Сами и изолирани: Еве зошто Курдите се најголемите жртви на примирјето во Сирија

Точка

12/01/2017

12:11

2993

Големина на фонт

а а а

Договорот на Русија и Турција, како и слабата вклученост на САД во преговорите, ги загрозија плановите на Курдите и ги поставија во незавидна ситуација.

Иако објавата на почетокот на примирјето во Сирија на 30-ти декември минатата година донесе одредено олеснување кај голем број на Сиријци, тркалото на среќата за одредени сили се сврти кон полошо.

Прекинот на огнот кој што беше договорен од страна на руските и турските власти ги вклучува и преговорите кои што треба да се одржат во казахстанската престолнина Астана, пред женевскиот мировен процес да биде продолжен на 8-ми февруари.

Иако Анкара поради усогласување на односите со Москва мораше да ја откаже поддршката за одредени групи кои што се борат на теренот, се чини дека најголемите губитници во целата оваа ситуација во Сирија се курдските борци.

До неодамна, Русија и Турција се наоѓаа на спротиставените страни во сирискиот конфликт. Додека Москва активно го поддржуваше режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад и ја вооружуваше Сириската арапска армија, Анкара на чело со турскиот претседател Ердоган беше децидна во ставот дека Асад мора да замине од власт и ги поддржуваше бунтовничките групи.


Сепак, одредени неодамнешни случувања ја променија ситуацијата во Сирија, а работите се свртеа кон полошо само за Курдите кои што беа можеби и најефикасната борбена сила против џихадистите на Исламската држава.

„Примирјето значи дека Москва и Анкара се договориле Турција да ги затвори границите за бунотвниците и да престане да им дава помош, додека за возврат, Русија ќе помогне во спречувањето на обединувањето на курдските територии“, вели Фабрис Баланш, професор на Универзитетот во Лион.

Откако најголемата курдска партија во Сирија – PYD кон средината на март минатата година објави дека регионот на Сирија кој што претежно е населен со курдско население е федрален ентиет, нивното самопрогласување го отфрлија како бунтовниците, па така и Дамаск, Вашингтон и Анкара.

Сирискиот претседател Башар Ал Асад тој потег на Курдите го окарактеризира како „незаконска акција која што го загрозува територијалниот интегритет на земјата“.

Откако во меѓувреме „заколнатите непријатели“, Турција и Русија ги зближија односите и "големиот борец против џихадизмот" Владимир Путин ги затвори очите пред наводните докази кои што ги пласираа неговите медиуми за поврзаноста на Ердоган со Исламската држава. Во тој случај, единствениот губитник на теренот испадна дека се Курдите.


„Курдите се обидоа да ги одржат своите добри односи со САД и Русија, но денес тие се плашат да соработуваат со Русија затоа што се плашат од Асад. Истовремено, меѓутоа, тие исто така не се сигурни дали САД може да ги заштити од Ердоган“, изјави Баланж за Middle East Eye

Иако е евидентно дека курдската позиција без поддршката на САД е многу послаба, советникот на PYD, Сиханок Дабо смета дека ситуацијата се нема променето драстично: „Моменталниот вакуум во американската администрација не може да се протолкува како знак дека САД се маргинализирани. Сигурни сме дека Вашингтон и Москва ќе учествуваат како земји кои што гарантираат решавање на кризата“, смета Дабо.

Кон крајот на декември, сириските курдски групи одобрија план со кој што ја зацврстуваат својата власт на северот на Сирија, иако велат дека независноста не е главната цел. Меѓутоа, и покрај тоа што се оптимисти, ситуацијата за Курдите на северот на Сирија е посебно незгодна затоа што борците се чувствуваат дека се предадени од Американците.


Сириската војска соопшти неодамна дека курдските сили ќе мора во следната фаза од војната да ја предадат контролата над териториите на властите од Дамаск, и ги повикаа да се приклучат во борбата против бунтовниците.

Истовремено, силите кои што ги поддржува Турција напредуваат во операцијата „Штитот на Еуфрат“ чија што главна цел сепак е Курдите да се „избркаат“ од областа во близина на сириско-турската граница. Доколку овие сили го освојат Ал-Баб, потоа ќе тргнат и на Манбиџ и така ќе ја елиминираат можноста Курдите да се спојат со областите Африн и Кобане, по што сонот за автономна курдска област ако не биде уништен, ќе биде одложен на неопределно време.


Спонозорирани линкови

Маркетинг