шиење, сетот за чистење чевли, како и можноста да се даде облеката на перење и пеглање.

Освен тоа, хотелот мора да обезбеди и додатна перница и прекривка, како и да поседува добар систем на кориснички услуги.

First class или 4*


Овде важат истите правила, со тоа што рецепцијата мора да работи барем 18 часа дневно и на гостите да им е овозможен појадок во соба.

Разликата е и во бањата, каде мора да има разни производи за лична нега, козметичко огледало и капа за туширање. Хотелите со 4* мораат да имаат A la carte ресторан, кој работи седум дена во неделата.

Luxury или 5*


Во хотелите со 5*, рецепцијата мора да работи 24 часа дневно, а на сите гости да им е на располагање вратар или личност задолжена за паркирање на возилата. Исто така, во овие хотели мора да постојат лица задолжени за носење на багажот до собите. Секој гостин, при сместувањето во собата, мора да биде пречекан со свежо цвеќе или друг гест за “добредојде”. Собата треба да поседува сеф, како и брз Интернет.

Super Luxury или 7*


Некои хотели ги задоволуваат и најстрогите критериуми, поради кои се наградени со 7 ѕвезди. Првиот хотел на светот во таа категорија е Burj Al Arab во Дубаи, кој е отворен 1998. година и во кој, секоја соба има свој батлер.

Тешко е да се каже какви услови треба да задоволува еден ваков хотел. Никаде не постои пишано правило за одредена категоризација, но овие хотели мора да се разликуваат од останатите, бидејќи тие се наменети за исполнување на желбите и потребите на најбогатите. Поради тоа, повеќето хотели во светот нудат соби со дизајнерски ентериер, елитни пијалоци и врвна услуга, со цел да ја задржат репутацијата на хотел со најмногу ѕвезди.


Спонзорирани линкови

Маркетинг