Целиот свет учи од нив: Како Исланд се справи со тинејџерската наркоманија?

Точка

06/02/2017

12:41

10976

Големина на фонт

а а а

На Исланд, бројот на тинејџерите кои што консумираат алкохол, пушат цигари и се дрогираат драстично опадна во последните 20 години, а за тоа најзаслужна е националната програма. Зошто другите земји не го следат овој пример?

Пред 20 години, младите Исланѓани беа на првото место по консумација на алкохол во Европа, а денес е сосема спротивно - процентот на лицата постари од 15 и 16 години кои што пијат опаднал од 42% колку што бил во 1998-ма година на само 5% во 2016-та година. Бројот на тинејџерите кои што користат марихуана опаднал од 17% на 7%, бројот на пушачи од 23% на 3%, а времето кое што младите го минуваат со своите родители двојно пораснало.

Ваквиот успех не е постигнат со радикален и научен пристап заснован на факти, туку и со потпирањето на она што би се рекло дека е - здрав разум.

„Тоа е најинтензивната и најголема студија за стресот во животот на тинејџерите со која што сум се сретнал. Навистина сум импресиониран од нивниот успех“, изјави американскиот психолог Харви Милкман, експерт за проблемите со зависноста.

Според дигиталниот магазин Mosaic Science, се започнало во 1991-ва година кога професорот Милкман пристигнал во Рејкјавик да одржи предавање за зависноста. Милкман на Државниот универзитет во Денвер истражувал зошто некои луѓе кои што пробуваат опијати продолжуваат да ги користат и заклучил дека станува збор за зависност од промената на хемијата во мозокот.


„Луѓето можат да се навикнат на пиење, автомобили, пари, секс, калории, кокаин. Идејата за бихејвиорална зависност стана нашиот заштитен знак“, вели Милкман кој вели дека оваа идеја родила нова: на оние кои што сакаат да ја изменат својата свест треба да им се пружи можност за „напојување“ со таква хемија во мозокот која што не вклучува дрога.

Милкман во Америка започнал Проект за самооткривање кој на тинејџерите им нудел алтернатива на дрогата и криминалот. Набрзо откако пристигнал на Исланд држи предавања, тој станал консултат во првиот резиденцијален центар за одвикнување од дрога за тинејџери во оваа земја која што брои само 330 илјади жители.

Анонимните анкети кои што редовно биле спроведувани во училиштата меѓу децата од 14 до 16 години покажале дека 25% од младите пушат цигари, а 40% од нив практикувале да пијат алкохол. Лекарите забележале дека нема адикција меѓу децата кои што повеќе време минуваат со своите родители, се занимаваат со спорт од три до четири денови во неделата, пријатно им е во училиште и не излегуваат доцна навечер. Младите веќе учеле за злоупотребата на супстанците и превенција, но тоа очигледно не помогнало. Значи, потребен бил нов пристап.

Обединети околу националниот план

За обидот да се направи нешто во врска со ова, голем интерес покажал градоначалникот на Рејкјавик, како и родителите. Во соработка со докторите, професорите, семејствата и локалните заедници, донесен е нов национален план за „Младите на Исланд“.


Најпрвин се променети некои закони: Малолетниците повеќе не можеле да купуваат цигари, а помладите од 20 години ниту алкохолни пијалоци. Рекламирањето на овие производи било забрането. Засилени биле контактите помеѓу родителите и училиштата преку родителските организации кои по закон, морало да постојат во секое училиште.

На родителите им било сугерирано дека е важен и „квантитетот“ од времето кое што го поминуваат со своите деца, а не само „квалитетот“ - требало да разговараат за проблемите, да знаат во какво друштво се нивните деца и да се потрудат да ги задржат подолго време дома. Донесен бил закон според кој децата од 13 до 16 години не смеат на зима да бидат на улица подоцна од 22:00 часот, а на лето после полноќ. Тој закон и денес е на сила.

Родителската организација „Дом и училиште“ им понуди на родителите да потпишат договори со кои што се обврзуваат дека нема да ги пуштаат децата на забави без надзор, ниту да им купуваат алкохол на малолетниците. Со тоа е зајакнат авторитетот на родителите.

Државата од друга страна, ги зголемила вложувањата во спорт, музика, уметност, танц и разни други активности. Сиромашните семејства добивале финансиска помош за да можат да бидат во чекор со ваквите програми. Секоја година биле спроведувани нови анонимни анкети за истражувачите секогаш да располагаат со свежи податоци.

Програмата е смислена да се спроведува на локално ниво, а не да го водат националните влади. До денес програмата на Исланѓаните ја тестирале 35 градови во 17 држави, а одлични резултати забележале во Каунас - Литванија и Букурешт - Романија. Сепак, резултатите не се така фасцинирачки како на Исланд.


Ниту една држава не ги спровела баш истите мерки како Исланд. Запрашан дали во некоја друга земја е воведен закон децата да бидат задржувани дома навечер, соработникот на Милкман, Џон Сигфусон се насмеал: „Дури и Швеѓаните ни се смеат и ни велат дека имаме полициски час за деца“.

Сепак, без разлика на тоа што некои мислат дека Исланѓаните дозволиле државата да се меша во животот на децата, сепак станува збор за национална платформа која што заслужува едно големо браво, затоа што самата кампања е за здрава младина и воопшто не може да резултира со некаков контра ефект.

Интересно е да се спомене и тоа дека во последните 20 години, се повеќе млади спортуваат на Исланд. Благодарение на тоа, но и ефективната и некоруптивна работа на нивниот Фудбалски сојуз, 330 илјадната држава Исланд на Европското првенство во Франција славеше со 2:1 и ја елиминираше 53 милионската Англија.


Спонозорирани линкови

Маркетинг