Државата го одврза ќесето, Иџе меѓу првите корисници на средствата!

Дерби

07/02/2017

10:51

563

Големина на фонт

а а а

Македонскиот пилот Игор Стефановски Иџе се соочуваше со неизвесност дали ќе ги продолжи настапите во Европскиот куп на кружни патеки, откако првата сезона ја заврши со победа во Имола, но и со раскин на договорот со словенечкиот клуб „Лема рејсинг“.

Двократниот европски шампион на ридски патеки ја покажа својата вредност и во новото натпреварување, но за 2017 година се уште ги нема обезбедено сите потребни средства. Првата позитивна вест е тоа што тој е дел од објавените имиња на корисници од средствата што ги доделува Агенцијата за спорт и млади од давачката за спортските обложувалници и автомат клубови, а кои се дополнителен извор на приходи покрај оние што се предвидени со буџетот на РМ. Агенцијата за млади и спорт претходно додели 6,6 милиони денари на ракометната федерација за учество на светското сениорско првенство и за организација на квалификацискиот мундијалски турнир на младите репрезентации, а овој пат распредели 21,6 милиони денари на 40 спортски федерации.

Стефановски е најпозитивниот пример во македонскиот авто спорт и државата одвои 2.5 милиони денари наменски средства согласно поднесената Годишна програма на Автомобилистичката федерација.

– Во нашата поднесена програма покрај основните средства кои се потребни за функционирањето на федерацијата, од АМС беа побарани средства за организација на три трки од домашното првенство на ридски патеки (Водно, Пробиштип, Пониква), при што Водно е меѓународна трка и ќе се бодува за календарот на ФИА ЦЕЗ. Вкупно шест македонски возачи ќе настапуваат на меѓународни трки, од кои Игор Стефановски – Иџе во ЕТСС, а уште пет други во различни категории на ФИА ЦЕЗ. Во овој момент, Агенцијата за млади и спорт одобри наменски средства кои ќе бидат уплатени на посебна сметка само за настапот на Игор Стефановски. Очекуваме дека со новиот Закон ќе добиеме средства и за реализирање на другите ставки од нашата програма,- изјави за „Дерби“ претседателот на Автомобилистичката федерација на Македонија, Павле Доневски.

Според искуствата од минатата година, Стефановски за сезоната 2017 година има потреба од вкупен буџет кој изнесува околу 300.000 евра, а овие средства се околу 15% од таа сума. Техничките трошоци за подготовката на возилото се најголемата ставка со околу 110 илјади евра, а само котизацијата за учество во ЕТСС изнесува 22 илјади евра, по што следат трошоците за патување и за потрошен материјал како што се пневматиците и горивото.

Согласно одлуката на Агенцијата за млади и спорт од јануари, во оваа распределба на средства опфатени се уште федерации, од кои кошаркарската ќе добие 1,8 милиони денари, одбојкарската ќе добие 0,8 милиони денари, кајакарската ќе добие 1,2 милиони денари, тениската федерација ќе добие 0,76 милиони денари, ракометната ќе добие нови средства од дополнителни 1,2 милиони денари, карате федерацијата ќе добие 1,4 милиони денари и таеквондо федерацијата ќе добие 0,74 милиони денари. Уште 30 други федерации ќе бидат помогнати со соодветни средства, а за училишниот спорт се одвоени околу 2 милиона денари.


Спонозорирани линкови

Маркетинг