Хрватите ги сменија Бабиќ, Балиќ и Метличиќ

Макфакс

31/01/2017

16:41

2.107

Големина на фонт

а а а

Управниот одбор на Хрватскиот ракометен сојуз, на вонредната седница, им врачи откази на селекторот Жељко Бабиќ, неговиот помошник Петар Метличиќ и координаторот Ивано Балиќ.

По шокот кој го доживеаја на Светското првенство Хрватите на седницата на Управниот одбор, на која имаше само една точка, решија да ги сменат Бабиќ, Метличиќ и Балиќ.

„Состанокот траеше речиси два часа. Не погрешивме што на Бабиќ му пруживме втора шанса. Но она што се случуваше не ги задоволи нашите амбиции. Причината за смените не лежи во тоа што не победивме во полуфиналето, туку затоа што не сме задоволни како беше водена репрезентацијата“, рекол првиот човек на Хрватскиот ракометен сојуз.

Бабиќ по ОИ во Рио де Жанеиро, на кои Хрватска испадна во четвртфиналето, поднесе оставка на функцијата, која Управниот одбор не ја прифати.

Хрватска на СП кое заврши во неделата, во петокот и саботата, доживеа два тешки и шокантни порази. Најпрвин во полуфиналето, загуби од Норвешка, иако во 60 минута имаше седмерец за победа, а потоа во борбата за третото место во последните 20 минути испушти предност од осум голови против Словенија.

На состанокот била оформена комисија која во наредните 30 дена треба да реши кој ќе биде новиот селектор.

Околу новиот селектор хрватските медиуми шпекулираат со имињата на Лино Червар, Веселин Вујовиќ и Славко Голужа.


Спонозорирани линкови

Маркетинг