Опасна руска стратегија на Арктикот: Ако мислевте дека САД воено ја опкружува Русија, погледнете ја оваа мапа...

Точка

27/01/2017

12:21

11.638

Големина на фонт

а а а

Иако многу се зборува за американските воени бази кои што се распространети насекаде низ светот, Москва за само неколку години успеа на северот да изгради 14 авио писти, 16 пристаништа, распоредени се 40 мразокршачи и оформена е посебна „Арктичка воена команда“.

Откако изби кризата во Украина, се повеќе американски високи функционери започнаа да ја увидуваат важноста на Арктикот за националната безбедност на САД. Сепак, северното замрзнато пространство практично е заборавено од Американците.

Русите сепак ова го сметаат за своја предност, па ја користат својата територија да „го обезбедат целиот арктички регион“ пред да се појават ривалите, така што градат што е можно повеќе воени бази и научни објекти. Сепак, функционерите од Вашингтон сега се надеваат дека новата администрација на Доналд Трамп нема да го игнорира Арктикот и ќе се вклучи во трката за доминација на „капата на светот“.


За Пентагон, Арктикот отсекогаш бил без големо значење, смета Сенаторот Ден Саливен: „Која беше нашата стратегија за национална безбедност на Арктикот? Мислам дека до неодамна, од гледна точка на Вашингтон и Пентагон, таа стратегија воопшто не постоеше“, изјави Саливен.

Работите започнаа да се менуваат во текот на мандатот на Барак Обама, иако напредокот не беше предводен од Министерството за одбрана, туку од „Арктичкиот совет“ - меѓународно тело со кое што претседава САД, а е задолжено за надзор на регионот.

Сепак, тоа не е доволно, а како доказ за тоа, објавена е мапата на сите руски бази и пристаништа на Арктикот (кликнете на фотографијата за да ја погледнете во оригинална резолуција).


Иако на мапата не се обележани воените инфраструктури кои што припаѓаат на САД и НАТО сојузниците, трендот на пораст на руските бази е очигледен. За само неколку години, Русија формираше посебна арктичка команда и бригада сочинета од четири борбени единици, 14 авио писти и 16 длабоководни пристаништа во кои што се распоредени 40 мразокршачи, а се очекува да пристигнат дополнителни 14.

Од друга страна, САД располага само со еден функционален мразокршач на Арктикот, додека пак вториот има дефект и не е оперативен. Со оглед на тоа што мразокршачите се клучни за движење низ арктичкиот регион, САД ќе мора наскоро да вложи најмалку една милијарда долари за да изгради шест мразокршачи.

„Мразокршачите се автопатите на Арктикот, а Русија поседува супер автопати, додека ние имаме валкани патишта исполнети со дупки“, смета Саливен.

Сепак, како што пренесуваат американските медиуми, новиот министер за одбрана на САД, Џејмс Матис навел дека „Арктикот претставува клучно стратешко подрачје“, па се очекува сега и САД да се вклучи во трката за контрола на овој замрзнат регион.


„Русија превзема агресивни чекори во зголемувањето на своето присуство таму. Развојот и интеграцијата на стратегијата за Арктикот ќе ги поставам како еден од моите приоритети“, порачал Матис пред Конгресот.

Сега останува отворено прашањето каква ќе биде одлуката на Трамп и како ќе се одвиваат работите во иднина на ова подрачје со оглед на тоа што новиот американски претседател ветуваше дека ќе биде намалено трошењето во армијата.

Сепак, аналитичарите сметаат дека доколку дојде подобрување на односите помеѓу Вашингтон и Москва како што најавуваше Доналд Трамп, тогаш може да се случи Владимир Путин да го искористи „спуштениот гард“ на новата американска администрација и да ја загрее ситуацијата на север, пред да го стори тоа на југот.


Спонозорирани линкови

Маркетинг