Пластичен отпад и мртви животни: Луѓето го загадиле и едно од најнепристапните места на Земјата

Точка

17/02/2017

18:00

6.995

Големина на фонт

а а а

Маријанската бразда во северниот Пацифик е најдлабокиот дел од светскиот океан, место толку непристапно што секој би помислил дека е недопрено и имуно на човечка активност. Но, Маријанската бразда е загадена.

Маријанската бразда е едно од најдлабоките и најтемни места на Земјата, за научниците помалку позната од површината на Месечината.

На дното, на длабочина од 11 километри, температурата на водата е премногу ниска, а притисокот е толку голем што би го згмечил човекот како бубачка.


Научниците ја истражиле неодамна. "Мислевме дека се работи за изолирано кралство, безбедно од човечко влијание. За жал, тоа не може да биде подалеку од вистината", напишал водечкиот автор на истражувањето за загаденоста на Маријанската бразда, Алан Џејмисон од универзитетот во Њукасл.

Маријанската бразда е за четвртина подлабока од тоа што е висок Монт Еверест.


Пластичен отпад и мртви животни

Загаденоста до тие длабочини дошла веројатно во облик на пластичен отпад и мртви животни кои потонале на дното, напишале научниците во списанието Nature Ecology & Evolution.

Тие на дното на Маријанската бразда спуштиле посебна подморница опремена со мамци за фаќање амфиподи, ситни суштества налик на ракчиња.


Амфиподите се меѓу ретките суштества кои можат да преживеат во толку негостољубиво окружување со екстремен притисок. Научниците ги тестирале на присуство на хемикалии.

Резултатите покажале високи нивоа на контаминираност, вклучувајќи и "поликлориран бифенил - PBC", кој бил забранет пред речиси 40 години.


Нивото на PBC кај амфиподите во Маријанската бразда е дури 50 пати поголемо од тоа пронајдено меѓу ракчињата во реката Лиаохе, една од најзагадените во Кина.

"Фактот дека пронајдовме големо ниво на загаденост во едно од најизолираните и најнепристапни места на Земјата, покажува колку е долгорочно и разорно влијанието на човештвото на оваа планета", рекол Џејмисон.


Како загадувањето дошло до таму?

Се верува дека 1,3 милиони PBC, кои во екосоставот остануваат со децении, биле произведени помеѓу 30-тите и 70-тите години од минатиот век. Тој хлорид се користел во електричните апарати и во индиго хартијата.

Научниците на амфиподите пронашле и траги од уште еден долговечен загадувач, полибромиран дефенил етер.

"Како дошле до таму? Еднаш кога ќе потонат, тонат подлабоко, подлабоко и подлабоко. Немаат каде на друго место бидејќи немаат механизам што ќе ги врати на површината", објаснил Џејмисон.