Што стои зад партнерството на Путин и Ердоган: Русите и Турците станаа „браќа по оружје"

Точка

20/01/2017

12:11

3669

Големина на фонт

а а а

Руските и турските воздухопловни сили на 18-ти јануари ја изведоа првата заедничка воена операција против Исламската држава во сирискиот град Ал Баб кој што се наоѓа во близина на Алепо.

Ова е прв пат руските и турските авиони да бидат ангажирани во заедничка операција, а нападите биле изведени со согласност на сириските власти.

Во операцијата над градот Ал Баб учествувале девет руски авиони – четири Су-24М, четири Су-25 и еден бомбардер од типот Су-34, како и осум борбени авиони на турското воено воздухопловство – четири Ф-16 и четири Ф-4 борбени авиони. Оваа акција е изведена откако на 17-ти јануари американската војска соопшти дека се изведени воздушни напади за поддршка на турската офанзива на Ал Баб.

Сепак, акцијата е изведена после жалбата на Турците дека Вашингтон не прави доволно и не ја поддржува нивната копнена офанзива, иако им е стратешки НАТО партнер. Како одговор, американскиот полковник Џон Доријан наброи четири напади во кои што учествувале американските борбени авиони на, како што рече „позициите на џихадистите кои се предмет на интерес на двете земји“.


Поради тоа, многумина сметаат дека ова е прв пат САД и Русија заедно да напаѓаат позиции на Исламската држава во едно упориште на џихадистите, во овој случај градот Ал Баб.

Во меѓувреме, сојузот помеѓу Русија и Турција од неодамна станува се посилен, посебно откако двете земји кон крајот на декември минатата година договорија постигнување на примирје во Сирија и сега организираат мировни преговори во Астана, Казахстан кои треба да се одржат на 23-ти јануари.

Сепак, сојузот помеѓу Москва и Анкара не се ограничува само на Сирија. Турските власти најавија приклучување на Турција во Шангајската организација затоа што „Турција не може вечно да ја моли Европската унија“.


Мора да се нагласи дека Турција преговара со Русија за набавка на против-воздушниот ракетен систем С-400 и ретко кој друг, освен Москва, на Турците може да им понуди нешто подобро, затоа што С-400 е еден од најдобрите, ако не и најдобар ПВО систем на светот. Анкара исто така сака да направи набавка на електронски системи, муниција и ракетна технологија од Русија.

Генералот Хулуси Акар, началник на Генералштабот на турските вооружени сили, минатиот ноември беше во официјална посета на Русија каде што разговарал со своите руски колеги за зголемување на воената соработка помеѓу двете земји.

За време а 9-тиот самит во Санкт Петербург во август минатата година, Русија и Турција потпишаа декларација за партнерство во областа на одбранбената индустрија. Двете страни се согласиле да формираат заеднички воен и разузнавачки механизам поради координација на своите активност на Блискиот исток.

Според зборовите на турскиот министер за одбрана, Турција ќе стори се што е потребно за да соработува со Русија во Турција и нагласи дека „се отворила нова страница“ во историјата на одбранбената соработка со Русија. Евакуацијата на бунтовниците од Алепо беше извршена благодарение на договорот на Русија и Турција, а блискиот воен дијалог помеѓу двете земји беше посебно важен за ослободување на стратешките градови како Џараблус и Дабик.


Русите го прифатија извинувањето на Турците за соборениот авион, а руските медиуми и високи функционери кои што упорно го демонизираа Ердоган и тврдеа дека соработува со Исламската држава и тргува со нафта, веднаш го заборавија, со што ставија печат на своето лицемерие. Од друга страна, Ердоган го проголта тоа дека Асад неа да ја напушти власта, очигледно тоа ветување до турскиот и сирискиот народ нема да го исполни и сега Турција барем ќе ја исполни една од основните задачи – сечење во корен на курдското влијание на северот на Сирија.

Сега се поставува прашањето што понатака? Нема сомнеж дека порано или подоцна, Исламската држава ќе биде протерана од Сирија, па тогаш Русија и Турција ќе се соочат со тоа прашање. Заедно со Иран, овие две држави ќе мора да го водат процесот за управување со мирот.

Формирањето на сојузот помеѓу Русија и Турција стана видлив тренд и овие две држави, од кои што едната е членка на НАТО Алијансата, факт е дека станаа „браќа по оружје“. Ова е промена која што до пред некое време изгледаше сосема незамисливо. Сетете се само на зборовите на Владимир Путин кој после соборувањето на рускиот авион порача – „Ова е забивање на нож во грб“.


Спонозорирани линкови

Маркетинг