Десничарските потреси најавуваат многу неизвесна 2017-та

Макфакс

27/01/2017

09:09

590

Големина на фонт

а а а

Одбележана со победата на новиот американски претседател Барак Обама и референдумот за излегувањето на Велика Британија од Европската унија мина 2016 година, во која се случија десничарски потреси од двете страни на Атлантикот, а имајќи ги предвид претстојните избори во некои членки на ЕУ годинава ќе биде многу понеизвесна во смисла на насоката во која ќе се движи американската политика.

Годинава 2017-та, парламентарните избори во Холандија ќе се одржа во средината на март, претседателските избори во Франција на крајот од април и почетокот на мај, како и парламентарните избори во Германија кон крајот на септември, а многу се можни и предвремени парламентарни избори во Италија, третата економија во еврозоната

Милиони Британци и американци гласаа во 2016 година против естаблишментот, што се толкува како незадоволство од придобивките на глобализацијата, досега незабележаната имиграција и тероризмот. Глобализацијата и имиграцијата, имено, ги променија пазарите на труд и демографијата на Западот. Многумина, па дури и во земја којашто е подигната од имигранти,како што се САД, гледаат врски меѓу криминалот, тероризмот и имиграцијата, сметаат некои аналитичари.

Во земјите од ЕУ, од Холандија до Полска и од Шведска до Италија, сé почесто може да се слушнат споредби со ситуацијата во 30-те години од минатиот век. Се појавија низа крајно десно движења и партии, кои сакаат да им пружат отпор на политичките естаблишменти и создадени со вековите елит, како и на Брисел, и да ги вратат своите земји на средната класа којашто сé потешко живее, како што истана и Доналд Трамп во својот инаугуративен говор на Капитол Хил.

Оттаму, се поставува прашањето дали откако Трамп ја презема должноста челник на најмоќната земја на планетата со говор во кој го апострофираше суверенитетот и патриотизмот, ова е годината во којашто на европскиот континент ќе се случат тектонските пореметувања на политичката сцена. Како и во текот на кампањата за британското излегување од ЕУ и во американската претседателска кампања, и на европска почва доминираат темите за глобализацијата, доаѓањето на повеќе од 1,5 милиони доселеници од муслиманските земји и екстремистичките напади.

Претседателката на партијата од француската крајна десница Национален фронт, Марин Лепен, изјави минатиот викенд на конгресот на десните партии во Европскиот парламент во германскиот град Кобленц, дека 2017-та ќе биде година на националните партии. „Минатата година анлгосаксонскиот свет со Брегзитот и изборот на Доналд Трамп ја започна борбата за сопствената слобода. Во 2017 година следат нациите од континентална Европа“, изјави Марин Лепен укажувајќи на важните избори кои годинава ќе се одржат во повеќе важни земји членки на Европската унија.

Традиционалните и про-ЕУ партии малку здивнаа кога на претседателските избори во Австрија на 4-ти декември беше поразен десничарот Норберт Хофер, Но надежите веднаш спласнаа поради Италија, третата економија во еврозоната, чиј премиер Матео Ренци поднесе оставка поради пропаднатиот референдум за уставната реформа, а Уставниот суд донесе одлука создавајќи можноста за предвремени избори и јакнење на антиестаблишмент Движењето пет ѕвездички, кое сака да го укине еврото, како и антидоселеничката Северна лига.

Холандија излегува на избори во средината на март, а антиисламската крајно десна партија на Геерт Вилдерс може првпат во историјата да победи, но можеби и потоа нема да успее да формира коалициска влада. Франција до првата седмица од мај ќе го добие новиот претседател. Според сегашните анкети, лидерката на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен, ќе влезе во вториот круг со конзервативецот Франсоа Фијон.

Германската канцеларка Ангела Меркел која во 2015-та ширум ги отвори границите за повеќе од милион баратели на азил во септември, исто така, треба да ја бара довербата на избирачите. Иако долго им одолеваше на повиците на десничарите, меркел сега мора да се справува со јакнењето на евроскептичката и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија, која прерасна во трета сила во земјата, како и со силната критика во рамките на својата партија и традиционална демохристијанска унија со сестринската партија од Баварија.

Иако анкетите прогнозираат дека Меркел ќе победи, а Лепен ќе биде поразена во вториот круг, сепак не треба тоа и така да се случи. Имено, анкетите се многу дискредитирани, имајќи предвид дека предвидуваа дека Британците ќе се одлучат да останат во ЕУ, како и дека Трамп нема никакви шанси против искусната Хилари Клинтон поддржувана од естаблишментот и елитата дури и меѓу неговите републиканци.

Во таквата атмосфера, Јејша Монк, професор по политикологија на Харвард, очекува во 2017-та „голема неизвесност“. „Едно е сигурно: изборот на Трамп докажа дека не постои природна граница за јакнење на популистичките движења. Доколку луѓето мислат дека е невозможно Марин Лепен да победи, ја прават истата грешка каква што ја направија моите пријатели мислејќи дека Трамп не може да победи“, предупредува.

Европските етаблирани, особено леви и партиите од левиот центар, се прашуваат дали Трамп ќе го направи пресвртот во американското влијание во светот, на што тие го потпираа своето постоење сега. Неговата победа може да влее „одредена доза самодоверба“ кај европските десни и популистички движења, смета Џовани Греви од Центарот за европска политика во Брисел. Но, според него, европските популисти, би можеле да „изгорат“ доколку Трамп не успее во своите ветувања. Но процената на Греви, сепак, се однесува на подолг период, зашто од стапувањето на Трамп до клучните европски избори ќе измине само половина година, што може само да ги открие контурите и насоките на неговите политики, но никој нема да очекува конкретни и брзи резултати. А ЕУ е и онака пред големи искушенија поради проблемите во еврозоната и масивниот прилив на имигранти и е чувствителна на цела низа кризни фактори.

Лепен на собирот во организација на групата Европа на нациите и слободите во Европскиот парламент, која во 2015 година ја основаа партиите од крајната десница од девет земји членки, ја критикуваше Европската унија како „антидемократска творба“ којашто се бори против националните интереси на земјите членки.

Во својот говор пред пратениците но и водечките европски политичари од крајната десница како Холанѓанецот Геерт Бидлерс, Матео Алсвини од италијанската Северна лига и Фрауке Петри од Алтернатива за Германија, остро ја осуди политиката на германската канцеларка Ангела Меркел за нејзината политика на отворени граници за барателите на азил. Истовремено појасни дека доаѓањето на мигрантите и бегалците го поддржуваат големите концерни кои се надеваат на добивање евтина работна сила, но не и малите претприемачи и граѓаните чии работни места се загрозуваат.

Фрауке Петри ја критикуваше воопшто доселеничката политика којашто се води во рамките на Европската унија. „Многу медиуми и политики проповедаат толеранција и атмосфера на добредојде. Притоа доселениците инсистираат на своите традиции од ерата пред модерното време и воопшто не го интересираат и не им е грижа за вредностите во нашето општество, предупреди Петри. Таа се заложи за „нови импулси во Европа“, коишто ќе спречат„неконтролирана промена на структурата на населението“.


Спонозорирани линкови

Маркетинг