Нештата по кои ќе се памети Обама

Макфакс

17/01/2017

09:07

1947

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Барак Обама ја напушта, по два мандата, должноста а неговото претседателствување, со според многумина единствената вистинска суперсила во светот во моментов, ќе остане запаметено во прв ред по девет нешта.

Создавање на историјата. Кога историчарите би напишале само една работа за Барак Хусеин Обама, тоа би било најверојатно фактот дека овој млад сенатор од сојузната држава Илиноис стана првиот црнокож претседател на САД, 44-от од основањето, и 143 години по укинувањето на ропството. Обама, тогаш 47-годишен, на својата инаугурација на 20-ти јануари 2009 година покажа голем говорнички талент промовирајќи ја својата порака за „надеж и промени“.

Меѓутоа, во текот на своите два претседателски мандата понекогаш тешко ги преточуваше своите поетични идеи во практика. Расните тензии не исчезнаа, напротив ескалираа до улични безредија незапаметени во последните неколку децении во САД. Но веќе и самиот негови избор за претседател ја потврди тезата за големите промени кои се одвиваат во американското општество.

Санирање на економијата. Во првиот мандат на демократот Обама доминираше економското потклекнување на САД, кое го наследи од републиканскиот претходни Џорџ В. Буш помладиот. Кризата на пазарот на недвижнини го покрена финансиското распаѓање коешто ги торпедираше банките и кредиторите на Волстрит и метастазираше во економска криза со глобални димензии од која сé уште некои земји ги чувствуваат тешките последици.

И покрај силната идеолошка опозиција за фискалните поттикнувања, Обама ги зголеми владините потрошувачи за спасување на американската економија на 831 милијарда долари. Последиците од таа криза се чувствуваат и денес, но невработеноста во Соединетите држава паѓа 75 месеци со ред,

Задоволување на правдата. „Вечерва можам да ги известам американскиот народ и светот дека САД изведоа операција во којашто е убиен Осама бин Ладен“, изговори Обама на 2-ри мај 2011 година, смирувајќи ги милионите Американци кои беа гневни и фрустрирани бидејќи најмоќната земја на светот не може да дојде до човекот одговорен за најголемиот терористички напад на американска територија од 11-ти септември 2001 година кога загинаа околу три илјади луѓе.

Оваа рискантна операција изведена во Аботебад, во Пакистан, од страна на американските специјалци стана типична за пристапот на Обама во антитерористичкото дејствување, коешто вклучуваше напади со беспилотни летала и вооружени ненадејни упади. Во времето кога ја напушта должноста, Ал Каеда и нејзините ќелии се значително ослабени, тврдат безбедносните експерти. Но од неа во времето на неговиот втор мандат произлезе новата светска терористичка закана исклучително бруталната ултрарадикална сунитска мрежа Исламска држава која и воено се докажа заземајќи на средината од неговиот втор мандат територија со големина на Велија Британија во Сирија и во Ирак. И сé уште не е поразена и покрај двете години постојано американско бомбардирање.

Проблеми во Конгресот. „Една од ретките работи во текот на моето претседателствување за коишто жалам, е што злобата и сомневањата меѓу партиите се влошија наместо да се подобрат“, призна Обама во својот последен традиционален говор за состојбата на нацијата.

Откако беше избран на претседателската должност, републиканците во Конгресот се обврзаа дека ќе му се спротистават со сите средства. Обидите да го затвори злогласниот затвор Гвантанамо на Куба, каде се затворени осомничени за тероризам без судски процеси и подигнати обвиненија, и да воведе контрола врз поседувањето на огнено оружје меѓу обичните Американци, дури и по масакрот на ученичињата во Сенди Хук, не успеаја токму поради партиска поларизираност.

Договорот со Иран. Вашингтон повеќе од две децении преземаше акции и воведуваше санкции за да го спречи Техеран наводно да развие нуклеарно оружје. Обама се обиде тоа да го стори со поинаков пристап, водејќи преговори во тајност со оваа исламска република, еден од најголемите непријатели на американските сојузници на Блискиот исток.

Резултатот на тоа беше договорот од зимата 2015 година, меѓу Иран и шесте светски сили, петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција плус Германија, со кој властите во Техеран се обврзаа дека ќе го запрат своето напредување до можната точка за изработка на нуклеарно вооружување, во замена за значително укинување на децениските економски санкции и добивање, до одреден степен, меѓународен легитимитет.

Но овој договор ги влоши американските односи со заколнатите ирански непријатели Израел и Саудиска Арабија. Сепак, со овој договор случен во Виена, Обама смета дека е спречена трката во нуклеарно вооружување на Блискиот исто, и ублажени се тензиите меѓу САД и Иран кои траат од Исламската револуција во 1979 година.

