Виландер шокираше со изјавата: Ново финале меѓу Надал и Федерер е погубно за тенисот!

Дерби

24/01/2017

11:56

745

Големина на фонт

а а а

Матс Виландер е специјален експерт за „Еуроспорт“ и тој ја има главната улога за коментирање на сите актуелности и случувања на Австралија Опен, турнир на кој досега видовме две големи изненадувања кои никој не ги очекуваше.

Новак Ѓоковиќ и Енди Мари го завршија првиот грен слем во годината многу порано од тоа на што не навикнаа во изминативе две години, а тоа им даде за право на голем дел од тениските фанови да се надеваат на нова класика меѓу Рожер Федерер и Рафаел Надал кои можат да ги вкрстат копјата само во финалето во Мелбурн.

Федерер и Надал за противници во четвртфиналето ќе ги имаат Миша Зверев и Милош Раониќ, па ако ги минат овие пречки, ќе ги дели само уште еден меч од повторување на историјата и мегдан на кој веќе подолго време заборавивме.

Виландер говореше на оваа тема токму при своето последно обраќање за австралиската агенција „ДПА“, но тоа што го кажа предизвика одреден шок кај фановите со оглед на фразата која ја употреби за да опише што би значел нов дуел меѓу Рожер и Рафа во едно финале на грен слем турнир.

– За многумина ќе биде генијално да гледаат ново финале меѓу нив, но убаво би било да ги гледаме и Џон Ленон и Елвис Присли повторно како пеат заедно, а тоа е невозможно. Поради тоа, ќе кажам дека генијално ќе биде да видиме нови лица во финалето на Австралија Опен. Ако дојдат Надал и Федерер до финалето, тоа ќе биде многу забавно, но исто така и погубно за тенисот. Многупати досега гледав големи финалиња меѓу нив и навистина не е потребно да гледам ново. Не, навистина, нема потреба да гледам ново финале меѓу нив. Потребни ни се нови лица во тенисот, – вели легендарниот Швеѓанец кој инаку е седумкатен грен слем шампион.


Спонозорирани линкови

Маркетинг