Анализа: Кои се фактите пред кои Червар молчи?

Дерби

30/01/2017

12:48

2.230

Големина на фонт

а а а

Како и другите игри со топка, ракометот сепак е суров кон оние што на крајот на денот се поразени, макар и за еден гол, а тоа најдобро го почувствуваа Хрватите кои се трагичари на завршниот турнир од ракометниот мундијал. Многумина би го посакале нивниот пласман на четвртото место, но за жал историјата не памети подалеку од првите три позиции кои носат медали.

Од друга страна, бурата во хрватската јавност е разбирлива низ аспект на навивачка болка, но од друга страна иако може лесно да се увиди дека Бабиќ има напредок во однос на својот претходник Голужа, кој во Катар 2015 година беше шести. Наспроти ова, во хрватските медиуми на големо се „труби“ за промена на селекторската функција, иако лани го освоија бронзениот медал на Европското првенство во Полска. Да дадеше Хорват гол (од пеналот во последна секунда против Норвешка), тие ќе беа во финале на ова светско првенство и ќе носеа сребро на градите, вака селекторот е виновен што изгубил добиен натпревар без ниту еден ден пауза! Сосема спротивно од ова, Червар во Франција не го криеше задоволството и побрза да порача дека споредено со настапот на Македонија во Краков на Европското првенство (само две нерешени, без победа), сега можеме да бидеме задоволни.

Искрено, мислам дека заслужуваме една подлабока анализа, многу подобри споредби меѓу постигнувањата од порано и она што сега го направивме базирано на форсираниот модел „7 на 6“. Во текот на првенството ние правевме обиди да коментираме факти како одбрана која што прима повеќе голови од противниците, маскирано подмладување на репрезентацијата при што првата постава (со исклучок на голманите) се играчи кои и лани играа за Македонија, а младите едвај добија шанса која повторно беше преполовена поради новиот стил на игра.

Червар се обиде да игра на картата „ние ништо не ветуваме (но тоа го исполнуваме)“ откако почетните две победи над Тунис и Ангола веќе не имаа лансирано кон втората фаза. Сепак, иако тој се реши да споредува со Полска, многу поверодостојно може да се анализира ако предвид се земат и резултатите од Катар. Така на пример, ако на претходното светско првенство сме имале просек од постигнати 30,2 голови, на европското во Полска тој изнесува 26,2 голови, а сега во „7 на 6“ варијанта достигнавме 27,2. Да, подобри сме од Краков, но се уште не сме на нивото на Доха кога освоивме 9 место и обезбедивме место на квалификацискиот турнир за Олимписките игри, нешто што и сега е наша цел за овој циклус.

Одбраната на македонската репрезентација прими во Франција точно 171 гол или просек 28,5 по натпревар. Повторно, помалку од Полска (29,3), но повеќе од Катар (28). Дури и на турнирот во Гдањск имавме подобар просек (28). Слична е ситуацијата и со просекот на одбрани на голмните, 30% во Катар, наспроти 25,4% во Полска, и актуелни 26,8% во Франција. Но, ако има нешто во што сме подобри, тоа е играта во одбраната, бидејќи сме дозволиле вкупно 205 удари кон голот кога имало голман (вкупно се 230). Таа е најуспешниот сегмент од играта под раководство на Червар, а тој не стигна да се пофали со неа.

Во просек, данокот што го зема играта во нападот на нашите противници во Франција им овозможила 25 удари во небранет гол, или во просек нешто повеќе од четири по натпревар. Голманите според оценката на Червар во Албервил имале солидни изданија, иако статистиката покажува најмалку одбрани во апсолутен износ, а просекот е повторно на ниво под Катар, а над Полска.

Прашањето на составувањето на тимот и ветеното подмладување во случајов едвај може да се нарече козметика, бидејќи костурот на екипата беше со играчи кои играле во Катар и Полска. Стоилов и браќата Марковски ги имаа едни од најблескавите изданија во кариерата со минутажи кои се двојно повисоки од она што претходно го играле, но Червар треба многу повеќе да внимава на своите зборови кога ќе зборува за подмладување. Уште повеќе, кога ќе зборува за Металург како „клуб-репрезентација“ во кој наместо да школуваме македонски голман или десен бек (позиции кои ни се нужно потребни во иднина во националниот тим), тој доведува странски играчи.

