Никола Груевски не успеа да формира нова влада - следен на потег е Иванов: Кои се сега опциите за нова коалиција во Македонија?

Точка

30/01/2017

12:14

7.392

Големина на фонт

а а а

Oткако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и дефинитивно не успеа да формира нова влада, откако не успеа да постигне договор со досегашниот коалициски партнер ДУИ, следен на потег е претседателот Ѓорѓе Иванов, од којшто пак се очекува мандатот за состав на новата влада сега да му го довери на СДСМ. Но, Никола Груевски овојпат бара нови избори. Што може да очекуваме?

После повеќечасовните разговори во партијата на Али Ахмети, но и со меѓународната заедница, заклучокот е дека сепак немало доволно аргументи за тие да се одлучат за една од петте опции коишто биле предмет на дебатата, како и тоа дека сепак им е потребно уште некое време за да донесат своја конечна одлука.

- ДУИ денеска не донесе одлука по која било од петте опции кои ги разгледувавме на дебатата во партијата и немаше аргументи за да се одлучиме за ниту една од нив, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Притоа, тие додаваат дека дебатата ќе продолжи и во текот на наредните денови, со цел да биде донесена најдобрата одлука во корист на граѓаните. А од опциите коишто ги споменуваат од ДУИ за формирање на нова влада со ВМРО-ДПМНЕ е да се постави друг мандатар на местото на Никола Груевски, а во контекст на ова сè почесто се споменува името на Никола Попоски. Отворена е и опцијата за коалиција со СДСМ, широка владина коалиција, одење во опозиција или пак – нови избори.


Од друга страна пак, судејќи според соопштението коешто беше испратено од ВМРО-ДПМНЕ, веднаш после информацијата од Мала Речица, нивната одлука е спроведување на нови избори:

- ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата 'За подобра Македонија' како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели, пишува во соопштението на партијата.

Инаку, 'вината' за ваквиот епилог од настаните тие ја адресира до неидентификуван субјект.

- Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17-ти декември 2016-та година, напоменуваат од партијата.


Што се однесува до законите, Никола Груевски утре треба да го врати мандатот кај претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, и иако според Уставот нема прецизно дефинирана постапка, тој ќе има рок од десет дена за, или да му го даде мандатот на друг мандатар, или пак да му го даде на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, врз основа на тоа дека тие беа втора партија според бројот на освоени пратенички места.

Инаку, кој и да го добие мандатот, ќе добие нови 20 денови за составување на нова влада, а тоа значи дека ако се искористат во максимални рамки сите законски рокови, нова влада може да очекуваме дека би била формирана во месец март.


Спонозорирани линкови

Маркетинг