Повлекувањето од интервенцијата во Сирија. Ниедна меѓународна криза не претставуваше толку голем тест за надворешната политика на Обама и неговото високо поставување на прагот за воени интервенции, како судирот во Сирија.

Дури и кога беше инсинуирано дека сирискиот претседател Башар ал-Асад ја минал „црвената линија“ на Обама и наводно употребил хемиско оружје, што требаше да ја повтори западната интервенција предводена од американската администрација интервенција од Либија во 2011 година, личноста којашто стапи на должноста како противник на војните одби да интервенира во таа блискоисточна земја.

Сирија ќе продолжи да биде во криза уште многу години, а критичарите исто толку долго ќе разговараат дали таа одлука на Обама била разумна и до кое ниво таа одлука му наштетила на американското реноме, наводно ѝ дозволила на Исламската држава да се прошири и да го покрене бранот имиграции кој ја дестабилизираше Европа и им овозможил на Русија и Иран да ги прошират своето влијание во регионот.

Сепак, за волја на вистината Обама ги подготви вооружените сили за интервенција, но изостана поддршката од јавностите во европските сојузници, а сирискиот руски сојузник испрати напредни ракетни системи кои секако беа закана за американските воздушни мисии. Москва потоа дури една година откако Вашингтон ги презема операциите во Сирија против џихадистите директно се вклучи во сирискиот конфликт што доведе до нов пораст на тензиите веќе вжештени поради украинската криза.

Климатскиот договор. По климатскиот скептицизам на Џорџ В Буш помладиот, осумте години на Обама на претседателската должност ќе останат одбележани и по носењето на големиот број закони за екологијата со кои се заштитени морските екосистеми, се намалуваат емисиите на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина и го поддржа развојот на обновливите извори на енергија.

Обама во обидот да ги врати еколошките теми во дискурсот на американската политика планинареше на глечерите на Алјаска, нуркаше на островот Мидвеј и ја подбутнуваше ратификацијата на Парискиот договор за климата. Се очекува дека неговиот наследник Доналд Трамп ќе ги поништи повеќето закони на Обама, поради што прашање е колку долго ќе трае неговата еколошка оставина.

Обамакер. Некои од демократите со години безуспешно се обедуваат на Американците да им пружат некој вид универзална здравствена заштита. Ниту Обама не успеа баш во тоа, но сепак го прошири здравственото осигурување на дваесетина милиони Американци кои претходно го немале.

Републиканците овој закон за достапна медицинска грижа, кој стана познат како Обамакер, го прогласија за своевидна инкарнација на социјализмот, и во еден момент тврдеа дека со него ќе се создадат „листи за смрт“. Но не успеаја да го спречат, што можеби нема да може да се каже за Трамп, кој веќе го критикуваше како „ниту ефикасен, ниту достапен“.

Запознавање на соседите. Патувањето на Обама на Куба можеби ќе биде запаметено како и посетата на Ричард Никсон на Кина, но тоа всушност беше дел од стратегијата на пошироката политика за подобрување на односите меѓу САД и Латинска Америка.

Повторното јакнење на левичарите во регионот ги заживеа сеќавањето на „јенкиевскиот империјализам“, пучевите кои САД ги поттикнуваше и организираше, одредите на смртта и интервенциите.

Обама само откако мина сто дена на претседателската должност на самитот на двете Америки порача дека САД се промениле. Тој пристап подоцна требаше на лидерите како Уго Чавез да им ги одземе аргументите за антиамериканизам.

Обама се ракуваше со Чавез, се сретна со долгогодишниот никарагвански претседател и револуционерен водач Даниел Ортега, и го посети гробот на популарниот салвадорски свештеник кого го убија одредите на смртта поврзани со САД. Исто таа, ги призна „грешките“ околу пучот со кој во Чиле беше поставен диктаторот Аугусто Пиноче, објави документи кои ја откриваат американската вклученост во војната на Аргентина, и воспостави по повеќе од половина век дипломатски односи со Куба. Сепак, латиноамериканските престолнини не престанаа да го обвинуваат Вашингтон и во времето на Обама за субверзии и поткопувања на нивните системи

Меѓутоа, мора да се одбележи дека тука станува збор за работи кои се оценуваат како позитивни, кога ќе се изземат мега скандалот со масивното прислушување од американското разузнавање на милиони луѓе низ светот, вклучително и сојузниците, Арапската пролет, уделот во украинската криза, губењето на турскиот сојузник итн.


Спонозорирани линкови

Маркетинг