Вметнувањето на Нелоски, Поповски и Дрогришки е повеќе од добредојдено, но користењето на Талески само во одбрана е збунувачко за сите што ја одгледаа најдобрата сезона во кариерата на носителот на играта на Металург. Од друга страна, секоја чест на Влатко Митков за кариерата што ја има(л), но се родил во исто време кога и Кире Лазаров. Земањето на Митков во репрезентацијата е класичен пример дека Червар ги нема „топките“ на Вујо кој направи целосен ремонт и задржа само четири играчи од минатиот мундијал. Ако веќе испраќа порака дека работи на подмладување на репрезентацијата, дали Червар требаше да избере барем еден десен бек од младите сили на кои смета во иднина? Вака, пораката што е испратена е дека нашата долгорочна цел, Олимписките игри во 2020 година, ќе ја бркаме со играчи кои денеска имаат 35 или 36 години. Ако Македонија нема талент кој може да дојде на тоа место, нека повели селекторот при следното експозе кое неминовно ја има вткаено девизата „за добро на македонскиот ракомет“ да им објасни на сите клубови и сите ракометни школи во Македонија, земја во која што ракометот е прв спорт, дека немаме можност да го замениме ниту Митков, а камо ли Лазаров.

Прашањето на голманската позиција исто така е горечко. Повторно со сета чест кон Кирил Колев и неговата лична кариера, се обидувам да ја најдам логиката меѓу неговата 38-годишна возраст и проектот „Токио 2020“. Во ред, Червар повлече потег кој е збунувачки во поглед на ангажманот на Борко Ристовски и како селектор има право на таков потег, доколку смета дека има соодветна замена. Вујовиќ го испрати Шкоф (кој брани во ПСЖ) во пензија, а му даде шанса на Скок, кој има 30 години, исто колку Благојче Траковски кој може да се смета за легитимен кандидат ако минатата сезона бранел во СЕХА лигата и имал импресивна статистика. Но, селекторот ќе мора да објасни зошто „за доброто на македонскиот ракомет“ ги игнораше Никола Митревски, Златко Даскаловски и Јане Цветковски, сите до еден со повеќе од солидни интернационални кариери!

Сосема на крај, Червар мора да биде на тапет и за лаконскиот однос кон позицијата што ја има. Постојаното кокетирање во медиумите со местото во хрватската селекција е несериозно, колку што е несериозна и неговата изјава во Албервил дека сепак вистинскиот рецепт е малку „7 на 6“, малку „6 на 6“. Чуму тогаш ризиците и форсирањата на игра која физички ги истоштува играчите, па во финишот на првенството не можеме да завршиме еден натпревар со Норвешка, во кој патем речено имавме водство од 9:8 и три напада за два разлика? Како селектор на македонскиот национален тим тој мора да биде посилен од кланската сегрегација и од тоа дали некој е подобен да биде дел од репрезентацијата, дали младите „одат на баци рака“ кај лидерите во тимот – и да им го „дотера паметот“ на оние што мислат поинаку.

Да се разбереме: Червар веќе е „икона“ во македонскиот ракомет и неговото знаење не може да го оспори никој. Сепак, не смееме да дозволиме да бидеме експериментално заморче, а уште помалку да веруваме слепо, што е добро, а што не е. Червар успеа да не убеди во унапредувањето на играта во нападот и во делумната полезност при имплементирањето на системот „7 на 6“, но ракометот е многу повеќе од тоа. Бројките изнесени претходно се показатели и ние би биле најсреќни кога тие би биле надминати, за да може аргументирано да се зборува за тоа дека сме добри, бидејќи Македонија од него очекува подобра ракометна иднина. Со Шундовски бевме петти на Европско, а со Обрван деветти на Светско. Сега ЛиноЧервар е „и мајка и татко“ на репрезентацијата и оној од кого очекуваме нова генерација ракометари кои ќе бидат изведени на вистински пат. На крајот од краиштата, зборуваме „за добро на македонскиот ракомет“.


Спонозорирани линкови

Маркетинг