Талибаните објавија видео со двајца заложници

Макфакс

12/01/2017

09:54

627

Големина на фонт

а а а

Талибаните објавија видео со двајца заложници, Австралијанец и Американец, кои биле киднапирани во Авганистан минатата година, објави BBC.

Американецот Кевин Кинг и Австралијанецот Тимоти Викс биле професори на Американскиот универзитет во Кабул, во Авганистан.

Тие беа киднапирани од своето возило надвор од универзитетот, од страна на вооружени лица облечени во униформи на безбедносните сили. Инцидентот се случи во август минатата година.

Подоцна тој месец Пентагон тврдеше дека американските сили во Авганистан не успеале во обидот да ги спасат двајцата професори.

Во видеото, кое наводно е снимено на 1.јануари и подоцна објавено на интернет, двајцата заложници велат дека се чувствуваат добро.



Но, двајцата апелираат до новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да понуди размена на затвореници за нивното ослободување, додавајќи дека тие ќе бидат убиени ако тој одбие да преговара.

Американскиот Стејт департмент одби да го коментира видеото или да ја потврди неговата автентичност, туку само го “осуди” чинот на земање заложници, пренесува BBC.

Министерството за надворешни работи на Австралија изјави дека “Австралиската влада е во тесна соработка со други влади со цел да издејствува ослободување на австралискиот професор киднапиран во Авганистан во август 2016 година”, но одби дополнително да коментира “во интерес на неговата безбедност и благосостојба“.


Спонозорирани линкови

Маркетинг