Федерер се пласира во 28-то грен слем финале во кариерата

Макфакс

26/01/2017

13:40

1045

Големина на фонт

а а а

Роџер Федерер го доби Стан Вавринка со 3:2 (7:5, 6:3, 1:6, 4:6, 6:3) во сешвајцарското полуфинале на Аустралијан Опен. Федерер, в недела, ќе игра во своето 28-мо грен слем финале и ќе се обиде да ја освои петтата титула на Аустралијан Опен, откако најдобар во Мелбурн беше во 2004, 2006, 2007 и 2010 година.

Роџер Федерер, освојувач на рекордни 17 титули на грен слем турнирите, преку сонародникот Стан Вавринка, по УС Опен во 2015 година повторно ќе игра финале на еден турнир од грен слем серијата. Федерер грен слем титула нема освоено од 2012 година кога седми пат го освои Вимблдон.

Федерер против сонародникот на теренот мина три часа и осум минути, успеа да го издржи притисокот на Вавринка, кој се врати во мечот по негативата од два сета и благодарение на добриот сервис да се пласира во финалето.

Неколку моменти го обележаа одличниот дуел на двајцата Швајцарци. Во првиот сет Федерер не искористи три врзани брејк топки, потоа Вавринка имаше две топки за брејк, а во 11-от гем Стан не реализира две брејк топки. Откако Федерер поведе 6:5, во наредниот гем успеа да му го одземе сервисот на противникот за 7:5 и 1:0 во сетови.

Сигурниот сервис му овозможи на Федерер да се чувствува комотно на теренот во вториот сет. Тој не дозволи брејк можност, а од друга страна успеа да му го одземе еднаш сервисот на Вавринка, го доби сетот со 6:3 и 2:0 во сетови.

Во финишот на вториот сет Вавринка фрустриран искрши еден рекет, потоа на стартот од третиот сет побара медицински тајм-аут и го започна својот танц. Вавринка, во третиот и четвртиот сет го играше својот најдобар тенис. Во третиот сет направи два брејка и буквално протрча низ овој сет со 6:1, за 1:2 во сетови.

Четвртиот сет Стан го започна со брејк, Федерер веднаш возврати, потоа двајцата беа сигурни кога сервираа се до деветтиот гем кога Вавринка повоторно направи брејк, а потоа и отсервира за 6:4 и израмнување на 2:2 во сетови.

Налетот на Вавринка, Федерерд го сопре со медицинскиот тајм-аут кој го побара во паузата помеѓу четвртиот и петтиот сет. Федерер речиси девет минути беше во соблекувалната, а кога се врати на теренот повоторно Вавринка беше тој кој стигна до можност за брејк.

Во третот гем Федерер се извлече, а истото го стори и во петтиот гем. Она не му успеа на Вавринка, го направи Федерер во шестиот гем кога му го одзеде сервисот на противникот, потоа Вавринка намали на 5:3, а Федерер во деветтиот гем отсервира за меч.

Роџер Федерер во финалето ќе игра против победникот од полуфиналето помеѓу Рафаел Надал и Григор Димитров, кое ќе се одигра в петок.


Спонозорирани линкови

Маркетинг