Жена се разбудила среде операција: „Го чувствував секој рез, беше ужасен кошмар”

Точка

13/02/2017

17:52

3.934

Големина на фонт

а а а

Поради лековите кои ги примила, Дона ја чувствувала болката, но не можела да се помрдне и да ги предупреди лекарите дека е будна.

Дона Пенер од Канада требала да оди на рутинска абдоминална хирургија. Сè поминувало во најдобар ред. Хирурзите ѝ објасниле дека ќе добие општа анестезија за лапароскопијата да помине што подобро, дека ќе ѝ направат 3 или 4 мали резови, ќе го стават инструментот и ќе проверат зошто Дона премногу крвари за време на циклусот.

Во 2008 година, кога се случила операцијата, Дона имала 44 години и постоела загриженост дека има некоја малигна болест. Операцијата почнала добро. Анестезиологот ѝ ја ставил маската на лицето и ѝ рекол „Вдиши длабоко“.

Набрзо заспала, како што било планирано. Во моментот кога се разбудила, слушнала звуци во операционата сала. Го слушнала разговорот на персоналот, го слушала звукот од апаратите и била уверена дека сè поминало добро.


„Додадете ми го скалпелот“, била реченицата која променила сè. Дона сфатила дека операцијата допрва почнува. Не можела да направи апсолутно ништо бидејќи била под дејство на лекови кои го спречуваат движењето на сите мускули затоа што несвесното движење на стомачните мускули би можело да ги оштети инструментите или да нанесе сериозни повреди на внатрешните органи.

Општата анестезија не била успешна, но затоа лекот за спречување на движењето на сите мускули бил доволно ефикасен. Дона почнала да ја фаќа паника и тогаш работите тргнале на полошо. Тогаш го почувствувала првиот рез.

„Немам зборови со кои би ја опишала болката. Беше ужасно“, раскажала таа за BBC.

Сакала да им каже нешто, да го помрдне било кој мускул, но не можела. Била до таа мера парализирана, што не можела ни да плаче.

„Ги слушав како работат на мене. Го слушав нивниот разговор. Ги почувствував сите резови, а почувствував и кога ги турнаа инструментите во мене“, раскажала Дона.

Операцијата траела час и половина, а таа цело време била сосема будна и целосно парализирана.

После некое време почувствувала како попушта лекот и почнала да ја помрднува цевката за дишење во устата. Се чини дека анестезиологот бил уверен дека делувањето на лекот речиси целосно престанало, затоа што го извлекол цевчето кое ја одржувало Дона во живот. Почнала да се задушува затоа што не можела да дише. Почувствувала како го напушта телото и почувствувала нечие присуство.


„Што и да се случило, со тебе се ќе биде во ред“, ѝ рекол непознат глас. Ја освестил гласот на анестезиологот кога рекол: „Ставете ѝ маска“.

Со воздушен меур почнале да ѝ внесуваат воздух во белите дробови и таа почнала да си доаѓа на себе. Подоцна, кога ја посетил хирургот, му раскажала сè што се случило. Тој речиси се расплакал и само ѝ велел дека многу му е жал.

Дона после операцијата со месеци одела кај психотерапевт. „Не знаев кој ден е во неделата кога излегов од операционата сала, ете до толку бев ментално уништена.“

Во меѓувреме ја тужела болницата и тужбата е решена. „Не ја раскажувам својата приказна за да го вперам прстот и да кажувам дека некој е виновен. Сакам да им помогнам на луѓето да сфатат дека се случуваат и такви работи. Сакам што повеќе луѓе да дознаат за тоа и нешто добро да излезе од мојот хорор“, раскажала таа за BBC.


Спонозорирани линкови

Маркетинг