Осло – градот на Викинзите

Точка

17/02/2017

16:11

3971

Големина на фонт

а а а

Главниот град на Норвешка е преполн со боја! Осло, или градот на Викинзите воодушевува со своите зелени брда и спектакуларни фјордови. Осло се смета за еден од најсигурните градови во светот, но и за еден од најскапите. Најдоброто време за посета на овој град е напролет, така што почнете да штедите!

Богатата историја на Осло е видлива во сите делови од градот. Тој, на посетителите им нуди бројни атракции, знаменитости, паркови и музеи кои со денови можете да ги истражувате.

Фјордови и острови

Осло лежи на врвот од голем фјорд и е опкружен со планини и шуми. Зимите во Осло се долги и студени, па затоа кога ќе се појават првите сончеви зраци, голем број од туристите и локалните граѓани ги посетуваат фјордовите и островите околу Осло. Во околината на градот има околу 40 острови, до кои се стигнува со траект. Овие места се меѓу омилените, поради мирната, идилична природа надвор од градот и бројните рекреативни центри. Во склоп на Осло има 343 езера, меѓу кое и најголемото – Maridalsvannet.




Тврдината Akerhus

Една од најважните градби во Норвешка е средновековната тврдина во која се гледа норвешката историја од 12 век. Комплексот се состои од бројни историски градби, музеи и одбранбени делови. Градбата е започната од страна на кралот Haakon V., со цел да го одбрани Осло од напаѓачите. Еден период во минатото, оваа тврдина била користена и како затвор.
Летно време, во Осло се организираат туристички тури низ дворецот, кралскиот мавзолеј, подземните гробници и трите музеа, кои се наоѓаат во комплексот. Земјиштето околу самата тврдина е популарно место за организирање на многу концерти и претстави на отворено.




Aker Wharf

Во близината на тврдината се наоѓа и Aker Wharf – старо бродоградилиште кое е претворено во успешен комерцијален центар. Старите бродови се заменети со постмодерна архитектура, а неверојатните челични и стаклени структури ги “држат” едни од најдобрите ресторани, продавници, пабови и кина во Осло. Вистинско место за сите оние кои сакаат луксуз.




Улицата Karl Johans Gate

Оваа главна улица во Осло, која започнува од главната железничка станица е едно од најживите места во градот. На неа се сместени бројни ресторани, кафулиња, продавници, како и театарот, Парламентот и кралската палата.




Паркот и музеј Vigeland

Место во кое времето запрело е токму паркот Vigeland (Vigelandsparken), познат по своите скулптури. Тој е сместен во склоп на паркот Frogner, кој е најголемиот парк во Норвешка.
Овој парк е еден од најпознатите туристички атракции во Осло. Река од туристи секојдневно го обиколуваат овој парк, воодушевувајќи се на скулптурите на познатиот норвешки вајар, Gustav Vigeland. Во паркот се наоѓаат 212 бронзени и гранитни човечки фигури во природна големина.




Операта во Осло

Најновиот симбол на Осло е норвешката национална Опера (Den Norske Opera & Ballett). Дури и да не сте љубител на операта, посетете го овој објект поради неговата бела градба, која поради единствената архитектура, изгледа како да се издигнува од фјордот.




Музејот на викиншките бродови

Во музејот на викиншките бродови (Vikingskipshuset) ќе најдете некои од најдобро сочуваните бродови кои ги користеле Викинзите. Освен бродовите, можете да ги погледнете и бројните предмети кои се пронајдени во викиншките гробници околу фјордовите. Овој музеј е одлично место за сите кои сакаат да ги запознаат викиншката култура и нивниот начин на живот.





Спонозорирани линкови

Маркетинг